Анастас Коцарев (меѓународно Anastas Kotzareff[1]; Охрид, 5 мај 1889Женева, Швајцарија, 29 март 1931) — македонски деец и лекар онколог, еден од првите кој работел на истражување и лекување на ракот. Во 1915 година го основал Друштвото „Македонија“ во Женева, а во 1918 година ги обединил и другите македонски друштва од Цирих и Лозана во заедничкото Друштво на Македонците за независна Македонија.[2] Се залагал „за единствена и независна Македонија“ и за балканска федерација. Соработувал со нобеловката Марија Кири на проблемот на дијагностицирање и лекување на ракот со примена на радиум. Бил еден од пионерите на радиотерапијата, но и на радиографијата. Прв во светот направил рендгенографија на фотографска плоча на пациент заболен од рак. Тој е најверојатно, покрај Мајка Тереза, единствениот Македонец што со своето дело бил многу блиску до добивање на Нобеловата награда.[3][4]

Анастас Коцарев
Роден 5 мај 1889
Охрид, Битолски Вилает, Отоманско Царство
Починал 29 март 1931(1931-03-29) (возр. 41)
Женева,  Швајцарија
Занимање онколог

Животопис уреди

Коцарев е роден на 5 мај 1889 година во Охрид, во старо охридско семејство. Основно образование завршил во Охрид, а гимназија во Солун во 1908 година. Семејната трагедија, смртта на неговата мајка (почината од рак), како и на двете сестри кои починале млади, ќе бидат причина младиот Анастас да одлучи да студира медицина. Неговиот татко, кој бил познат банкар, за да ги плати трошоците за студиите на својот син, продал дел од семејниот имот (чифлик), бидејќи Анастас студирал на Медицинскиот факултет во Женева. По дипломирањето работел како асистент на универзитетската клиника, каде што и докторирал. Во периодот од 1917 до 1919 година работел како лекар и приватен доцент по онкологија на истиот Медицински факултет. Тој бил целосно посветен на науката и македонското прашање. Воспоставил широки контакти кои ги користи не само за неговите медицински истражувања, туку и за македонската кауза.

Д-р Коцарев посебно бил заинтересиран за експерименталните лекови. Првата негова научна статија датира од 1914 година (Quelquesblessures des nerfsobserveespendant les querresbalkaniques), а првата книга ја објавил во соработка со Алфред Фроментин во 1916 година (“Theorie biosociale du sommeil”). Истата година бил повикан да продолжи со истражувањата на Академијата за медицина во Сорбона, Париз. Таму тој продолжил да работи на проблемот на дијагностицирање и лекување на ракот со примена на радиум. Ова истражување го насочил на тесна соработка со познатата Марија Кири која во тоа време била професор и директор на лабораторијата за радиум на Универзитетот во Сорбона. Подоцна, тој во својата монографија изразил голема благодарност кон својот учител и соработник Марија Кири.

За македонската кауза уреди

Уште во 1915 година, Коцарев го обновил Академското друштво „Македонија“ кое било продолжение на Академското друштво на македонско-одринските студенти во Женева, формирано по Илинденското востание (1904 – 1915). Во текот на Првата светска војна, на Универзитетот во Женева студирале околу 15 Македонци. Членовите на друштвото, Анастас Коцарев, Петар Здравев, Димитар Несторов, Трифун Греков, Благој Тошанов, А. Копандонов, Александар Крајчев и др., донеле правилник за работа што им овозможило да го регистрираат друштвото при Универзитетските власти. Во 1918 година, авторитетниот д-р Коцарев кој имал врски со видни швајцарски општественици, едногласно бил избран за претседател на друштвото. Тој се залагал „за единствена и независна Македонија“ и за балканска федерација.[5]

Македонските студенти од Универзитетот во Цирих, во 1915 година исто така формирале Политичко друштво „Македонија на Македонците“, а во 1916 година во Лозана било формирано Политичкото друштво „Македонија – за одбрана на правата на Македонците“, додека во Женева пак било формирано Политичкото друштво за независност на Македонија. До крајот на Првата светска војна во Швајцарија постојат околу 25 македонски друштва, кои во времето на Версајската мировна конференција формираат Главен одбор на македонските друштва за одбрана на целоста и државната конституција на Македонија.

Во август 1918 година, д-р Александар Коцарев ги обединил македонските друштва од Цирих и Лозана во заедничкото Друштво на Македонците за независна Македонија. На 15 декември 1918 година тие го основале Главниот одбор на македонските друштва во Швајцарија или Генерален совет на македонските друштва во Швајцарија (Conseil general des Societes maccedonienne), со седиште во Лозана. Д-р Коцарев бил избран прво за потпретседател (15 декември 1918 - 2 мај 1919), а потоа и за претседател (2 мај - 1 јули 1919). Во овој период нивен печатен орган бил списанието „Македонска независност“ („L’Independence macedonienne), преку кој светот се запознал за борбата и стремежот на македонскиот народ.

Домот на д-р Кацарски во Женева, како и во Париз служел за промоција на македонското прашање пред меѓународните фактори. Познати се неговите контакти од мај 1919 година со проф. Г. Д. Херонод од САД, кој го поддржал барањето на македонскиот народ за независност. За жал, барањето на Главниот одбор да испрати тричлена комисија која би ги застапувала интересите на македонскиот народ, било одбиено од преговарачите на Париската мировна конференција. Но, тоа д-р Коцарев и неговите соработници не ги спречило да продолжат да испраќаат телеграми и петиции, барајќи справедливо решавање на македонското прашање. Во дописите до Париската конференција Главниот одбор на македонските друштва во Швајцарија инсистирале на 14-те Вилсонови точки во кои се предвидувало правото на само определување на секој народ. Од сите упатени писмени акти, големо значење има апелот што бил испратен до целиот цивилизиран свет во јуни 1919 година, потпишан од претседателот д-р Коцарев и неговите соработници. Во него е нагласено дека Македонците имаат право на живот, а се истакнува и вољата на македонскиот народ за создавање на независна македонска држава по примерот на Швајцарија и под протекторат на една од незаинтересираните сили - САД. Отткако Македонија останала поделена, Главниот одбор функционирал до 27 ноември 1919 година. Сепак, активноста на Академското друштво „Македонија“ се чувствувало сè до крајот на 1923 година, а во 1924 година тоа престанало да делува откако неговите активни членови ги завршиле студиите и се вратиле во своите родни краеви. Иако носталгијата го терала да се врати во родното место, но тој останал во Швајцарија, каде продолжил со својата истражувачка работа за дијагностицирање и лекување на ракот. Тој се надевал дека еден ден ќе се врати во Охрид, каде сакал да отвори институт за истражување и лекување на ракот.

Во својата истражувачка работа како лекар, д-р Александар Коцарев го користел радиумот за инјектирање во ткивата за дијагностички и терапевтски цели. Во 1922 година, тој ја направил првата радоиграфија на пациент заболен од рак. Во 1929 година преминал во Париз, каде продолжил со своите истражувања. Неговите истражувања го прават еден од пионерите на радиодијагностиката и радиотерапијата. Во текот на 1921 до 1931 година, д-р Коцарев има издадено голем број публикации за својата истражувачка работа, а во тогашните весници има записи за него. Неговите истражувања дури и денес се цитираат. За неговата истражувачка работа добил награда од Медицинската академија во Париз, а тој е еден од првите Македонци кој бил најблиску до добивање на Нобеловата награда.

Д-р Коцарев никогаш не се оженил, а целиот свој живот го посветил на науката и за решавање на македонското прашање. Боледувал од лесна форма на дијабет, но ненадејно починал на 29 март 1931 година во Париз. Се смета дека бил отруен од тајните служби на балканска земја на која му сметала неговата активност по однос на македонското прашање.

Наводи уреди

  1. Соња Коцарева-Трпезановска, „Проф.д-р Анастас Коцарев, Големиот ум од Македонија што го призна светот“, Vox Medici, XVIII/63, Скопје, 2009, 18.
  2. Љубен Лапе, „Активност на македонските студенти на Швајцарските универзитети во време на Првата светска војна“, Историја, 6/2, Скопје, 1970, 66.
  3. Огнянов, Михаил. „Македония – преживяна съдба“, София 2002, с. 62.
  4. Куманов, Милен. „Македония. Кратък исторически справочник“, София, 1993, стр. 75.
  5. Катерина Тодороска, Невена Петкоска, Кирил Наумоски, „Македонскиот активист во Швајцарија Д-р Анастас Коцарев (1889-1931) “, Историја, наука, техника, медицина II/1, Скопје, 2012, 27.

Надворешни врски уреди