Атлас — збирка од географски, историски или други видови карти[1], обично од целиот свет или делови од Земјата.

Картата Theatrum Orbis Terrarum („Гледалиште на светот“) на Абрахам Ортелиј, 1570 г.
Светската карта на Јан Блау за делото „Атлас ван Лон“, 1664 г.
Македонија и околината на атласот Imperii Orientalis et Circumjacentium Regionum („Источното Царство и околните региони“) од Гијом Делил, 1742 г.

Традиционално атласите се издавале во книжен облик, но денес многу од нив се во мултимедијални формати. Покрај тоа што прикажуваат географски елементи и политички граници, многу атласи често даваат слика за геополитичките, општествените, верските и економските прилики. Содржат и информации за картата и местата на неа.

Потекло на поимот уреди

Употребата на поимот „атлас“ во географска смисла датира од 1595 г. кога германско-фламанскиот картограф Герард Меркатор го објавил делото Atlas Sive Cosmographicae Meditationes de Fabrica Mundi et Fabricati Figura. („Атлас на космографски размисли за настанокот на светот, и вселената каква што е создадена“). Овде вклучена неговата дефиниција на зборот и опис на создавањето и обликот на целата вселена, а не само како збирка од карти. Како популарно дело, книгата почнала да се печати во многу изданија и со време се свела на збирка карти; во оваа смисла, поимот почнал да се применува од средината на XVII век. Меркатор го сковал зборот со намера да му оддаде почит на титанот Атлас, „Кралот на Мавританија“, кого тој го сметал за првиот голем географ.[2]

Историја на атласите уреди

Првото дело со систематски распоредени карти од еднообразна големина (првиот современ атлас) го изработил италијанскиот картограф Пјетро Копо на почетокот на XVI век, иако истиот не бил објавен тогаш, па затоа не се смета за првиот атлас. Таа заслуга вообичаено му се припишува на делото Theatrum Orbis Terrarum („Гледалиште на светот“) на холандскиот картограф Абрахам Ортелиј, испечатен во 1570 г.

Сепак, денешните атласи се причично различни од оние издавани во XVI – XIX век. Тогашните не биле подврзани во една книга, туку биле одделни делови. Купувачот ги порачувал содржините што го интересираат, и дали картите да бидат обоени, по што тие биле укоричувани. Затоа, овие постари атласи со исто име всушност опфаќаат различни содржини.[3]

Видови атласи уреди

Постојат различни видови на тематски атласи со дадена задршка. Патните атласи се наменети за лесна употреба на пат и имаат спирална подврска. Имаат прилично подробни (големоразмерни) карти за лесно снаоѓање по патиштата. Таквиот атлас се нарекува и патна карта, иако не се состои од единечна карта.[4]

Постојат и атласи на други планети (и нивните месечини) од Сончевиот Систем.[5]

Анатомски атласи се нарекуваат и оние прирачни дела кои даваат нагледен увид во анатомијата на човекот и други суштества.[6]

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. „атлас“Дигитален речник на македонскиот јазик
  2. Меркаторовото образложение од предговорот на атласот, преведено на англиски Архивирано на 10 март 2016 г., PDF стр. 104 (стр. 34 во текстот на Саливан).
  3. Jan Smits, Todd Fell (2011). Early printed atlases: shaping Plato's 'Forms' into bibliographic descriptions. In: Journal of map & geography libraries : advances in geospatial information, collections & archives, (ISSN 1542-0353), 7(2011)2, p. 184-210.
  4. „Road map“. Merriam Webster. Посетено на 31 мај 2012.
  5. Greeley, Ronald; Batson, Raymond. The NASA Atlas of the Solar System. ISBN 978-0521561273.
  6. Schwartz, John (2008-04-22). „The Body in Depth“. The New York Times. Посетено на 2015-05-07.

Надворешни врски уреди