Јосиф Михајловиќ - Јурукоски

Јосиф Михајловиќ - Јурукоски (Тресонче, Гостиварско, 1887 - Скопје, 11 март 1941) — еден од позначајните тресончани кои живееле во периодот меѓу двете светски војни. Тој бил градоначалник на Скопје и творец на најкапиталните архитектонски објекти во градот. Живеел само 54 години.[1]

Портрет на Јосиф Михајловиќ - Јурукоски

Дела уреди

Ретко кој се запрашал кој бил градоначалник на Скопје кога се изградил градскиот водовод од изворот „Рашче“ кај селото Радуша, кога се подигнала хидроцентралата „Матка“ на реката Треска, зградата на Собранието на Република Македонија, старата железничка станица во центарот на Скопје (урната во земјотресот во 1963 година), "Зеленото пазарче" до зградата на Парламентот, Офицерскиот дом (разрушен во земјотресот), старата зграда на Народната банка на Македонија (исто така разурната во земјотресот), градскиот парк и зоолошката градина. Негови дела исто така се: урбанистичкиот план на градот, проширувањето на електричната мрежа и канализацискиот систем на целата територија на Скопје, машката гимназија „Кирил и Методиј“ и женската гимназија „Кралица Марија"“ ја обновил опожарената библиотека на Иса бег каде се наоѓала и книгата на најславниот лекар Хипократ на арапски јазик, што на латински се превела дури во 16 век на запад. Неговиот мандат траел седум и пол години

Освен овие дела, за време на неговиот мандат биле изградени дваесетина училишта, над 280 километри градски улици, воените скривници, проширена била градската болница, изградена нова градска кланица, изградени над 20 сообраќајни крстосници кои и денеска се користат, надвозници, мостови, пристапни и излезни патишта, неколку тениски и две фудбалски игралишта и детското одморалиште „Горно Водно“. Бил дел од тимот кој ја проектирал зградата на Академијата на науките и уметностите на Србија и на градската палата на градот Белград.

Со сите овие реализирани проекти тресончанецот Јосиф успеал Скопје да го претвори од обична турска касаба во модерен европски град. И денеска некои негови дела стојат построени низ скопска котлина како потсетник на дела какви никој пред него и потоа не успеал да направи за столицата на Република Македонија.

Раѓање и школување уреди

Јосиф Михајловиќ е роден во Тресонче, во маалото Јуруковци во 1887 година од татко Мијалче, во семејство на ѕидари и зографи. Бил од родот Јуруковци. Малиот Јосиф се описменил во манастирот Бигорскиот манастир, а поради работата на татко си во реонот на Скопска Црна Гора, целата фамилија на Јосиф, кога тој имал само шест години, се преселила во скопското село Кучевиште. Таму Јосиф помагајќи му на татка си во работата го одушевил српскиот крал со неговата трудолљубивост (кој во тоа време бил во посета на Скопје), па кралот наредил да се запише неговото име и презиме, и подоцна Јосиф добива стипендија по што неговиот живот целосно се променува. Таму Јосиф завршил основно образование, нижа гимназија завршил во Скопје, а виша во Солун, каде како српски питомец матурирал во 1906 година. Тоа е времето кога територијата Македонија сè уште била под власт на Отоманското Царство.

Зографската и градителска историја на неговото семејство го натерало студирањето да го продолжи на Техничкиот факултет во Белград на отсекот архитектура. Го завршил за рекордно време, за само 4 години. По дипломирањето во 1910 година професорите го испратиле на постдипломски студии по архитектура во Италија, каде специјализирал на романската класична уметност на ренесансата.

Прва работна задача по враќањето од таа земја во 1911 година му било вклучувањето во тимот што ја проектирал зградата на Академијата на науките и уметностите на Србија и на градската палата на градот Белград.

Во следните години накратко замрела неговата кариера.

Балканските војни уреди

Почнале балканските војни и тој, како и голем број други Македонци бил мобилизиран во редовите на српската армија, но се нашол и во редовите на мијачкиот војвода Доксим Учителот од Галичник.

За време на една битка со Турците кај селото Младо Нагоричане војводата загинал, а Јосиф бил ранет во главата.

За време на војните Михајловиќ се профилирал политички како демократ, што подоцна го донело до местото претседател на скопското општинско Поглаварство.

По завршувањето на двете балкански, почнала Првата светска војна. И во неа Јосиф учествувал во редовите на српската војска, а бил и еден од војниците кои биле дел од големата колона што под налетот на австроунгарските сили се повлекувале во Грција преку Албанија. При повлекувањето се нашол на островот Крф, од каде тој и уште неколку други учени луѓе бил испратен во западните држави за да собира средства за потребите на солунскиот фронт. Патот го однел во Америка, каде останал до крајот на војната. На американскиот континент се стекнал со титулата инженер-архитект и сосема длабоко навлегол во американските политички концепти. По враќањето од Америка заминал на доспецијализација на Универзитетот во Сорбона (Франција), на Институтот за урбанизам, а заминал на уште повисоко специјализирање и во Лондон.

Градоначалник на Скопје уреди

По завршувањето на Првата светска војна и по студиите во Франција и Англија Јосиф се вратил во новосоздаденото југословенско Кралство на Србите, Хрватите и Словенците и почнал да работи во едно градежно претпријатие - „Феникс“. Набрзо стекнал висок углед како одличен архитект, па на 29 јануари 1929 година бил и официјално назначен за градоначалник на Скопје или како што тоа тогаш се нарекувало, претседател на општинското Поглаварство. Пред тоа во Градот работел како архитект-урбанист и уште тогаш имал почнато неколку проекти. Следувал периодот на проектирање и изградба на големите дела во градот. Според официјалните записи, кралот Александар Караѓорѓе посредно го поставил Јосифа за градоначалник на Скопје, зашто сакал од градот да направи модерна метропола во спомен на српскиот средновековен цар Душан. Потребната реконструкција и модернизација на градот сметал дека може успешно да го изврши тресончанецот Јосиф Михајловиќ - Јурукоски. На оваа функција тој останал до 1936 година, кога поради политичко-идеолошките разлики бил сменет од страна на една партија која во тоа време победила врз основа на својата национал-социјалистичка (фашистичка) програма, зашто Михајловиќ бил демократ.

Смрт уреди

Тресончанецот Јосиф Михајловиќ починал на 11 март 1941 година, само еден месец пред почетокот на Втора светска војна. Погребната поворка ја следеле повеќе од 15 илјади скопјани, церемонијата траела околу 5 часа, а проштални говори за живот и делата на Јосиф одржале повеќе од 20 лица. Во хрониките останало запишано дека поворката ја следеле голем број граѓани облечени во мијачки народни носии, со бечви, минтани и црни кечиња.

Починал на оперативна маса во скопската клиника за време на хируршка интервенција за вадење на слепото црево. Официјалниот медицински извештај вели дека при операцијата настанале компликации и лекарите не можеле да го спасат. Но, во тогашните демократски кругови кои биле против политиката на зближување со Хитлер, преовлеадало мислењето дека поранешниот градоначалник бил отруен од фашистите, после еден говор пред царот Александар I на скопската железничка станица, каде наводно кажал неколку работи што не ги бендисале властите. Ваквата претпоставка била отфрлена од тогашната медицинска комора, а негативен став по однос на таа можност има и неговото семејство кое денеска живее во Белград.

По смртта, со одлука на тогашното градско Поглаварство, големата улица „Јустинијанова“ во Скопје, била преименувана во „Јосиф Михајловиќ“, но бугарската окупаторска власт во Втората светска војна, а подоцна и комунистите, ја укинале таа одлука. Во книгата „Антологија за мијачките великани“ се вели дека Лазар Колишевски (водачот на комунистите во Македонија) на една мала тесна уличка од петнаесетина метри што завршува со ќорсокак некаде на Бит-пазар, подоцна ѝ го дал името на поранешниот градоначалник и на таков начин тогашната власт му се оддолжила на најголемиот скопски градител на сите времиња.

Начин на работа уреди

Работните методи со кои Јосиф ги почнувал сите проекти биле со задоволство прифаќани од сите негови соработници. Во планирањата, проектирањата, мерењата и изведувањата на работите воопшто не се срамел и самиот да се вклучи во нив, а речиси секогаш во сите проекти ги вклучувал и младите студенти, за кои знаел дека се носители на авангардата и новите идеи.

На самиот почеток на работите небројано многупати со авион го надлетувал и надгледувал градот и околината, а дури потоа ги почнувал градежните работи. Михајловиќ набрзо констатирал дека Скопје нема свој катастарски премер, каков што му е потребен на секој поголем град во Европа. Сфатил дека градот нема доволно стручни сили за еден таков потфат, па затоа побарал, а од околните школи за геометри во државата добил на располагање 450 ученици што се школувале за геометри и уште 25 дипломирани геометри на кои им била потребна работна пракса. Ги ангажирал на шест недели да извршат премер на целото градско подрачје, но и да извршат попис на населението. Со тоа Јосиф сакал да добие целосен приказ и слика за ситуацијата во градот. Со таквото добро планирање, колку за пример, водата од Рашче оттогаш ги задоволуваше потребите на целиот град сè до градењето на новите населби, како Аеродром, Кисела Вода, Ново Лисиче, Автокоманда, кога се направени дополнителни бунари за вода околу Скопје.

Наводи уреди

  1. Aleksić, Dejan (1960). "Naša reč", (1939-1941): od istorijata na napredniot pečat vo Makedonija. Скопје: Kultura.