Како што е често случај после голема војна, крајот на Втората светска војна довел до експлозија на наталитетот во многу земји, особено во Европа, Азија, Северна Америка и Австралија. Оваа експлозија во наталитетот го добила името бејби-бум (англ. baby-boom — „бебешки бум“) од еден напис на Силвија Ф. Портер, колумнист на Њујорк Пост.[1] Периодот кој обично се смета за бејби-бум по Втората светска војна е од 19461964. Само во САД, околу 76 милиони бебиња се родени во тој период. Во 1946, бројот на новородени пораснал од 222.721 во јануари на 339.449 во октомври. До крајот на 1940-тите се родиле околу 32 милиони бебиња, споредено со 24 милиони во 1930-тите. Во 1954 г., годишната стапка на раѓања надминала 4 милиони и останала на тоа ниво до 1965 г., кога 40% од населението било на возраст под 20 години.[2]

Причината за настанувањето на оваа експлозија во наталитетот биле претходните 20 години во кои одгледувањето деца било отежнато поради Големата криза и Втората светска војна. Порастот на наталитетот го одразувал подобрувањето на социјалните и економските услови кои претходно ги оневозможувале луѓето да основаат семејства.[3]

Многу европски земји, Австралија и Нов Зеланд исто така искусиле експлозија на наталитетот. И во Република Македонија е регистриран пораст на наталитетот во истиот период.[4]

Експлозијата во наталитетот довела до создавање на една цела генерација на популација која одиграла позитивна улога во економскиот развој, во културата, и во општествениот развој на матичните земји.

Наводи уреди

  1. From "Babies Equal Boom", New York Post, 4 мај, 1951.
  2. Figures in Landon Y. Jones, "Swinging 60s?" in Smithsonian Magazine, January 2006, pp 102–107.
  3. „Comparisons of 20th Century U.S. Population Growth by Decade“. Архивирано од изворникот на 2008-02-29. Посетено на 2008-02-17.
  4. „Завод за статистика на РМ“.