Бројчаник (телефонски)

Бројчаник[1] – компонента на телефонот со кој се остварува сигналната технологија во телекомуникациите позната како импулсно бирање. Се користела при иницирање телефонски повик за пренос на повиканиот телефонски број до телефонската централа.

Традиционален северноамерикански телефон со бројчаник. Придружените букви кои првично се користеле за бирање на централата (по име) биле задржани бидејќи го олеснувало памтењето на телефонските броеви.

На бројчаникот, цифрите се подредени во круг така што тркалото може да се врти со еден прст од позицијата на секоја цифра до фиксната крајна позиција, која е механичка препрека за понатамошно вртење.

Кога бројчаникот ќе се на крајната позиција, тркалото се враќа во првобитната позиција со помош на пружина со регулирана брзина од посебен уред. За време на враќањето, се прекинува директната електрична струја во телефонската линија (локална јамка) определен број пати за секоја цифра и се генерираат електрични импулси кои телефонската централа ги декодира во соодветната избрана цифра. Секоја од десетте цифри се кодира во секвенци од еден до десет импулси, па оваа метода се нарекува и декадно бирање.

Првиот патент за бројчаник му припаднал на Алмон Браун Строуџер (29 ноември 1892), но општопознатиот бројчаник познат по дупките за прст на тркалото бил воведен околу 1904 година. Додека системот на бирање со бројчаник се користел во независните телефонски компании, ова бирање во Бел систем во Соединетите Американски Држави било воведено дури во 1919 година со имплементирањето на централите Вестерн електрик 50АЛ.[2]

Во Македонија бирањето со бројчаник било воведено во 1940 година кога биле пуштени во работа автоматските телефонски централи во Скопје и Куманово.[3]

Од 1980 година, бирањето со бројчаник постепено се заменувало со тонско бирање со тастатура, кое првпат било воведено на Светскиот саем во 1962 година. Тонското бирање примарно користело тастатура во форма на правоаголник од копчиња за бирање.

Во Македонија, тонското бирање било воведено на почетокот на 1980-тите години со имплементирањето на телефонските централи Метаконта и AXE[4], при што бројот на корисници кои можеле да користат тонско бирање бил многу мал во однос на вкупниот број корисници. На почетокот на 1990-тите години било имплементирано решение со кое сите корисници приклучени на централите Метаконта можеле да користат тонско бирање, а со воведувањето на дигиталните централи исто така сите корисници приклучени на нив можеле да користат тонско бирање.

Ериксонов телефон со бројчаник од 1960-тите кој останал популарен до 1980-тите години

Наводи уреди

  1. „бројчаник“Дигитален речник на македонскиот јазик
  2. Roberts, William Lee. „A look at the evolution of the Dial Telephone“. Посетено на 15 January 2016.
  3. Костовски, Ристо (1998). Македонска пошта Македонски телекомуникации. Книгоиздателство Ми-Ан. стр. 80. ISBN 9989-613-03-6.
  4. Костовски, Ристо (1998). Македонска пошта Македонски телекомуникации. Книгоиздателство Ми-Ан. стр. 146. ISBN 9989-613-03-6.

Надворешни врски уреди