Атанас Забазноски

Атанас Прокопиев Забазноски - Руски (Прилеп, 25 јануари 1925[1] - Скопје, 17 мај 2013[2]) — македонски комунист, учесник во НОВ. За народен херој бил прогласен на 20 декември 1951 година.[1] Одликуван бил со орденот „Народен херој“ и носител на признанието „Партизанска споменица 1941“.

Атанас Забазноски
Роден 25 јануари 1925
Прилеп, Кралство Југославија, денес Македонија
Починал 17 мај 2013(2013-05-17) (возр. 87)
Скопје, Македонија Македонија
Занимање учесник во НОБ, народен херој

Животопис уреди

Забазноски е роден на 25 јануари 1925 година во Прилеп, во сиромашно семејство. Завршил четири одделенија основно училиште, а потоа работел како работник во производство на тутун. Во 1941 година станал член на СКОЈ и уште од тие денови учествувал во разни илегални акции. Собирал оружје, растурал летоци и слични задачи. Двапати бил апсен, па ослободуван. Во октомври 1943 година се приклучил на Првата македонско-косовска ударна бригада, во која станал пушкомитралезец.[1] Прекарот „Руски“ го добил по тоа што неговиот татко имал руско потекло.[3] Завршил курс за скоевски раководители, што го раководел Крсте Црвенковски, а потоа станал секретар на СКОЈ за 41 македонска дивизија.[4]

Битки уреди

Извонредна храброст покажал во битката кај Пуста Река (Крушевско), каде како дел на претходницата, биле нападнати од заседа на бугарскиот окупатор. Атанас јуришал со трчање кон непријателот, а тоа го донело успехот на акцијата. По оваа борба бил пофален за неговата храброст. Слична пожртвуваност прикажал и во битките кај Брезово, Карбуница, Бушова Чешма и други места.[1]

Потоа станал член на Втората македонска ударна бригада, во која исто така останал запаметен по неговата храброст во битката против Германците кај селото Фуштани (Егејска Македонија). Тој бил поставен на опасна задача, во која морал да го чека непријателот од непосредна близина, при што успеал сам да ликвидира 17 германски војници, а дополнителни 30 да ги размести од строј.[1]

Во борбата кај селото Раштина (Кавадаречко), сам со мала група на борци успеале да ги одбијат нападите на бугарските единици, додека неговата бригада ги завземала позициите кај Мрежичко, Граешница, Крњево, Клисура, Демир Капија и Дрен.[1] Учествувал во Февруарскиот поход, како и во борбата кај село Ноти над Фуштани, кога бил и ранет во рамото.[4] Во 1944 година станал младински раководител на 41-та дивизија, со која учествувал во борбите кај Туин, Чаф, Прилеп, Велес.[1] Во 1945 година заминал на Сремски фронт како секретар на СКОЈ на 42 дивизија.[5]

Активност по војната уреди

По војната, Забазноски работел во КОС, а на Четвртиот пленум на СКЈ во 1966 година, по смената на Александар Ранковиќ, ја напуштил службата.[6] До пензионирање работел во Државниот секретаријат на Министерството за внатрешни работи.[7] Во 1975 година бил исклучен од Сојузот на комунистите на Македонија.

Бил близок пријател со македонскиот писател Венко Марковски. Впрочем, тој го придружувал Венко по патот за Голи Оток.[8]

Во разговор со новинарот Виктор Цветаноски, тој проговорил за спомените од војната:

Прво, јас бев многу издржлив и јак човек. Можев да носам митралез полн со куршуми, барабан и плус уште реденици со 350 куршуми и по неколку стотици километри, а во борбите никогаш непотребно не сум се повлекувал, ниту, пак, ме фаќала паника во тешки ситуации.[9]

—Утрински Весник, 2006 г.

Кога нашите борци го зазедоа Витачево, дојдоа кај мене двајца прилепчани и ме извлекоа од долот. Бев во кома. Подоцна разбрав дека околу мене имало расправија. Се двоумеле што да прават со мене, дали да ме убијат за да не им бидам на товар во понатамошните борби или да ме носат и да ме лекуваат. За среќа, имаше една медицинска сестра, која им рекла дека можеби ќе биде добро да ме испратат во Грција додека заздравам. Ме качија на коњ, ме однесоа во Грција и таму ме излекуваа.[9]

—Утрински Весник, 2006 г.

За народен херој бил прогласен на 20 декември 1951 година.[1][5]

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 1,7 Втора македонска ударна бригада. Скопје: Наша книга. 1973. стр. 149–150.CS1-одржување: датум и година (link)
  2. „Почина народниот херој Атанас Забазноски - Руски“. NetPress. 18 мај 2013. Посетено на 2013-05-18.[мртва врска]
  3. „Почина народниот херој Атанас Забазноски - Руски“. Нет Прес. 18 мај 2013. Посетено на 2013-05-18.[мртва врска]
  4. 4,0 4,1 „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 130
  5. 5,0 5,1 „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 131
  6. „Почина народниот херој Атанас Забазноски-Руски“. Плус Инфо. 18 мај 2013. Посетено на 2013-05-18.
  7. Личности од Македонија. Скопје: МИ-АН. 2002. стр. 109. ISBN 9989-613-28-1. На |first= му недостасува |last= (help)
  8. „Јас го спроведов Венко Марковски до Голи Оток“. Нова Македонија. 21 мај 2013. Посетено на 22 мај 2013.[мртва врска]
  9. 9,0 9,1 „Почина Атанас Забазноски-Руски, народен херој“. Утрински Весник. 17 мај 2013. Посетено на 2013-05-18.

Надворешни врски уреди