Биметалистички стандард

Биметалистички стандард или биметализам — облик на златен стандард во кој вредноста на домашната валута е врзана истовремено и за златото и за среброто. Биметализмот бил најразвиен во Франција, која го напуштила во 1878 година. Тој бил во употреба и Велика Британија до 1816 година, кога парламентот го забранил слободното ковање сребрени пари и дозволил само ковање златни пари. Во САД, биметализмот бил воспоставен со Законот за ковање (The Coinage Act) од 1792 година, а со разни прекини се применувал до 1873 година, кога Конгресот го избришал среброто од списокот на монети.[1]

Златна монета 20 франци и сребро 5 франци, период на Втората Француска Република. Тежина 6,41 и 24,94 g.

Опис и одлики уреди

Во биметализмот, вредноста на домашната валута е утврдена во однос на златото и на среброто. На пример, во САД, пред Граѓанската војна, еден сребрен долар вредел колку 371,25 зрна сребро (едно зрно = 1/48 унци), а еден златен долар вредел колку 23,22 зрна злато. Сето тоа значело дека еден златен долар вредел колку 16 сребрени долари. Притоа, валутата направена од злато и од сребро служела како законско средство за плаќање. Предноста на биметализмот се состоела во тоа што ја намалувала нестабилноста на цените во споредба со ситемот во кој функционираат пари изработени само од еден метал. Имено, ако златото станело ретко, тогаш земјата ковала пари од сребро и тоа спречувало да дојде до намалување на паричната маса и на цените. Меѓутоа, главниот проблем на биметализмот се состоел во тоа што водел кон истиснување на повредниот метал од прометот. На пример, ако пораснела цената на златото во однос на среброто, луѓето го користеле златото за да купат сребро, а потоа, среброто го претворале во пари по службениот курс. Така, златото исчезнувало од прометот во кој останувале само сребрените пари. Обратно се случувало ако дошло до пораст на цената на среброто во однос на златото.[2] Оваа појава е позната како Грешамов закон според кој „лошите“ пари (парите кои ги има во изобилство) ги истиснуваат од прометот „добрите“ пари (парите кои се ретки).[3]

Наводи уреди

  1. Cheol S. Eun and Bruce G. Resnick, International Financial Management. Boston etc.: Irwin/McGraw-Hill, 1998, стр. 32-33.
  2. Paul R. Krugman and Maurice Obstfeld, International Economics: Theory and Policy (sixth edition). Boston etc. Addison-Wesley, 2002, стр. 516.
  3. Cheol S. Eun and Bruce G. Resnick, International Financial Management. Boston etc.: Irwin/McGraw-Hill, 1998, стр. 33.