Бадар

село во Општина Петровец

Бадар (познато и како Бадер[2][3]) — село во Општина Петровец, во областа Скопска Блатија, во околината на градот Скопје.

Бадар

Поглед на дел од Бадар

Бадар во рамките на Македонија
Бадар
Местоположба на Бадар во Македонија
Бадар на карта

Карта

Координати 41°51′51″N 21°41′17″E / 41.86417° СГШ; 21.68806° ИГД / 41.86417; 21.68806Координати: 41°51′51″N 21°41′17″E / 41.86417° СГШ; 21.68806° ИГД / 41.86417; 21.68806
Регион  Скопски
Општина  Петровец
Население 122 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1043
Повик. бр. 02
Шифра на КО 25005
Надм. вис. 364 м
Бадар на општинската карта

Атарот на Бадар во рамките на општината
Бадар на Ризницата

Иако малку познато во јавноста, во близина на селото се наоѓа значајното археолошко наоѓалиште Бадеријана, од каде што се претпоставува дека потекнува византискиот цар Јустин I, вујко и претходник на познатиот византиски цар Јустинијан I.

Географија и местоположба уреди

 
Поглед на селото Бадар и отворот на Бадерската (Прнарска) Клисура

Селото Бадар се наоѓа во долниот тек на реката Пчиња и е расположено на ниска тераса крај реката Пчиња на нејзиниот десен брег и тоа на границата на пространата рамнина од север и Прнарската (Бадерска) Клисура на југ.[2]. Оваа мала населба е сметена во југоисточниот дел на Скопската Котлина, во долното течение на реката Пчиња, од левата страна на делницата Скопје - Велес[4] на Автопатот „Александар Македонски“ (Е-75). Селото Бадар е рамничарско и е расположено на надморска височина од 240 метри[4], и е оддалечено 27 километри од Скопје и 14 километри од општинскиот центар Петровец. Положбата е погодна од економски услови бидејќи на север земјиштето е поволно за полјоделство, а на југ и запад за сточарство и овоштарство[2]. Ваквата погодна поставеност во ја потврдува и Ѓорче Петров кој во своите записи во книгата Материјали по изучувањето на Македонија истакнал дека под Катланово на ¼ час во една весела длабина малку над Пчиња е селото Бадер или Румја Лака со доста убава местоположба, со блата, долина и доста големка корија над него[5]. Рамничарскиот предел во минатото, а делумно и денес е мочурлив поради честите излевања на реката Пчиња. Во селото постои една чешма и два бунари, чија вода не се користи за пиење.[2] Околни села се: Катланово, Кожле, Блаце и Летевци. Спроти селото веднаш на левиот брег на Пчиња минува автопатот Скопје - Велес. Од централното место Скопје, селото Бадар е оддалечено 30,6 километри[4]. Атарот на селото зафаќа простор од 6,9 км2 при што на него шумите зафаќаат површина од 258,4 ха, на обработливото земјиште отпаѓаат 222,1 ха, а на пасиштата 69,9 ха[4].

Историја уреди

 
Поглед на ископувањата на археолошкото наоѓалиште Бадеријана, поранешен утврден град

Бадар спаѓа во редот на постарите населби во Скопската Котлина. Како утврден град под името Бадеријана постоел уште во раниот среден век во римско и византиско време, за што како потврда постои записот на познатиот византиски историчар Прокопиј Кесариски од VI век кој во својот ракопис за биографијата на Јустинијан I запишал дека тој се родил во местото Тауресиум во близина на кастелот наречен Бадеријана (Βεδεριανα).[6]. За постоењето на древниот утврден град Бадеријана е сочувано и народно предание.[2]

Во минатото Бадар било големо македонско христијанско село во кое, според народните кажувања „на работа излегувале и по 70 моми“, сè додека селото не било раселено од Турците.[2] Муслиманските доселеници не се задржале многу, а на почетокот на XIX век селото станало чифлик на повеќе турски поседници. Со станувањето на чифлик, во Бадар биле повторно населени Македонци, а атарот на селото во текот на XIX век брзо се ширел зафаќајќи предели од раселеното село Румја Лака сè до селата Катланово и Блаце. До 1912 година во селото Бадер постоеле три чифлик-сајбиски кули, а од оваа година чифчиската земја ја откупиле Македонците од Бадер, Блаце и Кожле[2].

Во турските опширни пописни дефтери за Скопскиот санџак од 1568/69 во XVI век се споменува селото Румена Лака со втор назив Бехадир Ќој со мезрата Илиџа (тур. бања, што може да се однесува на Катланово и Катлановска Бања) чиј синор уште од порано со сведочење бил одвоен од синорот на селото Блаце, што било потврдено од скопскиот кадија мевлана Охри Заде со покажување на судска потврда[7]. Имајќи предвид дека зборот Behader, behadur потекнува од персискиот јазик со значење на 'храбар, смел, јунак'[8] и дека Турците-Османлии во своите освојување продирале од југ по долината на Вардар и Пчиња, можно е тие при своите први освојувања на влезот во Скопско тука да сретнале јуначки отпор од првото воено утврдување и населба Бадеријана во која е роден храбар и смел човек — византискиот цар Јустин I па оттаму да доаѓа називот Бехадир Ќој за ова место каде се наоѓал утврдениот град Бадеријана.

Во XIX век, селото е дел од нахијата Чаирско Поле (Блатија) во Скопската каза во Отоманското Царство.

За селото Бадер, кон крајот на XIX век, македонскиот револуционер Ѓорче Петров во своите записи од книгата издадена во 1896 запишал дека се наоѓа под Катланово на ¼ час во една весела длабина малку над Пчиња е селото Бадер или Румја Лака со доста убава местоположба, со блата, долина и доста големка корија над него[5]. Селото имало 40 куќи, а поголемиот дел му бил чифлик, при што главните занимања на жителите биле земјоделството и сточарството[5].

Во XIX век, Бадер било село во Скопската каза на Отоманското Царство.

Потекло и значење на името уреди

Името на селото разговорно меѓу народот и во повеќе записишани дела и документи се среќава како Бадар или Бадер[2][3] и се поврзува со древниот антички — римски и византиски град Бадеријана кој постоел на тоа место и простор. Бадер како стара римско-дарданеска населба е позната од Прокопија како Βεδεριανα.[8]. Претпоставката дека името на селото Бадер (Бадар) доаѓа од името на доцноантичкиот византиски град Бадеријана ја потврдиле научните истражувачи Петар Скок во 1936 и Илиевски во 1988, при што П.Скок утврдил дека наставката -ιανα по своето потекло можела да биде и дарданска, но романизираниот народ можел да го измеша со познатата латинска наставка -anus и да го испушти, па оттаму дошла и сегашната дорма на името Бадер[8]. Во средновековните турски дефтери се среќава запис за селото Румена Лака со втор назив Бехадир ќој односно Behader köy чие име потекнува од персискиот збор behader, behadur со значење 'храбар, смел, јунак'[8], а кое имајќи ја предвид славната и богата историска традиција на овој простор и предел, во извесна мера во однос на настанкот може да се претпоставува дека има поврзаност и со Бадеријана.

Стопанство уреди

Според составот на атарот селото Бадар има поледелска функција[4], но неговиот атар главно се користи за напасување на ситен и крупен добиток односно кози, крави и овци од околните места, како и за сеча на дабово дрво за огрев и градежништо, а во помала мера и за поледелство од земјоделски претпријатија и задруги. Иако Бадар има поволна положба, сепак поради малиот број на население, поголеми економски активности речиси и да нема. Преостанатото население, како и луѓе со потекло од Бадар кои имаат куќи се занимаваат со земјоделство: полјоделство (одгледување на пченица и жита), зеленчук и овошје при што во своите дворови и градини во последните години се подгинати доста нови овошни насади на кајсии, праски, бадеми, ореви, сливи. Земјоделството било главно занимање сè до шеесеттите години на XX век и тоа на најплодните ниви северно од Бадар околу Пчиња, но поради нејзиноито често надоаѓање голем број ниви биле однесени[2], а поради процесот на иселување земјоделството започнало нагло да опаѓа. Поради извонредните услови на ниските падини обраснати со грмушки и бујна трева од сточарството најмногу е застапено одгледувањето на кози, а во помала мерка и крави кои во зимскиот период тука ги напасуваат кравари од Катланово. До Втората светска војна Бадер било и добро сточарско село, при што секое домаќинство имало трло на падината лево од Пчиња, а имало куќи со по 100 кози, 80 овци и 20 говеда, какви што биле семејствата од родот Черговци[2]. Земјоделството и сточарството како главни занимања на населението на крајот на XIX век ги наведува и Ѓорче Петров во својата книга[5]. На реката Пчиња и езерцата кои ги напојува таа со вода е развиен риболовот, а на нејзиниот лев брег веднаш наспроти и пред самиот влез на селото постојат големи ископи на песок кои ги експлоатираат претпријатија од Скопје со сепарации и современа опрема. Во селото Бадар се прогласени заштитена еколошка и развојна економска зона. До 1949 година жителите на Бадер во зимно време се занимавале со плетење на рогозини кои ги продавале во Скопје и Велес[2]. Во минатото во карпите на Прнарската (Бадерска) Клисура на Пчиња некои селани преградувале дупки со помош на балеги и во нив фаќале роеви на пчели[2], односно на познатиот начин на лов на пчели со бртви.

Население уреди

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948166—    
1953141−15.1%
1961130−7.8%
1971100−23.1%
198156−44.0%
ГодинаНас.±%
199141−26.8%
199413−68.3%
200215+15.4%
2021122+713.3%

Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото е заведено под името Бахадир и било христијанско, каде имало 20 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 64 мажи христијани, со 5 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 138 жители.[9]

Стефан Верковиќ во 1857 го бележи со 72 жители.[10]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Бадер живееле 120 жители.[11] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Бадер имало 120 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[12]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија во 1931 година, селото имало 100 Македонци.[13]

Иако Бадер отсекогаш била мала населба значителен пад на бројот на населението во обем од 10 пати (90 %) забележало во периодот од 1961 година кога броело 130 жители и 1994 година кога бројот се намалил на само 13 жители од кои 10 Македонци и 3 Роми[4]. Во селото отсекогаш мнозинско население биле Македонците, освен во периодот 1971-1991 година, кога во селото наеднаш се доселиле многу Албанци и за време на пописите 1981 и 1991 година станале мнозинство. Во изминатите два официјални пописи, во селото повеќе не се забележуваат Албанци. Во последните години забележително е враќањето и обновувањето на своите куќи и градење на викендички на имототите кои ги поседуваат жители - Македонци кои се родиле, некогаш живееле или потекнуваат од Бадар.

Според последниот попис од 2002 година, во селото Бадар живееле 15 жители, од кои: 9 Македонци, 5 Роми и 1 останат.[14]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 122 жители, од кои 106 Македонци, 1 Турчин, 5 Срби, 1 останат и 9 лица без податоци.[15]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 120 120 166 141 130 100 56 41 13 15 122
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[16]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[17]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[18]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[19]

Родови уреди

Најголемиот број на жители на селото Бадар отсекогаш биле Македонци од православна христијанска вероисповед. Селските родови се: Трајановци (слават Свети Никола) се најстариот род кои се доселиле од некаде но не се знае од каде; Божиновци (слават Митровден) дошле од некаде веднаш после родот Трајановци; Черговци и Пиргови (слават Свети Никола) потекнуваат од еден предок кој се доселил пред 200 години од с. Дејковец во долината на Кадина Река на планинскиот масив Мокра каде живеел заедно со 3 браќа во родот Јовевци кои биле големи сточари што одлгедувале по 700 кози и „друга стока башка“. Кога во нивното старо село преовладале албанските доселеници тројцата браќа морале да се иселат при што едниот преминал во Зелениково, другиот отишол во велешкото село Лугунци, а третиот се доселил во Бадар кај бегот како чифчија и најпрвин со своето семејство престојувале во шатори на черги по што го добиле родовското презиме, додека нивната родовска гранка нешто подоцна го добила презимето Пирговци. Во родот се знае следното родословие: Никола (на 87 години во 1961 г.)-Стојан-Ивко, во Бадер се доселил неговиот татко чие име е заборавено; Ѓорѓиевци (слават Св. Никола) се доселиле пред 100 години од Катланово, а претходно живееле во Градманци каде изгледа биле старинци, Јанковски (слават Св. Архангел) се доселил домазет од с. Катланово), Гочеви (слават Св. Архангел) по потекло се од с. Брезница, а најпровин се доселиле во Катланово од каде во 1950-тите преминале во Бадар.[2]

Самоуправа и политика уреди

Селото влегува во рамките на Општина Петровец, која била една од ретките општини која не била изменета по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така било дел од Општина Петровец.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата скопска општина Кале. Селото припаѓало на некогашната општина Петровец во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Катланово, во која покрај селото Бадар, се наоѓале и селата Блаце, Градовци, Кажаново, Кажановска Брезица, Кожле и Летевци. Општината Катланово постоела и во периодот 1950-1952 година.

Културни и природни знаменитости уреди

 
Црквата „Св. Атанасиј“ во селото Бадар
Археолошки наоѓалишта[20]
Цркви[21]

Редовни настани уреди

Селската слава на Бадар е на ден Велигден, а гости доаѓаат на вториот ден по Велигден и си заминуваат на третиот ден[2]. Во поново време, со обновувањето на селската црква посветена на Свети Атанасиј поголем црковен и општонароден собор се одржува на празникот зимен Св. Атансиј на 31 јануари.

Личности уреди

Иселеништво уреди

До крајот на XIX век од Бадар се иселиле голем број на македонски родови, најголем дел во Скопје (13 домаќинства), Катланово и селата во околината на Велес.[2] Други иселени родови од Бадар се: Јовчевци во Катланово, Поповци во Мралино, Атанасовски во Огњанци, а во Велешко: Малинови во Ветерско и Рогожареви во Башино Село.[2]

Галерија уреди

Наводи уреди

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 г. стр. 81-82
  3. 3,0 3,1 Петров, Гьорче (1896). Материали по изучванието на Македония (бугарски). Печатница Вълковъ. стр. 514.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 16. ISBN 9989-862-00-1.
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 342–343. ISBN 978-608-245-113-8.
  6. Илиевска, Весна И. (1 декември 2014). „На големите владетели Јустинијан, Ликпеј, Патрај, Дропион татковина им е денешна Македонија“. Скопје: Дневник. Посетено на 29 март 2016.[мртва врска]
  7. Соколоски, Методија (1984). Турски документи за историјата на македонскиот народ. VI. Скопје: Архив на Македонија. стр. 201–202.
  8. 8,0 8,1 8,2 8,3 Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р. Македонија. Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 30.
  9. Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2021.
  10. Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
  11. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 207.
  12. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 162-163.
  13. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  14. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Архивирано од изворникот на 2012-03-24. Посетено на 11 септември 2021.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  15. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  16. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  17. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  18. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  19. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  20. Коцо, Димче (1996). „XXVI“. Археолошка карта на Република Македонија. 2. Скопје: МАНУ. стр. 363.
  21. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски уреди