Јохан Пленге (германски: Johann Plenge; 1874-1963) - германски историчар, социјалист и политички мислител.

Животопис уреди

Пленге работел како професор на универзитетите во Лајпциг и во Минстер.[1]

Творештво уреди

Пленге бил приврзаник на „организацискиот социјализам“, сметајќи дека организацијата е суштината на социјализмот и се залагал за обновување на социологијата за која сметал дека ќе им помогне на извршните директори успешно да раководат со големите организации. Во 1911 година ја објавил книгата „Маркс и Хегел“ (Marx und Hegel) во која укажал на влијанието на идеите на Хегел врз учењето на Маркс. Во 1916 година објавил ја книгата „1789 и 1914: Симболични години во историјата на политичката мисла“ (1789 und 1914: die symbolischen Jahre in der Geschichte des politischen Geistes) во која ја застапува тезата за судирот меѓу идеите од 1789 (идејалот на слободата) и идеите од 1914 (идејалот на организацијата. Во неа, тој ја изнесол идејата дека војната меѓу Германија и Англија е судир меѓу два спротивни принципи и дека „Економската светска војна“ е третата голема епоха во духовниот развој на модерната историја, исто толку важна колку и реформацијата и Француската буржоаска револуција. Според него, оваа војна ја претставува борбата за победа на новите сили кои произлегуваат од напредниот економски живот на XIX век: социјализмот и организацијата.[2] Во оваа книга, Пленге смета дека, во сферата на идеите, Германија е најистакнатиот експонент на социјалистичкиот сон и дека се одликува со најорганизиран економски систем, поради што таа го претставува XX век. Според него, „независно како ќе заврши војната, ние сме народ за пример. Нашите идеи ќе ги определат целите на животот на човештвото. Во овој момент, Светската историја доживува колосален спектакл во кој нов голем животен идејал се пробива кон конечната победа, додека во исто време, во Англија, еден од Светско-историските принципи конечно пропаѓа“.[3] Понатаму, Пленге ја возвишува германската воена економија, создадена во 1914 година, сметајќи ја за пример на „прва реализација на социјалистичкото општество, а нејзиниот дух за прва активна... појава на социјалистичкиот дух. Воените потреби ја воспоставија социјалистичката идеја во германскиот економски живот и, оттука... идејата за германската организација, заедницата на луѓето (Volksgemeinschaft) на националниот социјализам.“[4] Во такви услови, „целиот наш политички живот во државата и во индустријата се крена на повисоко ниво. Државата и економскиот живот формираат ново единство... Чувството на економска одговорност која ја карактеризира работата на државните службеници е вплотено во целата приватна активност.“[5] Ваквата државна организација на економската активност Пленге ја оценува како „највисока форма на живот на државата која е досега позната на земјата“.[6]

Своите тврдокорни, централистички социјалистички идеи, Пленге ги искажал јасно кон крајот на Првата светска војна во социјалистичкото списание Die Glocke, пишувајќи: „Крајно време е да се разбере фактот дека социјализмот мора да биде политика на власта, зашто тој треба да биде организација. Социјализмот треба да ја освои власта: тој никогаш не смее слепо да ја уништи власта...[7]

Наводи уреди

  1. F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 184.
  2. F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 184-185.
  3. Johann Plenge, 1789 und 1914: die symbolischen Jahre in der Geschichte des politischen Geistes. Berlin: J. Springer, 1916, стр. 20.
  4. Johann Plenge, 1789 und 1914: die symbolischen Jahre in der Geschichte des politischen Geistes. Berlin: J. Springer, 1916, стр. 82.
  5. Johann Plenge, 1789 und 1914: die symbolischen Jahre in der Geschichte des politischen Geistes. Berlin: J. Springer, 1916, стр. 120-121.
  6. Johann Plenge, 1789 und 1914: die symbolischen Jahre in der Geschichte des politischen Geistes. Berlin: J. Springer, 1916, стр. 121.
  7. F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 186.