Безистен

ориентален пазар

Безистeн (персиски - басистан, бедестен = покриена чаршија) – пазар под покрив, покриена чаршија[1]. Во исламската архитектура биле јавни градби, некој вид стоковни куќи, покриени чаршии во кои биле сместени занаетчиски и трговски дуќани.

Внатрешноста на битолскиот безистен
Капали чаршија во Истанбул

На Балканот, безистените ги донеле Турците. Биле градени во поголемите чаршии и со својата големина доминирале меѓу ситните дуќани. Заради страв од пожари кои биле главни непријатели на чаршијата, безистените биле градени од тврд материјал (камен и тули), а биле покривани со разни сводови и куполи. Надворешно покривот бил од олово, бакар и ќерамиди.

Спрема просторната концепција и основата, безистените може да се поделат на базиликални и поткуполни. Првите обично имале три брода, од кои средишниот бил повисок и обично поширок од бочните. Преку повисокиот дел над бочните бродови, безистенот добивал светлина. Средниот број е покриена улица, додека бочните бродови биле пониски и поделени на помали простори во кои биле сместени дуќаните. Сводовите на дуќаните по правило биле нормални на правецот на средниот брод, кој бил покриен со бочвест свод или низа куполи.

Поткуполните безистени имаат правоаголна основа поделена на квадратни полиња со еднакви големини покриени со куполи кои се потпираат на јаки квадратни столбови. Преминот од квадрат во кругот на куполата најчесто се состои од пандативи (дел од топчестиот свод меѓу големите лакови кои ја држат куполата). Дуќаните во базиликалните безистени се дефинирани со конструкцијата на ѕидовите и сводовите, додека во поткуполите биле дрвени и потпрени на внатрешните ѕидови и столбови.

Галерија уреди

Поврзано уреди

Надворешни врски уреди

  1. „безистен“Дигитален речник на македонскиот јазик