Абдулменаф Беџети

македонски економист

Абдулменаф Беџети (роден на 2 јули 1959 година во Мала Речица, Тетовско) — македонски економист, професор и член на МАНУ.

Абдулменаф Беџети
Министер за урбанизам, градежништво, транспорт и екологија
На должноста
29 мај 1997 – 30 ноември 1998
Премиер Бранко Црвенковски
Претходник Димитар Бузлевски
Наследник Боби Спирковски
Член на МАНУ
На должноста
Стапил
4 јуни 2012
Лични податоци
Роден(а) 2 јули 1959
Мала Речица Тетовско,  Македонија
Националност Албанец
Партија ПДП

Образование уреди

Абдулменаф Беџети завршил основно училиште и гимназија во Тетово. Во 1982 година дипломирал на Економскиот факултет во Приштина. Професионалната кариера ја започнал во ТПТ „Техно-Промет“ Тетово во 1983 година каде што работел до 1987 година. Во 1987 година преминал во тогашната СОК – Филијала Тетово каде што работел како финансиски инспектор, а една година потоа бил унапреден во виш инспектор на СОК на Република Македонија. На работното место останал до март 1994 година кога со одлука на Владата на Република Македонија бил именуван за заменик директор на Управата за јавни приходи, а од мај 1995 до февруари 1996 година ја извршувал функцијата директор на УЈП.

Во 1996 година бил избран за министер за развој во Владата на Република Македонија а во периодот од 29 мај 1997 до 30 ноември 1998 година ја извршувал функцијата Министер за урбанизам, градежништво, транспорт и екологија на Република Македонија.

Во 1996 година Беџети се запишал на постдипломски студии на Економскиот Факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“Скопје каде магистрирал во 1999 година, под менторство на академик Ксенте Богоев на тема: ,,Структурата на јавната потрошувачка во Република Македонија и можностите за рационализација“. Докторирал во 2002 година на Економскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, под менторство на проф. д-р. Живко Атанасовски на тема: ,,Јавните расходи во современите држави и во Република Македонија – аспекти на рационализација и оптимализација“.

Научна дејност и работен век уреди

Од основањето на Универзитетот за Југоисточна Европа во 2001 година работел како предавач на Факултетот за бизнис администрација и за јавна администрација по предметите: основи и принципите на менаџмент и основи и финансиско сметководство. Во 2002 година бил избран за доцент по предметите макроекономија и јавни финансии. Во 2002 година Одборот на Универзитетот за Југоисточна Европа го именувал за декан на Факултетот за бизнис администрација, а во почетокот на академската 2004/05 година бил именуван за проректор на Факултетот за Југоисточна Европа задолжен за финансии и развој на Универзитетот, која функција ја извршувал до август 2012 година, кога бил именуван за член на Одборот на ЈИЕУ, функција која и денеска ја извршува.

Покрај редовната настава на додипломските, постдипломските и докторските студии, како и научноистражувачките активности во областа на социо-економските односи. Во 2004 година, во рамките на меѓууниверзитетската соработка, учествувал во двомесечна програма за доедукација во студиските програми на постдипломските студии и научноистражувачката дејност во САД на Универзитетот во Индијана – Индијанополис, на Факултетот за бизнис менаџмент (Kelley Business School). Во ноември 2005 година е избран за вонреден професор на Универзитетот за Југоисточна Европа – Тетово во областа макроекономијата и јавните финансии.

Во почетокот на 2010 година бил избран за редовен професор во областа на макроекономијата – јавни финансии, врз основа на рецензија од Комисија во чиј состав се проф. д-р Heinz Dieter Wenzel, редовен професор на Универзитет Бамберг – СР Германија, претседател, акад. Таки Фити, редовен професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и проф. д-р Суло Хадери, редовен професор на Економскиот Факултет на Универзитетот во Тирана.

Истовремено Абдулменаф Беџети бил член на многу меѓународни и регионални иницијативи и организации (SECI, PS, и др.) како и на многу стручни и други асоцијации во земјата (Сојузот на финансиски и книговодствени работници на Република Македонија, Сојузот на економисти на Република Македонија, на Здружението на економистите од Тетово и на д-р). Бил и сè уште е член на надзорни и управни одбори на многу реномирани организации во регионот помеѓу кои и член на одбор за ревизија и на Управен Одбор на НЛБ банка во Скопје и Приштина истовремено.

Абдулменаф Беџети има објавено две книги, два универзитетски учебника, над 100 научни трудови, а во последнава деценија и повеќе од 200 анализи, колумни и мислења во средствата за јавно информирање во Република Македонија.

Во 2012 година бил избран за член на Албанската академија на уметностите и науките. За член на Македонската академија на науките и уметностите бил избран на 4 јуни 2012 година.

Во 2018 година стана Ректор на Факултетот на Југоисточна Европа[1]

Наводи уреди

  1. „Academician Abdylmenaf Bexheti is appointed the new Rector of SEEU“. South East European University (англиски). Посетено на 2018-06-11.
Политички функции
Претходник
Димитар Бузлевски
Министер за урбанизам, градежништво, транспорт и екологија
29 мај 1997 - 30 ноември 1998
Наследник
Боби Спирковски