Алијанц Арена (германски: Allianz Arena) — фудбалски стадион во северниот дел на Минхен, во Баварија, Германија. Двата професионални фудбалски клубови Баерн Минхен и Минхен 1860 ги играат своите домашни натпревари на Алијанц Арената од почетокот на сезоната во 2005/2006 година. Клубовите претходно домашните натпревари ги играле на Олимпискиот стадион од 1972 година.

Алијанц Арена
Fußball Arena München
(име од УЕФА)
Место Минхен, Германија
Координати 48°13′7.59″N 11°37′29.11″E / 48.2187750° СГШ; 11.6247528° ИГД / 48.2187750; 11.6247528
Започнат 21 октомври 2002
Отворен 30 мај 2005
Сопственик Allianz Arena München Stadion GmbH
Оператор Allianz Arena München Stadion GmbH
Подлога терен со трева
Цена на изградбата 340 мил.
Архитект Herzog & de Meuron
ArupSport
Конструктор Ove Arup & Partners
Игра Баерн Минхен
Минхен 1860
Гледачи 66.000 (2005)
69.901 (2006–2012)
71.137 (2012–2013)
71.437 (2013–) (првенствени натпревари)
67.812 (меѓународни натпревари)

Алијанц Арената е трет најголем стадион во Германија, по Сигнал Идуна Парк во Дортмунд и Олимпискиот стадион во Берлин. Претходно клубот Минхен 1860 имал удел од 50% од стадионот, но Баерн Минхен ги купил нивните акции за 11 милиони евра во април 2006 година. Минхен 1860 сè уште има право да игра на стадионот, но тие немаат никакви права врз него.

Осигурителната компанија Алијанц ги откупила правата за име на стадионот на 30 години. Но, сепак ова име не може да се користи кога се одржуваат настани организирани од ФИФА и УЕФА, бидејќи овие фудбалски тела имаат правила кои забрануваат спонзорства на компании кои не се официјални партнери на турнирите. Во текот на Светското првенство во 2006 година стадионот бил именуван како „Стадион Минхен“. За натпреварите на УЕФА, стадионот е познат како „Фудбалска Арена Минхен“ и како таков бил домаќин на финалето на Лигата на шампионите во 2012 година.[1] Прекарот на стадионот гласи „чамец на надувување“ (Schlauchboot).[2][3] Музејот на клубот Баерн Минхен (FC Bayern Erlebniswelt) е сместен во внатрешноста на стадионот.

Дел од ролетните кои заштитуваат од сонце
Осветлување за време на финалето на Лигата на шампионите во сезоната 2011/12.
Алијанц Арената и најстарата црква во Минхен, Црква на Светиот Крст („Heilig-Kreuz“).

Опис на стадионот уреди

Стадионот е сместен во северниот дел на Минхен, во округот Швабинг-Фрајман. Тој е прв стадион во светот кој ги менува боите однадвор. Во близина на стадионот има станица за подземната железница У6.

Сместивост уреди

Согласно одобрението на градот за промените кое било доделено на 16 јануари 2006 година, законската сместивост на стадионот е зголемена од 66.000 гледачи на 66.901 гледач (вклучувајќи ги и местата за стоење). Долниот блок може да смести 22.000 гледачи, средниот 24.000 и горниот блок до 22.000. 10.400 од седиштата во ќошевите на долниот блок можат да се пренаменат за стоење со што се овозможува дополнителни седишта за уште 3.120 гледачи. Вкупната сместивост вклучува 2.000 деловни седишта, 400 седишта за новинари, 106 луксузни делови кои имаат сместивост за 174 седишта и 165 места за инвалидски колички и онеспособените. Од втората половина на сезоната 2005/06 на Бундеслигата стадионот може да овозможи седишта за 69.901 гледач за натпреварите во германската лига и куп, но поради одредбите на УЕФА, сместивоста за натпреварите за Лигата на шампиони и Лигата Европа останува на 66.000 седишта. Сместивоста на натпреварите на Баерн Минхен на нивните натпревари во германската лига и куп изнесува 69.000. Делумниот покрив на кровот ги покрива сите седишта, но сепак ветрот може да презивика да ги врне одредени седишта. Пред сезоната 2012/13, Баерн Минхен објавил дека сместивоста ќе биде зголемена на 71.000 за домашните натпревари и 68.000 за натпреварите на УЕФА, со дополнителни 2.000 седишта во горните блокови од арената.[4]

Алијанц Арената исто така нуди три дневни центри и продавница за обожавателите, „Мегапродавница на ФК Баерн Минхен“. Робата се продава на штандови во внатрешноста во просторот зад местата за гледачи. Бројни ресторани и пунктови за брза храна исто така се сместени во стадионот.

Постојат четири соблекувални (по една за двата домашни тима и нивните соодветни противници), четири соблекувални за тренерите на екипите и две соблекувални за судиите. Постојат две сали за загревање на играчите (секоја по 110 м²). Исто така има 550 тоалети и 190 монитори во арената.

На 28 април 2013 година, Баерн Минхен објавил дека ќе продава уште 300 карти за јужниот дел од арената од почетокот на сезоната 2013/14.[5]

Изградба уреди

 
Алијанц Арената во изградба (август 2004).

Изградбата на стадионот започнала на 21 октомври 2002 и стадионот бил официјално отворен на 30 мај 2005 година. Главните проектанти биле архитектите Херзог и де Меурон. Стадионот е проектиран така што главниот влез на стадионот да биде создаден од скалесто шеталиште одвоено од паркингот, кој е најголем подземен паркинг во Европа.[6] На покривот на стадионот има вградено ролетни кои заштитуваат од сонце и можат да се користат за време на натпреварите.

  • Вкупно користен бетон за време на изградбата на стадионот: 120.000 м³
  • Вкупно користен бетон за гаражите за паркирање: 85.000 м³
  • Вкупно користено железо за време на изградбата на стадионот: 22.000 тони
  • Вкупно користено железо за гаражите за паркирање: 14.000 тони

Надворешно осветлување уреди

Фасадата на стадионот е конструирана од 2.874 воздушни панели од етилен тетрафлуоретилен исполнети со воздух, кои се чуваат надувани со сув воздух на диференцијален притисок од 3,5 паскали.[7] Панелите, од далеку изгледаат бели, но од блиску се гледаат и мали точки на нив. Кога се гледа од далеку, очите ги спојуваат белите точки и се воочува само бело, додека видено од блиску можно е да се гледа низ фолијата. Фолијата е дебела 0,2 мм. Секој панел може да свети бело, црвено или светлосино. Панелите светат на секој натпревар со боите на соодветната домашна екипа — црвено за Баерн Минхен, сино за ТСВ Минхен и бело за германската фудбалска репрезентација. Белата боја исто така се користи кога има неутрален натпревар, на пример во 2012 година кога беше финалето на Лигата на шампионите. Други бои или повеќебојна осветлувачка шема е теоретски можна, но полицијата на Минхен силно инсистира на користење на само една боја поради неколкуте сообраќајни несреќи на автопатот А9, бидејќи вниманието на возачите било одвлечено од менувањето на боите на стадионот.

Иновативниот концепт за осветлување на Алијанц Арената е усвоен и на други новоизградени објекти како стадионот „МетЛајф“ во близина на Њујорк, кој свети сино на натпреварите на екипата Џајантс, зелено за екипата Џетс и црвено на концертите.

 
Алијанц Арена
 
Алијанц Арена

Со трошоци за електрична енергија за светлината од околу 50 евра на час, конструкцијата успеала во тоа што светлоста на стадионот во ведри ноќи лесно може да биде забележана дури и од врвот на австриските планини од далечина и од 80 километри.

Сообраќај уреди

Посетителите може да ги паркираат своите автомобили во најголемиот подземен паркинг во Европа, кој се состои од четири подземни катови околу со 9.800 места за паркинг. Дополнителни 1.200 паркинг места биле вградени во првите 2 блока од арената, 350 паркинг места се достапни за автобуси (240 во северниот крај и 110 на јужниот влез) и уште 130 паркинг места се за лицата со попреченост.

Стадионот се наоѓа веднаш до станицата за У-Железницата „Фретманинг“. Оваа станица се наоѓа на линијата У6 во подземната железница во Минхен.

Околина уреди

Од станицата на метрото јужно од арената, посетителите се упатуваат кон стадионот преку парк, кој е дизајниран да ги води кон влезот. Еспланадата се издигнува постепено од нивото на земјата кај влезот на метрото, практично тоа е и покривот на паркинг гаражите. Од другата страна на автопатот, ридот Фретманинг со своите ветерници овозможува прекрасен поглед од стадионот. Исто така и романескната Црква на Светиот Крст, која е најстара градба во Минхен и која е наменета за верски цели, се наоѓа таму заедно со својата копија, уметничко дело од бетон, кое е потсетник на селото Фретманинг, кое исчезнало со изградбата на автопатот.

 
Поглед од југ

Сопственици уреди

Арената е била водена од страна на Allianz Arena München Stadion GmbH, основана во 2001 година, и била во сопственост на еднакви делови на двата домашни фудбалски екипи. Извршен директор на компанијата бил Карл-Хајнц Вилдмозер Помладиот до откривањето на корупциската афера со стадионот (видете подолу). Оттогаш, Бернд Раух, Петер Керсп и Валтер Лајдекер ја раководат компанијата. Во април 2006 година, Баерн Минхен од Минхен 1860 ги откупил преостанатите 50% акции за стадионот за пријавени 11 милиони евра. Извршниот директор на Минхен 1860 Штефан Зифцер изјавил дека продажбата на акциите спречила несолвентност за клубот. Условите на договорот велат дека Минхен 1860 може повторно да го откупи нивниот стар удел од 50% од арената по продажната цена плус камара во секое време пред јуни 2010 година. Во ноември 2007 година, Минхен 1860 се откажал од тоа право. Однапред, приходите од пријателските натпревари двете екипи ги поделиле меѓу себе, наместо тие пари да ги дадат на заедничката компанија. Поради финансиски проблеми на Минхен 1860, Баерн Минхен ги презел сите акции и сега поседува 100% од акциите од Алијанц Арената.

Име уреди

Алијанц платил значително сума за правото стадионот да го носи тоа име за време од 30 години. Сепак, бидејќи Алијанц не бил спонзор на Светското првенство во 2006 година и не е официјален УЕФА спонзор, логото на Алијанц морало да биде отстрането во текот на Светското првенство и покриено за време на Лигата на шампионите.

Цена уреди

Цената за самата изградба се искачила и до 286 милиони евра, но трошоците за финансирање ја качиле таа бројка и до 340 милиони евра. Покрај тоа, градот и државата се изложиле со 210 милиони евра за развој и подобрување на инфраструктурата во областа.

Реакција уреди

 
Воздушна фотографија на Алијанц Арената со околината непосредно пред завршувањето на изградбата (јануари 2005)

На 14 ноември 2005 година на годишниот состанок, многу членови на екипата Баерн Минхен се пожалија од непријатниот нацрт во внатрешноста на арената. Како резултат на тоа биле инсталирани врати кои се затвораат и гледачите сега уживаат гледајќи ги натпреварите во поголема удобност.

Навивачките групи и останатите навивачи протестираа на неколку домашни натпревари во однос на седиштата и некои од правилата во арената кои тие ги сметаат за непријателски за навивачите. На пример, гледачот не може да влезе со мегафон или банер кој може да го носи еден човек, а столбови за банери со должина поголема од еден метар се забранети. Жалбата е дека овие правила и дизајнерските седишта го гушат искуството на навивачите. Присуството на големата ограда и заштитните мрежи во предниот дел на јужниот дел (блок седишта резервирани за навивачите на ФК Баерн Минхен) се исто така често критикувани.

Овие жалби имале одреден успех. Од сезоната во 2006/07 година, блоковите 112 и 113 биле претворени во тераса, вообичаен германски стил, со тоа што повторно може да се постават и седишта на натпреварите на УЕФА и меѓународните натпревари, чии одредби бараат сите гледачи да седат.

Како реакција на тешката комерцијализација што следеше по одбивањето на ултра-движењето во медиумите и на некои други активности на фудбалскиот клуб Баерн Минхен стадионот понекогаш е наречен „Ароганц Арена“ (Arroganz Arena).

Историја уреди

 
Места за седење во Алианц Арената

На 21 октомври 2002 година, гласачите излегле на гласање за да се утврди дали новиот стадион треба да биде изграден на оваа локација и дали градот Минхен треба да ја обезбеди неопходната инфраструктура. Околу 2 третини од гласачите одлучиле во корист на предлогот. Алтернатива на изградбата за нова арена била голема обнова на Олимпискиот стадион, но архитектот на стадионот Гинтер Бениш ја одбил оваа опција.

Потоа, швајцарската градежна фирма Херцог и Де Мерон го развила концептот за стадион со проѕирна надворешност направена од ЕТФЕ панелна фолија, која може да се осветли од внатре и која сама се чисти. Изградбата започнала во есента 2002 година и била завршена до крајот на април 2005 година.

Станиците на линијата 6 на У-Железницата „Фретманинг“ и „Мариенплац“ биле проширени и подобрени во врска поради изградбата на арената. Станицата „Фретманинг“ била проширена од две на четири пруги, додека „Мариенплац“ станицата била опремена со дополнителен пешачки тунел кој водел паралелно со железничките пруги, кој водел до делот за С-Железницата, со што се намалил застојот на патниците кои се поврзуваат со возовите. За да бидат во можност да се справат и со дополнителните сообраќајни оптоварувања, автопатот А9 бил проширен до четири ленти во двете насоки и бил дополнително изграден уште еден излез на А99 северно од арената.

На 19 мај 2012 година, финалето на Лигата на шампионите се одржало на Алијанц Арената. Баерн Минхен кои биле домашна екипа играле против Челзи. Челзи победиле на пенали откако изиграле 1-1 по регуларното време и двете продолженија од по петнаесет минути. Бастијан Швајнштајгер го промашил последниот пенал, а Дидје Дрогба го погодил, за победа на Челзи.

На 25 мај 2012 година, Баерн отвориле музеј за нивната историја во внатрешноста на Алијанц Арената.[8]

На 29 август 2012, Баерн Минхен објавиле дека се додадени дополнителни 2.000 седишта.[9] Сместивоста за домашни натпревари се зголемила на 71.000, а на натпреварите од УЕФА и на меѓународните натпревари на 68.000.[9]

Корупциска афера со стадионот уреди

Од март 2004 година, корупциската афера во врска со стадионот го окупирала фудбалскиот свет и германските судови. На 9 март, Карл-Хајнц Вилдмозер Постариот, претседател на Минхен 1860, неговиот син Карл-Хајнц Вилдмозер Помладиот, главен извршен директор на Алијанц Арената и двајца други биле обвинети за корупција во врска со доделувањето на договори за градежни работи и биле однесени во притвор. На 12 мај 2004 година, Вилдмозер Постариот бил пуштен на слобода, откако склучил договор со обвинителството, во кое ја признал вината. Како дел од паричната спогодба се откажал од претседателската функција на клубот 3 дена подоцна, а на 18 мај истрагата била затворена.

Неговиот син, Карл-Хајнс Вилдмозер Помладиот, останал во притвор. На рочиштето за кауција на 29 јуни судијата одбил кауција врз основа на опасност од бегство и опструкција на правдата. Окружниот јавен обвинител покренал обвинение на 23 август 2004 година, обвинувајќи го за измама, корупција и даночно затајување. Случајот бил дека Карл-Хајнц Вилдмозер Помладиот, го доделил договорот за изградба за една надуена цена и давање на внатрешни информации на градежната фирма од Австрија „Алпине“, со тоа што им се овозможило да го освојат тендерот и за возврат добил 2,8 милиони евра.

На 13 мај 2005 година, Карл-Хајнц Вилдмозер Помладиот, бил обвинет и осуден од судот во Минхен на четири и пол години затвор. Тој бил ослободен со кауција во исчекување на неговата жалба. Сојузниот Врховен суд ја одбил жалбата во август 2006.

Денот на отворањето уреди

 
Пробно осветлување во март 2005 година

На 30 мај 2005 година, Минхен 1860 одиграл пријателски натпревар против ФК Нирнберг. Следниот ден, Баерн Минхен одиграл натпревар против германската фудбалска репрезентација. И двата натпревари биле распродадени од почетокот на март 2005 година. Патрик Милхраум играч на Минхен 1860 го постигнал првиот официјален гол на стадионот.

На 2 јуни како одговор на големата побарувачка, првото „дерби на арената“ се одржало меѓу двата сопственика на стадионот. Тој натпревар го освоил Минхен 1860 со голот на Пол Агостино.

Пред официјалното отворање, двете ветерански екипи на двата клуба одиграле натпревар пред 30.000 гледачи, каде што биле темелно тестирани сите функции на стадионот.

Првиот гол на стадионот кој се одиграл на натпревар од Бундеслигата го постигнал Овен Харгривз за ФК Баерн Минхен, кога домашната екипа победила со 3:0 во сезоната 2005/06 во германската лига, против екипата на ФК Борусија Менхенгладбах на 5 август 2005 година.

Првиот гол на стадионот во официјален натпревар од гостите бил постигнат од ФК Динамо Дрезден на 9 септември 2005 година во втората германска лига против Минхен 1860. Натпреварот завршил со резултат 1:2 пред исполнет стадион, кога биле присутни и околу 20.000-22.000 гледачи, кои допатувале во Минхен од Дрезден. Така Дрезден станале првата екипа која победила како гостин на Алијанц Арената.

Првиот гол против ФК Баерн Минхен во натпревар од лигата на Алијанц Арената бил постигнат од Мирослав Клозе од клубот ФК Вердер Бремен на 5 ноември 2005 година во првата минута. Ова бил единствениот гол на Вердер, бидејќи ФК Баерн го добил натпреварот со 3-1.

ФК Баерн го срушил својот рекорд со распродавање на десет домашни последователни натпревари на Алијанц Арената.

 
Внатрешноста на Алијанц Арената во текот на натпревар помеѓу ФК Баерн Минхен и Минхен 1860, 10 јуни 2005.

Натпревари уреди

Светско првенство во фудбал 2006 уреди

Стадионот бил еден од стадионите на Светското првенство во 2006 година. Сепак, поради договорите за спонзорство, арената била наречена Стадион Минхен во текот на првенството.

Следниве натпревари се одиграле на стадионот за време на првенството од 2006 година:

Датум Време (CEST) Екипа #1 Рез. Екипа #2 Коло Гледачи
9 јуни 2006 18:00   Германија 4–2   Костарика Група А (прв натпревар) 69.451
14 јуни 2006 18:00   Тунис 2–2   Саудиска Арабија Група Х 69.451
18 јуни 2006 18:00   Бразил 2–0   Австралија Група Ф 69.451
21 јуни 2006 21:00   Брег на Слоновата Коска 3–2   Србија и Црна Гора Група Ц 69.451
24 јуни 2006 17:00   Германија 2–0   Шведска четвртфинале 69.451
5 јули 2006 21:00   Португалија 0–1   Франција полуфинале 69.451

Наводи уреди

  1. „Вембли ќе биде домаќин на финалето во 2011“. BBC Sport. 29 јануари 2009. Посетено на 11 декември 2011.
  2. „Алијанц Арена“. destination-munich.com. Посетено на 8 октомври 2012.
  3. „Алијанц Арена“. worldfootballtravel.com. Архивирано од изворникот на 2014-10-09. Посетено на 8 октомври 2012.
  4. „Сместивоста на Алијанц Арената ќе биде зголемена на 71.000“. ФК Баерн Минхен. 29 август 2012. Посетено на 8 октомври 2012.
  5. „FCB erhöht Ticketkontingent in der Südkurve“. ФК Баерн Минхен. 27 април 2013. Посетено на 28 април 2013.
  6. „The inside story of the Allianz Arena, Champions League Final venue“. Four Four Two magazine. Архивирано од изворникот на 2012-05-08. Посетено на 16 јуни 2012.
  7. „Nuts and bolts“. allianz-arena.de. Архивирано од изворникот на 2013-08-02. Посетено на 3 јуни 2013.
  8. „FCB Erlebniswelt opens to the public“.
  9. 9,0 9,1 „Сместивоста на Алијанц Арена зголемен на 71.000“. ФК Баерн Минхен. 29 август 2012. Посетено на 31 август 2012.

Надворешни врски уреди

Претходник
Вембли
Лондон
УЕФА Лига на шампиони
Финале

2012
Наследник
Вембли
Лондон