Љубојно

село во Општина Ресен

Љубојно — село во Општина Ресен, во областа Долна Преспа, во околината на градот Ресен, сместено во близина на брегот на Големото Преспанско Езеро.

Љубојно

Поглед кон сретселото

Љубојно во рамките на Македонија
Љубојно
Местоположба на Љубојно во Македонија
Љубојно на карта

Карта

Координати 40°53′39″N 21°8′26″E / 40.89417° СГШ; 21.14056° ИГД / 40.89417; 21.14056Координати: 40°53′39″N 21°8′26″E / 40.89417° СГШ; 21.14056° ИГД / 40.89417; 21.14056
Регион  Пелагониски
Општина  Ресен
Област Долна Преспа
Население 141 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7318
Повик. бр. 047
Шифра на КО 23026
Надм. вис. 900 м
Слава Атанасовден[2]
Мреж. место Љубојно
Љубојно на општинската карта

Атарот на Љубојно во рамките на општината
Љубојно на Ризницата

Потекло на името уреди

Во врска со името на селото, Влоѓимјеж Пјанка пишува дека е посвојно образувано со помош на наставката „-јно“ од личното име Љубота или можеби од женското име Љубова. Ова се потврдува и низ преданијата на некои љубанци.[3]

Меѓутоа, кај постарите жители на селото се раскажувале и две легенди, кои упатуваат дека името на селото е изведено од зборот „љубов“. Едната легенда говори дека некогаш (многу одамна) од двете соседни населби (Калинци и Куќиштата) се вљубиле момче и девојка. Но, поради лошите меѓусоседски односи на жителите од двете населби, момчето и девојката не смееле да се земат. На крајот, победила љубовта. Тие се земале и побегнале од своите населби. Во непосредна близина на реката подигнале свој дом за вечно и среќно живеење. Подоцна, во нивната близина се доселувале и други семејства. Населбата што се создала била наречена Љубојно по приказната за нераскинливата љубов на нејзините први жители.[3]

Втората легенда говори дека името на селото настанало кога двете населби (Калинци и Куќиштата) почнале да се соединуваат и да ја градат новата населба (на сегашната положба). Тоа го правеле со голема љубов и меѓусебна почит (се сакале, се љубеле). Од таа меѓусебна почит и љубов, настанало и името на нивното село.[3]

Во историските извори, ова село е забележано како „Љубовино“. Тоа се совпаѓа со едно предание според кое името дошло по првонаселената меанџика Љуба, која точела многу убаво вино. Кога муштериите влегувале во меаната гласно нарачувале „Љубо, вино“.

Географија и местоположба уреди

 
Уредени камени куќи на патот кон селото Брајчино

Селото е сместено на околу 2 километри источно од Големото Преспанско Езеро, во една од западните пазуви на планината Баба, во долниот тек на живописната долина на Брајчинска Река. Се простира на обата брега на реката, на надморска височина од околу 920 метри.[3][4] Се наоѓа 2 километри од езерото, а на 28 километри оддалеченост од градот Ресен.[4]

Нема сознанија дека селото било преместено. Се пренесува предание дека селото настанало со доселување на домаќинства од најблиските некогашни заселци Калинци (Колибите) и Куќиштата, а подоцна и од други подалечни места.[3]

Љубојно се граничи со следниве села: со Штрбово на север, со Брајчино на исток, со селото Долно Дупени на југ и со селото Наколец на запад.[3]

Атарот на Љубојно се простира на површина од 1358 хектари (околу 13,58 км2) и зафаќа рамничарско и ридско-планинско земјиште, на северната страна на селото голет, а на јужната, југоисточната и источната се простира густа претежно дабова шума. Од вкупната површина на атарот: 477,4 хектари се обработливо земјиште, 396,9 хектари пасишта и 396,7 хектари шума.[3]

 
Куќа во староградска архитектура, вообичаена за поголемиот дел од куќите во Љубојно

Низ атарот на селото тече Брајчинска Река (кај љубанци позната и по името „Стара Река“), водоносна, брза и бистра, никогаш не пресушува. На нејзиниот јаз кој минува низ селото, до годините на Илинденското востание работеле 16 воденици, две валалници и девет казани за варење ракија.[3]

За разлика од повеќето преспански села, во права смисла на зборот Љубојно е село од собран, дури збиен тип, со околу 350 куќи, градени наблиску или меѓусебно поврзани и правилно распоредени од двете страни на јасно создадените и делумно асфалтираните улици. Основен белег на селото му даваат куќите градени меѓу двете светски војни, со печалбарски пари. Нив посебно ги краси фино делканиот камен, разнобојните фасади и вкусно гелендираните балкони. Двориштата во кои се наоѓаат останатите стопански објекти (тремови, штали, плевни, магацини, гаражи, фурни, бунари, гумна, и сл.) главно се оградени со високи авлии и широки порти. Денес, се обновуваат старите, но се градат и нови современи куќи. Селото Љубојно носи особености на мала градска населба.[3]

Според групираноста на куќите и семејствата, селото се дели на повеќе поголеми маала: Чифличка (западниот), Пашариковска (југоисточниот), Илиовска (североисточниот), Сејменовска, Бубутиовска или Лембовска (средишниот) и Поленска или Кондовска или Лубаровска (јужниот дел на селото).[3]

Самото село е директно поврзано со асфалтен пат со Наколец и Долно Дупени, кои лежат крај главниот регионален пат кој го поврзува источниот брег на Преспанското Езеро со магистралниот пат за Ресен и Битола, а од Љубојно води и единствениот пат кон Брајчино кој е обновен, проширен и асфалтиран во најново време.

Историја уреди

 
Мост во Љубојно за време на Првата светска војна

Љубојно е старо христијанско село во кое отсекогаш живееле православни Македонци. Под различни облици на денешното име (Љубоини, Лјубојно, Љубоино и Љубојно) неговото постоење е забележано во повеќе извори од различни периоди. Најрано е споменато во втората грамота на царот Душан од 1337 година кога тој ја подарил селската црква Свети Никола на манастирот Трескавец.[3][4] Подоцна, Љубојно повторно се спомнува и во еден запис на Сливничкиот манастир од 1607 година, како поголема македонска населба.

Од ова село потекнува Георги Трајков, учесник во Кресненското востание (1878/79) во четата на Стефо Николов од село Бесвина.[3]

Во XIX век, Љубојно се наоѓало во Битолската каза, нахија Долна Преспа, во Отоманското Царство.

 
Спомен-плоча за страдањата и случувањето за време на Илинденското востание

До 1912 година, Љубојно било под турска власт, а во тој склоп и беговски чифлик. Љубанци никогаш не се помириле со турското ропство. Масовно и активно учествувале во подготовките и текот на Илинденското востание. Во 1902 година, во селото било создадено раководно востаничко тело и три востанички чети. На 5 март 1903 година во селото е водена тешка борба со турската војска. Во почетокот на востанието љубанската чета учествувала во нападот на нахискиот центар Наколец. Загинале 20 луѓе, селото било ограбено и биле изгорени 105 куќи.[3] Дополнително, населението во Љубојно гладувало затоа што Турците ги изгореле снопјето и го однеле сето овршено жито.[5]

Според записите на хуманитарната делегација на Скопската митрополија во книгара „Спомени од една обиколка во 1903“ (издадена во 1910 година), за време на Илинденското востание, Љубојно било опколено од војска од три страни при што биле изгорени 105 македонски и 11 турски, а само една мала куќичка среде селото останала здрава.[5] Страдањата и случувањата за време на Илинденското востание во Љубојно се запишани на спомен-плочата која се наоѓа на куќа веднаш до патот кон Брајчино во горниот дел на селото.

Во Првата балканска војна (ноември 1912), селото се нашло под српска власт, а во текот на Првата светска војна под бугарска окупација, со што се најде и во зафатот на Македонскиот фронт. Во еден период на војната (1916 година), Љубојно било засолниште за евакуираните жители на селото Долно Дупени. Подоцна, со поместувањето на фронтот, низ селото поминале и војските на Антантата. Во текот на војната, љубанци биле мобилизирани во војските на спротивставените страни.[3]

Во 1917 година селото го зафатило „шпанска грозница“ (пегав тифус), од која умреле повеќе луѓе.[3]

По завршувањето на Првата светска војна, Љубојно повторно се нашло под српска власт. Во ова време, Љубојно претставувало седиште на новосоздадената општина.[3]

 
Спомен-плоча за борбите против германските војници на 8 септември 1943 година за време на Втората светска војна

Во Втората светска војна селото паднало под окупација на фашистичка Италија (мај 1941 година), со што се нашло во составот на т.н. Голема Албанија. Во Љубојно била основана општина (истурен пункт на Потпрефектурата Царев Двор).[5] Во селото имало италијанска војска, карабињери и албанска полиција. На 12 декември 1941 година во селото биле одржани жестоки демонстрации против назначувањето на албанска администрација (кмет, чиновници и учители). По капитулацијата на Италија (8 септември 1943 година) било слободна територија на НОАВМ. На 8 ноември 1943 година паднало под окупација на фашистичка Бугарија, под која останало до ослободувањето на 5 септември 1944 година. Загинале пет борци.[3][6]

На 8 септември 1943 кај селската црква во борбите против хитлеровските германски банди при разоружувањето на италијанската фашистичка војска јуначки загинале Кичо Чулаковски од Љубојно кој живеел во битолското село Бистрица, Ристо Т. Ѓоршевски од село Канино (Битолско) и Фари К. Ибраиме од село Нижеполе (Битолско). Овој историски настан е запишан на спомен-плочата на НОБ, која се наоѓа на оградата до влезот во дворот на селската црква и гробишта на сретсело.[3]

Со прва училишна зграда се здобило во 1906 година, а со нова во 1971 година, жандермериска станица била основана во 1922 година, општинска зграда подигната во 1926 година, објекти за потребите на граничните единици во 1932 година, пошта во 1936 година, царинарница во 1937 година, дом на културата во 1952 година, електрична енергија селото добило во 1951 година, амбуланта во 1961 година, асфалтен пат во 1985 година, водовод во 1976 година, телефонски приклучоци во 1988 година.[3]

Стопанство уреди

 
Старото училиште „Димитар Влахов“ во селото, отворено на 15 ноември 1944 година како второ училиште во кое службен јазик е македонскиот.

Својата издршка, љубанци претежно ја обезбедувале преку поледелството, сточарството, занаетчиството, трговијата и печалбарството. Во рамките на поледелството најмногу произведувале житарици (’рж, пченица, јачмен, пченка, и др.), потоа саделе лозја, зеленчукови и овошни градини, во кои најмногу се одгледувале грав, пипер, патлиџан, кромид, лук, зелка и друго. Во рамките на сточарството најмногу се одгледувале волови, крави, коњи, магарињи, овци, кози и свињи. Покрај ова, во периодот меѓу двете светски војни и во годините на Втората светска војна и непосредно по неа, доста се занимавале со занаетчиство и трговија. Во тоа време, Љубојно имало 14 чевларски работилници, 8 дуќани на стока за широка потрошувачка и текстил, 5 кафеани, 6 дрводелски и 4 шнајдерски работилници, 2 фурни за леб, 8 воденици, 2 ковачници и 1 берберница. По ослободувањето на земјата, повеќе луѓе се вработиле во органите на управата, општествените дејности и претпријатијата. Љубанци одамна почнале со печалба, најмногу ги има во САД и Канада.[3]

Денес, како и во другите села во Преспа единствена земјоделска гранка која е застапена за надворешни пазари и трговија е овоштарството, односно производството на јаболка.

Поради карактеристичната местоположба на селото и живата природа, Љубојно е типично македонско село со огромен потенцијал за еколошки туризам. Туристички активности во селото се поврзани претежно со езерскиот туризам. Останатите активности на селскиот туризам се многу скромни. Во селото, туристичкиот престој на голем број од посетителите е поврзан со месното население, заснован на роднинска поврзаност со посетителите кои доаѓаат од градските средини. Тоа е население по потекло од ова село коешто се иселило пред многу децении. Во обновените селски куќи или новоизградените, претежно во летниот период во текот на летните одмори и за време на викендите и празниците, во семејните куќи престојуваат сопствениците со семејството, со свои роднини или со пријатели. Најчест мотив за посета на туристите претежно домашни е езерото за капење и сончање.

Население уреди

Население во минатото
ГодинаНас.±%
19481.171—    
19531.209+3.2%
1961884−26.9%
1971753−14.8%
1981965+28.2%
ГодинаНас.±%
1991464−51.9%
1994238−48.7%
2002186−21.8%
2021141−24.2%

Во текот на своето постоење, Љубојно го бележело следниот демографски развој: во 1568/69 година селото имало 45 семејства (опширен пописен дефтер за казите Горица, Биглишта и Хрупишта).[3]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Љубојно имало 550 жители, сите Македонци христијани.[7] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Љубојно имало 786 жители.[8]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Љубојно се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 89 куќи.[9]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 1.000 Македонци.[10]

Поради традицијата кон печалбарството и иселеништвото, Љубојно забележува голем, значаен и постојан пад на бројот на своите жители. Така Љубојно некогаш била голема печалбарска селска населба, но од неа се иселил значителен број на населението и таа преминала од големо во мало село.[4] Во 1961 година во Љубојно живееле 884 жители, од кои 868 биле Македонци, 10 Албанци, додека во 1994 бројот се намалил на 238 жители од кои 223 Македонци, 12 Албанци и 1 Влав.

Според пописот од 2002 година, во селото Љубојно имало 186 жители, од кои 175 Македонци, 10 Албанци и 1 Влав.[11]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 141 жител, од кои 131 Македонец, 1 Турчин, 1 Влав, 1 останат и 7 лица без податоци.[12]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 550 786 1.171 1.209 884 753 965 464 238 186 141
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]

Родови уреди

Во селото Љубојно живеат исклучиво Македонци од православна христијанска вероисповед. Семејства и родови од Љубојно се: Алабаковци кои се доселиле од Котори во Леринско (од овој род потекнува познатиот македонски пејач Ламбе Алабаковски), Бубутиовци, Баковци кои се доселиле од Герман, Видиновци, Василевци кои се доселиле од Р’мби, Врчковци, Голомадевци, Грежловци, Герман(ов)ци кои се доселени од Герман, Граматниковци кои се доселени од Рудари, Грковци, Дупенци кои се доселени од Долно Дупени, Димовци, Долевци, Думбовци, Дораковци, Деникини кои се доселени од Крани, Јовковци, Јаневци, Јанковци, Кичовци, Казиовци, Кондовци кои се доселиле од Ѓирокастро во Албанија, Карапашовци кои се доселиле од Охридско, Клунковци, Крстиновци кои се доселени од Наколец, Калајџиовци доселени од Охридско, Ложенковци доселени од местото Лок, Лембовци, Лубаровци, Ластагарковци, Мартиновци, Мелевци, Марковци, Масларџиовци, Мешковци, Милевци, Манивиловци, Нановски доселени од Наколец, Нивичани доселени од Нивици, Најдовци, Николовци, Паспаловци кои се доселиле од Скребатно - Охридско, Петковци, Поповци, Пашариковци се доселиле од Брајчино, Панчевци доселени од Нивици, Петревци кои се доселиле од Граждено, Рајчовци, Стасовци, Србиновци, Стојковци, Трифуновци се доселиле од Крани, Томулевци кои се доселиле од Прмети во Албанија, Танчевци, Фотевци, Чулаковци, Шерденковци се доселиле од Ракицко во Албанија, Шалковци.[3]

По педесеттите години на XX век, по различни основи, во Љубојно се доселиле и следните македонски семејства: Дурловци од Герман, Јовановци од Сливово - Охридско, Кузмановци од Лесково - Демирхисарско, Колевци од Велестово - Охридско, Колачковци од Герман, Настевци од Подмочани, Петревци од Езерани, Поповци од Брајчино, Тодоровци од Долно Дупени, Трајковци од Бач - Битолско, Цветановци од Единаковци - Демирхисарско и Џајковци од Брајчино.[3]

Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1949 година, родови во селото се:

  • Староседелци: Волкановци со Стасовци, Павлевци, Србиновци и Најдовци (10 к.), Казиовци и Бежановци (1 к.), Мартиновци (1 к.), Лубаровци (5 к.), Радичовци (7 к.), Сејменовци со Чулаковци, Џајковци, Масларџиовци, Дураковци и Јаневци (25 к.), Бубутиовци (10 к.), Лембовци (11 к.), Голомадевци со Колевци (5 к.), Николовци (2 к.), Милевци (6 к.), Долевци (1 к.), Видиновци (6 к.), Фотевци (5 к.), Маркулевци (1 к.) и Шалковци (5 к.)
  • Доселеници: Граматинковци (1 к.) доселени се од селото Рудари во егејскиот дел од Преспа; Германци или Карафиловци (5 к.) доселени се од селото Герман во егејскиот дел од Преспа; Баковци (3 к.) доселени од истото село, Герман; Поповци и Кичовци (6 к.) доселени се од селото Брајчино; Нивичани (4 к.) доселени се од селото Нивици во егејскиот дел од Преспа; Паспаловци (12 к.) и Карапашовци (5 к.) доселени се од селото Скребатно кај Охрид; Дупенци (2 к.) доселени се од селото Долно Дупени; Пашариковци (6 к.) доселени се од селото Брајчино; Томулевци (5 к.) и Алабаковци (4 к.) доселени се од околината на Трикала во Тесалија; Шерденковци (5 к.) доселени се од Рупишта кај Костур; Кондевци (12 к.) доселени се од околината на Ѓирокастро во Албанија. Потекнуваат од предок Влав; Јанкуловци (2 к.) доселени се од селото Нивици во егејскиот дел од Преспа; Калинци со Манивиловци и Мастагарковци (7 к.) доселени се од некое старо село Германец, северозападно од Љубојно; Калајџиевци (1 к.) доселени се од селото Долно Дупени, таму имале истоимени роднини; Думбовци (2 к.) доселени се од селото Герман; Милевци (1 к.) доселени се од селото Крани; Николчановци (3 к.) доселени се од селото Наколец, каде припаѓале на родот Стојчевци; Робенковци (3 к.) доселени се од селото Р’мби во егејскиот дел од Преспа.[17]

Општествени установи уреди

 
Поштата во селото
 
Зградата на централното основно училиште „Димитар Влахов“

Самоуправа и политика уреди

Селото влегува во рамките на Општина Ресен, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Ресен.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Ресен. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Ресен.

Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Љубојно, во која покрај селото Љубојно, се наоѓале и селата Арвати, Брајчино, Долно Дупени, Крани, Наколец, Сливница и Штрбово. Во периодот 1950-1952 година, селото повторно било дел седиште на некогашната Општина Љубојно, во која влегувале селата Брајчино, Долно Дупени, Наколец и Љубојно.

Избирачко место уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 1648 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на селски дом.[19]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 214 гласачи.[20]

Културни и природни знаменитости уреди

 
Главната селска црква „Св. Јован Богослов“, сместена на сретсело
 
Поглед од селото кон Љубојнскиот манастир над селото
Археолошки наоѓалишта[21]
  • Куѓишта — населба од римско време;
  • Рудина — населба од римско време;
  • Кула — населба со некропола од доцноантичко време;
  • Граишта — некропола од римско време;
  • Присој — населба од римско време;
  • Св. Димитрија — црква и некропола од средниот век.
Цркви[22][23][24]
  • „Св. Јован Богослов“ — главна селска црква изградена во 1861 година, по опожарувањето во 1903 година обновена е во 1921 година. Црквата е трокорабна со многуаголна апсида (седумстрана). Во олтарниот простор има ѕидно сликарство кое датира од 1928 година;
  • „Воведение на Пресвета Богородица“ — мала еднокорабна градба со полукружна апсида изградена врз постар објект од кој е зачуван олтарен фрескоживопис од XVII век;
  • „Св. Илија“ — се наоѓа источно од селото на патот кој води кон Брајчино, се претпоставува дека е изградена во XIX век, а подоцна е обновена. Нема живопис, а фреските се од понов датум;
  • „Св. Никола“ — мала градба со полукружна апсида, која најверојатно е изградена во XIV век, бидејќи се споменува како подарок на манастирот Трескавец во повелба на царот Душан од 1337 година;[4]
  • „Св. Атанасиј“ — се наоѓа на околу 1 километар источно од селото. Подигната е во 1623 година, а обновена во 1968. Во олтарот има сочуван фрескоживопис;
  • „Св. Марена“ — се наоѓа на западниот крај на селото, претставува мала и неугледна градба во маалото на Шерденковци. Култот на Света Марена е многу раширен во делот на Преспа кој денес се наоѓа во границите на Албанија. Во Љубојно го почитува семејството Шерденковци;
  • „Св. Димитриј“ — се наоѓа на околу 1 километар западно од селото, има мала градба;
  • „Св. Богородица“ — се наоѓа западно од селото, мала по димензии и со скромна архитектура;
  • „Св. Петар и Павле“ — манастирска црква, се наоѓа на 1,5 километри источно од селото. Изградена е во 1923 година. Има убава камбанарија и прекрасен видиковец. До црквата води земјен пат.
Манастири
Споменици
  • Спомен-плоча за настаните од Илинденското востание
  • Спомен-плоча за настаните од 1943 година
  • Спомен-плоча за загинатите во НОБ

Редовни настани уреди

Суроа

Во Љубојно, „Суроа“ се одбележува вечерта спроти Василица, во близина на Полената (сретсело). Вечерта се пали голем оган и се принесува трпеза на која главниот дел од јадењето го носи „кумот“, се пие топла ракија и вечерта се развива во народна веселба во која селото функционира како духовна целина. Заедницата ги гони лошите работи од годината која заминува и ја прославува новата година. Рано наутро на самиот ден Василица, мали коледарчиња ги обиколуваат селските куќи и пеат пригодни песни, а домаќините ги даруваат со прилози во слатки, овошје и ситни пари.

Богојавление-Водици (19 јануари)

Ова е уште еден од празниците кои можат да се вклопат во културната понуда. Во зависност од поставеноста на селата, осветувањето на водите и фаќањето на крстот се врши на езерскиот брег (Стење), или во локалните реки (Љубојно, Брајчино).

Илинден (2 август)

Овој празник во Љубојно се прославува како верски празник и како современа манифестација од циклусот на „иселенички средби“. Прославата започнува на 1 август со културни манифестации од типот на промоции на книги и монографии за селото и литературни читања. Наутро, на 2 август, жителите на селото одат во црквата Свети Илија каде палат свеќи, а подоцна во текот на денот сите куќи во селото се отворени за гости кои доаѓаат на „визита“. Селото е едно од опожарените места во Преспа за време на Илинденското востание, настан кој се одбележува со полагање на свежо цвеќе на спомен-плочите на загинатите во Илинденското востание и во Втората светска војна. Вечерта на 2 август на селската Полена (сретсело) се организира голема народна веселба, на која гостуваат културно-уметнички друштва, врвни македонски фолк и поп-ѕвезди. Овој дел од прославата е најмасовен и според љубанци се собираат помеѓу две и три илјади посетители. Локалната НВО за развој на туризмот организира и продажба на промотивен материјал од Љубојно (престилки, капчиња...) се продаваат и слатки и домашни бели печива на посебно поставени штандови. За Љубанци, Илинден е „најголемиот ден“ во годината и сите масовно се трудат да бидат присутни во селото, без разлика каде живеат во светот.

Личности уреди

Иселеништво уреди

До 1949 година иселеници од селото имало во САД (13 семејства), Битола (11 семејства), Србија (5 семејства), Канада (2 семејства), Бугарија (1 семејство), Штип (1 семејство), Австралија (1 семејство), Ресен (1 семејство), Скопје (1 семејство).

Иселеништвото продолжило и потоа и водело кон градовите во Македонија, европските и прекуокеански држави.

Галерија уреди

Архитектура
Улици

Наводи уреди

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Љубојно, сè до 1941 година, за своја општа селска слава го имало „Св. Атанас“ - летен (15 мај). Но, со почетокот на Втората светска војна, кога повеќето љубанци се најдоа во заробеништво на агресорските војски, а за кои се сметало дека загинале некаде на фронтовите ширум земјата, селото соопштило дека при ваква несреќа, нема да се слави, со што околните мештани на селата сфатиле дека засекогаш Љубојно ја откажало својата слава.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 3,14 3,15 3,16 3,17 3,18 3,19 3,20 3,21 3,22 Јовановски, Владо (2005). Населбите во Преспа (PDF). Скопје: Ѓурѓа. стр. 199–208. ISBN 9789989920554. Посетено на 26 ноември 2016.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 185. Посетено на 26 ноември 2016.
  5. 5,0 5,1 5,2 Јоновски, Ј. Кирил. „Преспа - историска енигма“. Скопје, 2002. стр. 89-91
  6. Загинати: Цветко Думбовски, Јонче Шалковски, Васил Јовковски, Пандо Пашариковски и Јоше Рајчовски.
  7. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 241.
  8. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 170-171.
  9. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 15.
  10. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  11. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 26 ноември 2016.
  12. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  13. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  14. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  15. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  16. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  17. Русиќ, Бранислав. Преспанска област. Архивски Фонд на МАНУ, к-2, АЕ 87.
  18. „Список на поштенски единици“ (PDF). Македонска пошта. Скопје. Посетено на 26 јули 2016.
  19. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  20. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  21. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  22. Печалбарска љубов кон црквите и манастирите во Љубојно
  23. Манастирите и Црквите во Брајчино. Архивирано од изворникот на 2016-12-22. Посетено на 26 ноември 2016.
  24. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  25. Може да се спомне дека во Љубојно е родена и се школувала веќе една од најпознатите македонски естрадни ѕвезди – Ламбе Алабаковски[мртва врска]
  26. КРИСТОФЕР МАСЛАРЏИЕВСКИ, 22-ГОДИШЕН АКТЕР ВО САД -Македонското презиме буди интерес во Холивуд
  27. ВМРО-вците во Битола и нивните акции. Архивирано од изворникот на 2014-05-08. Посетено на 2009-02-25.
  28. 28,0 28,1 Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Државен архив на Република Македонија.
  29. 29,0 29,1 Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва том I, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  30. Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.

Надворешни врски уреди