Беровски женски манастир

манастир во Македонија
Ова е статија за женскиот манастир во Берово. За машкиот видете тука

Беровскиот женски манастир — манастир кој се наоѓа во Берово. Најпознат е по тоа што тој е единствениот манастир во Македонија во кој се прават мозаици.[1]

Беровски женски манастир

Поглед на манастирот

Македонска православна црква
Епархија Струмичка
Местоположба
Населено место Берово
Општина Берово
Држава Македонија
Општи информации
Покровител Архангел Михаил
Архитектонски опис
Портал

Легенда за изградбата уреди

За градењето на црквата и манастирот нема посигурни историски податоци. За тоа постои една легенда:

  • Во почетокот на XIX век Берово било селска населба со околу двесте куќи и само со една мала и дотраена црква. Затоа тогашните поугледни беровчани решиле да изградат нова црква на местото наречено Могила. Парохискиот свештеник, поп Пецо, бил задолжен да обезбеди дозвола за градба од Уќуматот што се наоѓал во Радовиш. Валијата дал дозвола за градба, но под многу тешки, речиси неостварливи услови. Имено, црквата да биде изградена ниско под нивото на патот и да не се гледа, градењето да заврши за четириесет дена, а поп Пецо, најмалата своја ќерка, Султана, да ја даде во харемот. Условите не ги обесхрабриле беровчани во нивната намера. Со голем труд и пожртвуваност на верниците црквата била изѕидана и покриена со камени плочи за четириесет дена. За да не биде забележлива, надворешниот ѕид бил премачкан со саѓи и со вар. Кога видел валијата дека црквата е изградена над земјата по истекувањето на рокот, многу се налутил, и наредил тројцата црковни настојници веднаш да бидат убиени пред црквата, а бидејќи Султана избегала во Ќустендил, поп Пецо бил затворен. Тој бил пуштен од затвор по три години, а неговата ќерка се вратила во Берово кога разбрала дека комитите го убиле валијата.[2].

Темелите на првиот женски манастир во Берово се подигнати дваесет години по изградбата на манастирската црква (околу 1840 г.). Првите калуѓерки во манастирот биле снаата и ќерката на поп Ристо, зет на поп Пецо. Тие се замонашени со благослов на игуменот на Рилскиот манастир. Во својот најголем подем, а тоа е во првата половина од XIX век, манастирот броел и до шеесет монахињи, со развиена богата економија, богословско училиште, ткајачница. Првата монофазна хидроцентрала во овој крај била манастирската.

Манастирот денес е еден од малкуте во земјата каде непрекинато се одвива монашки живот од своето градење.

Објекти уреди

Главната манастирска црква е посветена на Архангел Михаил.Таа била изградена во периодот од 1815 до 1818 година. Осветена е во 1818 година, а на нејзиното осветување присуствувал и просветителот Јоаким Крчовски. Од првобитниот иконостас сочувана е само една икона со претставата на Светиот пророк Ное, дело на иконописецот Георги Велјанов од Струмица, изработена во 1818 година. Од 1899 до 1920 година во манастирот работел и зографот Гаврил Атанасов-Беровец. Целивната икона Успение на Богородица е дело на зографот Григориј Пецанов од Струмица, изработена во 1878 година.

Параклисот „Св. Григориј Палама и Старец Јосиф Исихастот“ или Зимската црква е објект од понив период. Комплетно е завршен во 2014 година.[3] Иконостасот и целивалните се дело на беровскиот иконописец и копаничар Ванчо Чаушовски.

Галерија уреди

Наводи уреди

  1. Сестринството отвори галерија на мозаици. Архивирано од изворникот на 2014-11-18. Посетено на 2014-11-16.
  2. „Берово - манастир Свети Архангел Михаил“. Посетено на 17 април 2013.
  3. Нов параклис во манастирот „Св.Архангел Михаил" во Берово. Архивирано од изворникот на 2014-04-24. Посетено на 2014-11-16.