Блаже Крстев ( 1873, Бирино, Крушевско - 31 мај 1911, Журче, Демирхисарско), со псевдоним Биринчето[1] — македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член и војвода на Македонската револуционерна организација.[2]

Блаже Крстев
Роден 1873
Бирино, Крушевско
Починал 31 мај 1911
Журче, Демирхисарско

Животопис уреди

Крстев е роден во Бирино, Крушевско и се вклучил со ТМОРО како организатор и водач. Пред Илинденското востание формирал своја чета со четници од своето село. За време на Илинденското востание, на самиот ден 2 август 1903 година Биринчето заедно со здружените чети на Иван Наумов Алабакот ја нападнал и освоил Крушевската касарна. По освојувањето на градот Крстев со својата чета се борел заедно со четите под раководство на Питу Гули во падините на Крушево и одбиле 6 турски напади кои завршиле со огромни губитоци за Турците.

По Илинденското востание, Крстев бил еден од малкуте што останале меѓу народот и правел подготовки за нова борба. Во крајот на 1904 година се вклучил во четата на неговиот соборец од востанието Иван Наумов Алабакот и заминале заедно во Велешко за да се борат против четите на Српскиот четнички покрет кои се појавиле таму веднаш по Илинденското востание.

Во 1905 година заедно со големата здружена чета на Ѓорѓи Сугарев и Иван Наумов Алабакот во Порече и Азот (Велешко) ја извршиле познатата акција против Српските четници. По разочарувањето од Младотурците, Крстев продолжил со борбата, формирајќи реонска чета.

Загинал на 31 мај 1911 година со турскиот аскер кај селото Журче, Демирхисарско [3][4].

Наводи уреди

  1. Псевдонимите на ВМРО, Ангел и Христо Узунови, Серија, „Архивата на Ангел Узунов“, Државен Архив на Република Македонија, Скопје, 2015, стр. 75
  2. Максим Стојановски Блаже Крстев-Биринчето: крушевски војвода, Битола, 1983.
  3. Стефанов, Алексо. Революционната дейност в Демирхисар
  4. Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893-1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001, стр. 19.