Албиј Тибул (латински: Albius Tibullus, 55 п.н.е. - 19 п.н.е.) - староримски поет.

Животопис уреди

Иако нема точни податоци за местото на раѓање, се претпоставува дека Тибул се родил во Рим, во богато и угледно семејство. Тој бил убаво момче, со добра градба, воспитан и образован. Некое време бил војник, но набргу ја напуштил воената служба. Подоцна, му бил придружник на Месала, во неговиот воен поход, но е разболел на Крф и се вратил во татковината.[1]

Творештво уреди

Уште во раната возраст, Тибул покажал дарба за пишување и напишал песна посветена на Месала, еден од највлијателните луѓе во Рим, кој ги ценел и ги помагал писателите. За разлика од Вергилиј и од Хорациј, Тибул никогаш во своите песни не го споменал царот Октавијан Август, ја проколнувал војната и го опеал мирниот селски живот. Од неговото творештво се сочувани четири книги (од кои само за првите две недвосмислено се знае дека се неговот дело) со елегии (во елегиски дистих)[2] во кои ги осудува војните, го фали идиличниот селски живот и пее за своите сакани жени: едната се викала Планија, а во песните ја нарекол Делија, другата била Немесис, а третата била Глицера.[3] Сите неговии елегии имаат буколиски карактер. За него, Квинтилијан рекол: „Во елегијата можеме да се натпреваруваме со Хелените, а ми се чини дека во неа најубав и најдобар е Тибул.“ Првите пет елегии му се најубави, а тие се посветени на Делија. И неговите современици го читале и го почитувале Тибул, за што сведочи Овидиј, кој во една своја песна вели: „Додека има љубов и аморови стрели, твоите стихови, Тибуле, ќе се читаат.“[4] Тибул ја ослободил елегијата од александриската ученост и во неа внел длабоко лично чувство, со што ја приближил кон старата јонска елегија. Основната одлика на неговата елегија е еден вид мека тага на која тој умеел да ѝ даде силен личен печат. Поради тоа, повеќе римски поети го прогласиле Тибул за најголем римски елегичар.[5]

Наводи уреди

  1. „Albije Tibul“, во: Rimska lirika. Beograd: Rad, 1964, стр. 98.
  2. Jevrosima Drašković, „Razvitak rimske lirike“, во: Rimska lirika. Beograd: Rad, 1964, стр. 110.
  3. „Objašnjenja“, во: Rimska lirika. Beograd: Rad, 1964, стр. 105.
  4. „Albije Tibul“, во: Rimska lirika. Beograd: Rad, 1964, стр. 98-99.
  5. Jevrosima Drašković, „Razvitak rimske lirike“, во: Rimska lirika. Beograd: Rad, 1964, стр. 111.