Благоја Корубин (Прилеп, 1 март 1921 - Скопје, 17 февруари 1995) — македонист, национален деец, првоборец во НОБ, филолог, преведувач, научен советник, истражувач и раководител на Одделението за современ македонски јазик при Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“.

Благоја Корубин
Благоја Корубин во младоста
Роден/аБлагоја Корубин
1 март 1921
Прилеп, Македонија
Починат/а17 февруари 1995
Скопје, Македонија
Занимањемакедонист, филолог, публицист, преведувач и професор
НационалностМакедонец
Образованиедипломиран филолог
Жанрлингвистика, филологија, политика и аналитика
Предметмакедонска историја, филологија, етнографија, аналитика и политика

Рани години уреди

Основно училиште и гимназија завршил во Прилеп. Како член на Литературната секција во гимназијата го напишал и првиот прозен состав на српски јазик „Живот у Прилепу и околини“ (1937/1938). Бил член на воспитна група за кандидати за СКОЈ, на која Борка Талески им држел предавања за македонското национално прашање. По обуката станале членови на СКОЈ (1938/1939), а по матурирањето и членови на КПЈ (јуни 1940). Наскоро бил избран и за член на МК на СКОЈ во Прилеп, кој често организирал младински излети со културна и политичка програма, за кои составувал музичко-поетски хумористично-сатирични песни. Станал истакнат национален комунистички активист и организатор. Месниот комитет на СКОЈ, во кој членувал, ја организирал и Илинденската демонстрација во Прилеп (1940). Потоа заминал на студии на Педагошката група на Филозофскиот факултет во Скопје (1940/1941). Тука формирал македонска група од 15-18 членови на КПЈ и на СКОЈ, а во студентскиот дом каде што живеел бил еден од уредниците на Ѕидниот весник, каде што објавувал свои политички написи и афирмативен напис за македонскиот јазик од Нула Кацаволу.

Со подоцнешниот проф. д-р Панче Кировски ја превеле од француски на македонски јазик публикацијата „Прашањата на ленинизмот“ од Јосиф Сталин. Истовремено ја раководел и скоевската група во средното техничко училиште во Скопје, а бил задолжен за стручна помош и на партиската ќелија во работилницата на Папатеодоси и на ќелијата на шивачките работници. Кога бил направен обид за повторно издавање на весникот „Наша реч“ (јануари или февруари 1941), влегол во редакцијата заедно со Дејан Алексиќ и Антун Колендиќ и ја напишал уводната статија за првиот број.

По потпишувањето за пристапувањето на Кралството Југославија кон Тројниот пакт, вечерта на 26 март скопските студенти излегле на скопското корзо со пароли против пактот и војната. По говорите на А. Колендиќ и Филимена Михајлова, по барање на демонстрантите тој говорел на македонски јазик, поради што морал да се спасува со бегство од режимските агенти.

Втора светска војна уреди

По фашистичката окупација станал борец на Првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“ и учествувал во првата востаничка акција на Денот на востанието на македонскиот народ. Наскоро потоа бил уапсен и осуден, па целиот период на НОБ го минал во Скопскиот затвор (14 мај 1941 – мај 1943 и јуни 1943 – септември 1944) и во затворот во Хасково (мај–јуни 1943). Тука ја напишал зачуваната „Песна на скопските затвореници“ (кон крајот на 1941). Во просторијата во која биле сместени околу 60 затвореници од Македонија и Јужна Србија, тогашниот секретар на ПК на КПЈ за Македонија Лазар Колишевски формирал затворско партиско раководство, во кое бил и Корубин како одговорен за организацијата на културно-забавниот живот. За потребите на приредбите што ги организирале, тој напишал и други песни, „врапчиња“ и биле изведувани драмски текстови во проза и во стихови.

Повоен период уреди

По Ослободувањето извесно време работел во Прилеп, а потоа во Скопје како јазичен уредник во Издавачкото претпријатие „Култура“ (1946) и во Институтот за здравствено просветување на СРМ како раководител на Одделот за печат (1946-1953).

На еден конкурс ја освоил првата награда за расказот „Првите излегуваат“ (1947). Во меѓувреме ги продолжил студиите на Филозофскиот факултет (група за македонски јазик) во Скопје (1947/1948) и бил репресиран по Резолуцијата на Информбирото (1948). По дипломирањето (1952) преминал на работа како асистент во Одделението за јазик на Институтот за фолклор (во јануари 1953), по два месеци осамостоен како Институт за македонски јазик, од каде што, како раководител на Одделението за современ јазик (1965-1986), заминал во пензија (1986).

Активности уреди

Бил долгогодишен претседател на Друштвото на литературните преведувачи на Македонија (1959-1966) и на Сојузот на друштвата за македонски јазик на Македонија. Автор е на стручни и научни книги, голем број статии, сеќавања, прозни состави, четири стихотворби и други прилози. Бил посебно посветен во истражувањата на практиката на македонскиот јазик и повеќе децении ја уредувал рубриката „Јазично катче“ на дневниот весник „Нова Македонија“ и бил долгогодишен уредник на списанието „Македонски јазик“ и „Литературен збор“.

Наводи уреди

  • Македонска Енциклопедија. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. 2009. стр. 739–740. ISBN 978-608-203-023-4.

Поврзано уреди

Надворешни врски уреди