Брашното, кое е состојка на многу прехранбени производи, е фин прав добиен со мелење на жито или други јадливи растенија кои содржат скроб.

Примитивен жрвањ за мелење на житарки (берберско село, Тунис).

Најчесто брашното се произведува од пченица, па зборот „брашно“ без означување на видот подразбира пченично брашно. Освен од пченица, се изработува и од пченка, ‘рж, јачмен, овес, наут, костен, просо, ориз и др. Тоа се прави и од незрнести култури - соја, компир, хелда, тапиока, кикирики, бадем и сл. Грубо мелените плодови се нарекуваат гриз (понекогаш и крупица).

Пченичното брашно е едно од најважните намирници во европската и американската култура и важна состојка во многу видови на леб и тесто.

Пченичното брашно содржи белковина наречена глутен, која му дава на тестото еластична структура.

Произведување уреди

Порано брашното се добивало во воденици со мелење меѓу два млински камења од кои еден бил подвижен. Млинот се придвижувал со слободниот пад на водата на точката која придвижувала, преку преносниот механизам - млинскиот камен.

Денес постојат млинови кои работат на пареа, како и електрични млинови со далеку поголем капацитет. Во млиновите брашното се сее и се пакува во вреќи.

При индустриското производство на брашно, брашното за купувачот се добива со мешање на различни видови брашно кои се добиваат од различни видови на жито. Поквалитетните („тврди“) жита даваат помали приноси, па затоа се и поскапи. На овој начин брашното се типизира, слично како што и млекото се типизира врз основа на одреден процент на масленост (на пример, 2,8%).

Брашно се произведува во текот на целата година. По жетвата, житото се чува во силоси, од каде по потреба се вади и се меле. Според ова, најдобро е да се купува брашно пред жетвата, бидејќи тогаш тоа има најмал процент на влага, односно поминало доволно време за да се засуши.

Видови брашно уреди

Во зависност од „тврдоста“ на житото, постојат меки (за леб, пред сè) и тврди брашна (за колачи).

Во зависност од големината на окцата на ситото, брашната се повеќе бели или потемни. Побелото брашно се состои само од житното јадро, односно во него не се среќава обвивката од зрното. Тоа се брашна од тип-400 или тип-500. Овие брашна немаат витамини и минерали како црните брашна од тип-800 или тип-1100.

Типот на брашно се утврдува со спалување на истото во калориметар и процентот на пепел кој останува при согорувањето. На пример, во брашното тип-400 има 0,4% пепел, во тип-500 0,5% пепел итн.

Брашното како тема во уметноста уреди

  • „Брашно и ѕвезди“ - песна на македонската поетеса Николина Андова од 2013 година.[1]
  • „Брашно се сеит тој мило мале“ - македонска народна песна.[2]

Наводи уреди

  1. Николина Андова, Влезот е од другата страна, Темплум, Скопје, 2013.
  2. Блаже Тренески, Стојна ситноода. Скопје: Студентски збор, 1981, стр. 79.

Надворешни врски уреди