Белица (Порече)

село во Општина Македонски Брод

Белица — село во Општина Македонски Брод, во областа Порече, во околината на градот Македонски Брод.

Белица

Панорамски поглед на селото Белица

Белица во рамките на Македонија
Белица
Местоположба на Белица во Македонија
Белица на карта

Карта

Координати 41°40′33″N 21°18′15″E / 41.67583° СГШ; 21.30417° ИГД / 41.67583; 21.30417
Регион  Југозападен
Општина  Македонски Брод
Област Порече
Население 37 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 6533
Повик. бр. 045
Шифра на КО 03002
Надм. вис. 550 м
Белица на општинската карта

Атарот на Белица во рамките на општината
Белица на Ризницата

Потекло на името уреди

Името на селото првпат е споменато како „Белица“ во турски документи од 1468 година. Името потекнува од бел, семантички еквивалент на „Бела Река“. Преземено од хидронимот Белица, настанат од придавната синтагма „Бела (Вода)“ од бел „кој има боја на снег, на млеко: прозрачен, чист“.[2]

За името Белица постојат две теории, едната вели дека поради белата бистра река се нарекло Белица, а додека другата теорија вели дека село е наречено по легендата за некоја девојка Белаица, која во тој период требало да се потурчи, не не прифатила и се фрлила во реката и по тоа селото и реката го носат името Белица.

Географија и местоположба уреди

 
Белешница пред вливот во Треска

Селото се наоѓа во областа Порече, на крајниот источен дел од Општина Македонски Брод, чиј атар високо се издига меѓу планините Караџица и Даутица.[3] Селото е рамнинско, на надморска височина од 550 метри. Од градот Македонски Брод е оддалечено 34 километри.[3]

Белица има еден од поголемите атари по површина во Македонија, со вкупна големина од 89 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 3.029,8 хектари, потоа следат пасиштата на површина од 1.632 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 145,4 хектари.[3]

Низ селото тече реката Белица, којашто е притока на реката Треска. Реката претставува заштитен споменик на природата.

Во близина на селото постојат бројни подземни пештери, кои изобилуваат со внатрешна пештерска кореографија, како што се пештерите: Момичак, Лапарница и Гулубарница.

Селото се дели на две маала: Долна и Горна Белица, кое пак е дополнително раситнето на неколку подмаала.

Историја уреди

Белица во минатото се викала Виниче но поради некоја болест населението во него изумрело. Подоцна, селото настанало со доселување од неколку села, како од селата: Бенче, Рамне и еден мал дел од Локвица.

Во XIX век, Белица било село во Поречката нахија на Кичевската каза на Отоманското Царство.

Вкупно 4 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[4]

Стопанство уреди

Селото има мешовита земјоделска функција.[3]

Население уреди

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948368—    
1953415+12.8%
1961376−9.4%
1971359−4.5%
1981241−32.9%
ГодинаНас.±%
1991170−29.5%
1994146−14.1%
2002106−27.4%
202137−65.1%

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Долна Белица имало 26 жители, а во селото Горна Белица имало 180 жители, сите Македонци.[5] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Белица имало 320 жители.[6]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Белица се води како чисто македонско село во Кичевската каза на Битолскиот санџак со 16 куќи.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 350 Македонци.[8]

И ова село, како и сите останати во општината, било зафатено со миграциските движења. Во 1961 година, Белица броела 376 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 146 жители, македонско население.[3]

Според пописот од 2002 година, во селото Белица имало 106 жители, сите Македонци.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 37 жители, од кои 36 Македонци и 1 лице без податоци.[10]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 206 320 368 415 376 359 241 170 146 106 37
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]

Родови уреди

 
Артефакт од археолошкото наоѓалиште Миткороен во селото претставен во Најмалиот етнолошки музеј на светот во селото Џепчиште

Белица е македонско село.

Според истражувањата од 1926 година, родови во Белица се:

  • Доселеници: Павлевци (11 к.), Анѓелевци (11 к.), Соколевци (10 к.) и Милевци (1 к.), доселени се од селото Бенче, а во Бенче (според преданието) доселени се од Закамен; Димитриовци (7 к.), доселени се од Рамне каде припаѓале на родот Степановци, подалечно потекло од Закамен; Пројковци-Тремчевци (8 к.), доселени се од Локвица од родот Кусовци; Шкорлевци (1 к.), доселени се од Ново Село, родот таму е доселен од Скадар во Албанија; во долна Белица има две куќи од родот Анѓелевци.[15]

Општествени установи уреди

  • Поранешно основно училиште

Самоуправа и политика уреди

Селото влегува во рамките на Општина Македонски Брод, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што кон нејзе била придодадена поранешната Општина Самоков. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Самоков.

Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Модриште, во која влегувале селата Белица, Вир, Калуѓерец, Локвица, Могилец, Модриште и Црешнево.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Модриште, во која покрај селото Белица се наоѓале селата Брезница, Вир, Калуѓерец, Могилец, Модриште, Локвица, Тажево и Црешнево.

Во периодот 1955-1957, селото било дел од тогашната општина Манастирец.

Во периодот 1957-1965, селото се наоѓало во некогашната општина Брод.

Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Брод.

Избирачко место уреди

Во селото постои избирачко место бр. 0262 според Државната изборна комисија, кое е сместено во приватна просторија.[16]

На Локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 55 гласачи.[17] На Претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 48 гласачи.[18]

Културни и природни знаменитости уреди

 
Главната селска црква „Св. Пантелејмон“
Археолошки наоѓалишта[19]
  • Варница — некропола од доцноантичкото време;
  • Кале — градиште од доцноантичкото време;
  • Миткороен — утврдена населба од доцноантичкото време;
  • Ридот — населба од хеленистичкото и римското време, старохристијанска црква и некропола;
  • Столоватец — градиште од доцноримско време;
  • Глибовец — кастел од доцноантичкото време;
  • Аништа — некропола од средниот век; и
  • Влак — некропола од средниот век.
Цркви[20]
Пештери
  • Голубарник — позната е по специфичните лилјаци, уникатниот бисер и загадочниот човечки череп;
  • Лапарница — според категоризацијата на пештерите во Македонија, оваа пештера спаѓа во групата на забележителни пештери; и
  • Момичек — важи за една од наколоритните пештери во Македонија.
Реки
  • Белица — десна притока на Треска, заштитен споменик на природата

Личности уреди

Родени во или по потекло од Белица
  • Змејко Димитриоски (1861 - 1952), комита и војвода од село Белица[21]
  • Лозан Тримчески - комита од Отомаскиот период[21]
  • Сарафин Атанасоски - комита од Отомаскиот период[21]
  • Секула Цветаноски - комита од Отомаскиот период[21]
  • Младен Димитриовски - комита од Отомаскиот период[21]
  • Иво Миновски - комита од Отомаскиот период[21]
  • Пројко Тримчески - комита од Отомаскиот период[21]
  • Крсте Тримчески - комита од Отомаскиот период[21]
  • Мирче Ванески - учесник во Прва светска војна
  • Никола Венески - учесник во Прва светска војна
  • Алексо Крстески - учесник во Прва светска војна
  • Максим Момировски - учесник во Прва светска војна
  • Крсте Милошески (1909 - 1943) — загинат во НОБ.
  • Крсте Секулоски (1896 - 1944) — загинат во НОБ.
  • Ленка Милошеска (1911 - 1943) — загината во НОБ.
  • Атанаско од Соколевци - учесник во НОБ.
  • Илија Ванески - учесник во НОБ.
  • Стеван Ванески - учесник во НОБ.
  • Димко Михајлоски - учесник во НОБ.
  • Спасе Богатиноски - учесник во НОБ.
  • Цветко Трајкоски - учесник во НОБ.
  • Стојан Богески - учесник во НОБ.
  • Тале Аврамоски - учесник во НОБ.
  • Атанас Михајлоски - учесник во НОБ.
  • Стеван Велкоски - учесник во НОБ.
  • Иво Јовески - учесник во НОБ.
  • Мисајле Михајлоски - учесник во НОБ.
  • Душан Атанасоски - учесник во НОБ.
  • Драгутин Огненоски - учесник во НОБ.
  • Велимир Михајлоски - учесник во НОБ.
  • Стојко Аврамоски - учесник во НОБ.
  • Саве Андреески - загинат во НОБ во околината на село Групчин.
  • Дане Атанасоски - учесник во НОБ.
  • Богатин Богатиноски - Боце (1981 - 2021) - бранител во Конфликтот од 2001 година

Галерија уреди

Наводи уреди

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 45.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 24. Посетено на 4 септември 2017.
  4. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  5. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 258.
  6. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 154-154.
  7. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 36.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 4 септември 2017.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  12. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  13. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  14. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  15. Јовановиќ, Петар (1935). Порече. Белград: Српски етнографски зборник. стр. 323.
  16. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 16 октомври 2017.
  17. „Локални избори 2017“. Архивирано од изворникот на 2020-05-29. Посетено на 16 октомври 2017.
  18. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 5 мај 2019. Посетено на 5 мај 2019.
  19. „Археолошка карта на Република Македонија“, Том 2, издание на МАНУ, Скопје, 1996.
  20. „БРОДСКО АРХИЈЕРЕЈСКО НАМЕСНИШТВО  » Манастиречка парохија“. Дебарско-кичевска епархија. Архивирано од изворникот на 2012-06-14. Посетено на 2010-03-31.
  21. 21,0 21,1 21,2 21,3 21,4 21,5 21,6 21,7 Миноски, Наум (2008). Белица, Порече. Прилеп: Печатница „Гинис“ - Прилеп. стр. 34. ISBN 9989 - 767 - 40 - 8.

Надворешни врски уреди