Јован Дучиќ (српски: Јован Дучић),(Требиње, 15 февруари 1874 - Гери (Индијана), 7 април 1943)[1] — српски и југословенски писател, поет и дипломат. Еден од најзначајните поети на српскиот модернизам и најзначаен лиричар[2] . Бил еден од основачите на Народна одбрана, национална невладина организација во Кралството Србија[3].

Јован Дучиќ
Јован Дучић
Роден/а5 февруари 1871(1871-02-05)
Требиње, Босански Вилает, Отоманско Царство
Починат/а7 април 1943(1943-04-07) (возр. 72)
Гери (Индијана), САД
ПочивалиштеЛибертивил, Илиноис (1943–2000)
Требиње, Босна и Херцеговина (од 2000 година)
Занимањепоет, писател и дипломат

Првата збирка песни Дучиќ ја објавил во Мостар во 1901 година во издание на мостарската Зора, втората ја објавил во Белград во 1908 година во издание на Српската книжевна задруга (српски: Српска књижевна задруга). Пишувал и во проза: неколку литературни есеи и студија за писатели, Богатството на царот Радован (српски: Благо цара Радована) и поетски писма од Швајцарија, Грција и Шпанија.

За дописен член на Српската кралска академија бил избран во 1924 година, а за редовен член во 1931 година[1].

Животопис уреди

За неговата година на раѓање постојат спорови и нејаснотии. Според зборовите на самиот писател, како најверодостојна дата на раѓањето се зема 5 февруари 1874 година.[4] Перо Слијепчевиќ наведува дека Дучиќ е роден, најверојатно, во 1872 година, во Требиње. Од друга страна, Светозар Ќоровиќ, во своите сеќавања, наведува (според М. Милошевиќ, Ран Дучиќ (српски: Рани Дучић)) дека Дучиќ е роден во 1872 година. Датата на раѓањето би можела да биде 15 јуни или 15 јули, САНУ ја наведува датата 5/17 февруари 1871 година, а според поновите пронајдени документи се смета дека тој е роден на 15 февруари 1874 година.

Татко му на Дучиќ, Андрија, бил трговец. Загинал во Херцеговското востание (српски: Херцеговачки устанак) во 1875 година, а погребан бил во Дубровник. Мајка му Јованка (Јока), со моминско презиме Владиславиќ, починала во 1900 година. Покрај Јован и Милена, таа имала уште две деца од првиот брак со Шќепан Глоговец (Ристо и Сока). Основното училиште го завршил во родното место. Кога семејството се преселило во Мостар, се запишал во трговското училиште. Учителско училиште учел во Сараево (1890—1891) и во Сомбор, каде матурирал во 1893 година. Учителствувал кратко време по разни места, а во 1893 година станал учител во Бијељина, но поради патриотската песна „Татковина“ (Отаџбина) бил отпуштен од работата, со одлука на Земската влада во Сараево.[5] („Не те трга ужасот на бедата, ниту те трга ужасот на раната/Мирно спиеш, мила мајко, со тежок сон успиена“) („Не трза те ужас б’једе, нит’ те трза ужас рана/Мирно спаваш, мила мајко, тешким санком успавана“) и „Ој Босно“.[6] Поради нив Дучиќ бил ставен под истрага, а потоа, во мај 1894 година, властите го протерале од градот. Веднаш после прогонството, поетот не можел да најде учителска служба речиси никаде, па се вработил во манастирското училиште во Житомислиќ.

Како учител работел во Мостар од 1895 до 1899 година. Бил член на друштвото „Гусли“ (српски: Гусле). Заедно со Шантиќ створил книжевен круг и во 1896 година го покренале списанието „Зора“. Последните години од престојот во Мостар, заедно со пријателите и писателот Светозар Ќоровиќ[5] бил уапсен и отпуштен од работа. Амбициозниот Дуќиќ, во 1899 година заминал во Женева за да студира книжевност и филозофија, а на 31 декември 1899 година пристигнал во Париз.[7] Во странство поминал речиси десет години, најмногу во Женева и во Париз. За тоа време одржувал врски со пријателите, писатели од Мостар, во Париз го запознал Јован Скерлиќ и соработувал со многу списанија („Летопис“, „Зора“, „Српски книжевен гласник“ (српски: Српски књижевни гласник)). На женевскиот универзитет дипломирал право и потоа се вратил во Србија.

Во 1907 година Дучиќ се вратил во Белград и станал писар во министерството за надворешни работи. Тој напредувал брзо во кариерата и во 1910 година бил именуван за аташе на српската делеагија во Цариград, а истата година, бил преместен во Софија. Во 1912 година станал секретар на српската делегација во Рим, во 1914 година бил именуван на истата положба во Атина, а од 1918 до 1922 година бил советник во делегацијата во Мадрид. Во 1924 година престојувал во Женева, како делегат во Лигата на народите, а од 1926 до 1927 година бил вршител на работите во Каиро, каде бил прирвемено пензиониран. Во 1931 година станал редовен член на Српската кралска академија, а истата година се вратил во активната дипломатска служба, најпрвин како вршител на работите во Каиро, а од 1932 година какопратеник во Будимпешта и во Рим. Во 1937 година станал првиот југословенски дипломат во рангот на амбасадор и заминал на должност во Букурешт. Во 1940 година бил преместен во Мадрид, а кога Шпанија ги прекинала дипломатските односи со Југославија, во јуни 1941 година, Дучиќ се повлекол во Лисабон од каде во август истата година заминал во САД во градот Гери, Индијана, каде живеел кај својот роднина, индустријалецот Михаил Дучиќ. Оттогаш до својата смрт водел организација во Илиноис (чиј основач бил Михајло Пупин во 1914 година), која ја претставувала српската дијаспора во Америка. Умрел на 7 април 1943 година, како последица на инфекцијата со шпански грип, а бил погребан два дена подоцна. Истата година, неговите посмртни остатоци биле пренесени во портата на српскиот манастир Св. Сава во Либертвил. Неговата последна желба, искажана во тестаментот, била конечно остварена на 22 октомври 2000 година, кога посмртните остатоци биле пренесени во криптата на црквата Херцеговска Грачаница, во местото Црквина, во близината на Требиње.[8]

Дучиќ бил голем љубител на книгата, а за тоа сведочи неговата богата библиотека од над 5.000 наслови, која денес се чува во Требиње.[9]

Творештво уреди

Својата прва песна, „Самохрана мајка“, напишана под влијание на Воислав Илиќ, Дучиќ ја објавил во списанието „Гулаб“ (Голуб) во Сомбор. Потоа, продолжил да објавува песни во списанието „Невен“ во Нови Сад, во сараевското списание „Босанска вила“ и во „Нова Зета“ во Цетиње. Подоцна, за време на престојот во Париз, Дучиќ бил воодушевен од парнасовците и од симболистите и станал нивен следбеник. Во 1901 година, во издание на мостарската „Зора“ се појавила неговата прва поетска збирка со наслов „Песни“ (Пјесме). Следната година, во белградското списание „Дело“, Дучиќ го објавил есејот „Споменикот на Воислав“ (Споменик Војиславу), напишан по повод подигнувањето на споменикот на Воислав Илиќ на Калемегдан, во Белград. Во него, тој ја образложува својата поетика, по примерот на парнасовците и симболистите, а подоцна есејот станал поетска програма на цела генерација српски поети меѓу кои како најважен претставник се истакнува Милан Ракиќ. Во 1908 година, во издание на Српската книжевна задруга (Српска књижевна задруга), се појавила неговата втора поетска збирка, „Песни“ (Песме), која му донела голем успех. Така, веќе во 1911 година, во познатата „Антологија на поновата српска лирика“ (Антологија новије српске лирике) на Богдан Поповиќ, Дучиќ бил застапен дури со 33 песни, а денес, неговата втора збирка се смета за едно од најважните остварувања во српската поезија. Во доцните 1920-ти, за време на службата во Каиро, Дучиќ започнал да ги подготвува своите собрани дела при што првите две книги, „Песни на сонцето“ и „Песни на љубовта и смртта“ се појавиле во 1929 година, една година подоцна биле објавени и делата: „Царски сонети“, „Сини легенди“ и „Градови и химери“, а последниот том од собраните дела, книгата „Богатството на царот Радован“, излегла во 1932 година. Подоцна, по заминувањето во САД, во 1942 година, ја објавил монографијата за грофот Сава Владиславиќ. Историчарот на уметноста Милан Кашанин го опишал животот на Дучиќ на следниов начин: Јован Дучиќ, како човек, исцрпи од животот сè... Не можеше попаметно да се потроши едне живот, ни подобро да се искористи една дарба. Ништо не пропушти, ниту упропасти. Со она што го носеше во себе, повеќе не можеше да се даде од она што го даде тој.“[10]

Творештвото на Дучиќ зазема значајно место во српската книжевност. За тоа сведочи и писмото што Иво Андриќ упатено до Дучиќ, во кое вели: Вашето дело стана сопственост на еден народ. Со вашето име се заколнуваат поколенијата. Но, кога би било можно еднаш да биде заборавено вашето име и да биде изгубено Вашето дело, цврсто верувам дека момчињата и девојките од тие далечни генерации, сакајќи да го изразат она што е најубаво во нив од болката и од љубовта, би проговориле со јазикот на Вашата поезија, би ги нашле истите, Вашите, зборови и извици. Тоа е судбината на големите поети.“[11]

Поезијата на Дучиќ уреди

Дучиќ, исто како и Шантиќ, во почетокот на своето поетско творење бил под влијание на Војислав Илиќ, но кога заминал во странство сосема се ослободил од тоа влијание и изградил своја поединечна лирика по пример на француските парнасовци, декаденти и особено симболисти. Во време на општиот култ кон модата од Запад, неговата поезија навистина значела новост и освежување и во мотивите и во изразувањето.

Наместо соништа, страдања, копнежи и привлечности на својата земја, идеалите на својата раса, тој со чудна и сјајна грациозност ги зема туѓите, западните и латинските идеали на убавината и животот, западниот естетизам, отмен и виртуозен но ладен, лишен од длабоки восхити и возвишена етика. Тој открива сосем нови мотиви во српската поезија, дотогаш ненасетени, ретки чувства, бизарни, префинети. Дури и личните расположенија, својата еротика на пример, тој не ја искажува едноставно ниту дозволува да изгледа обична. Тој има двоен страв: од вулгарност на мислите и чувствата и вулгарност на изразот. Силата и убавината на неговата поезија е во изразот, кој поетот го сфаќа како „кабинетски работник и научен занаетчија на тешка работа со рими и ритам“. Врвното начело на неговата поезија е да најде најсовршен израз. Тој навистина го надминал сето она што до него е творено во српската лирика, тој е толку силен во изразот — отмен, дискретен, духовит и мил. Неговата поезија блеска со сликовитост и мелодичен ритам. Таа е толку неодолива со својот облик и толку суверено владеела, па најмладите поети почнале да се бунтуваат против неа, чувствувајќи ја и самите нејзината магија и нејзиниот притисок воедно.

Дучиќ спаѓа во ретките српски поети кои веднаш по појавувањето на книжевната сцена стекнале симпатии како кај публиката така и кај критиката. Како резултат на тоа, уште додека бил жив, тој бил наречен „кнез на поетите“, а со текот на времето неговата слава уште повеќе се зголемила. Мисловните, љубовните и патриотските песни на Дучиќ се пример на врвно мајсторство во градењето на стихот и во обликувањето на поетскиот јазик. Уметничките домети на неговото творештво успеале да ги издржат сите преиспитувања и останале како трајни вредности на српската култура. Тој станал класик на српската книжевност и творечка парадигма за која се изрекуваат важни естетски, етички и идеолошки судови.[12]

Прозата на Дучиќ уреди

Иако е најпознат како поет, Дучиќ се истакнал и како прозаист. Неговите патописи „Градови и химери“ и збирката есеи „Моите сопатници“ се сметаат за антологиски остварувања. Конечно, тој се потврдил во уште еден жанр, рефлексивно-медитативната проза, во книгата „Богатството на царот Радован“ која е единствена појава во српската книжевност.[13]

Библиографија уреди

Творештвото на Дучиќ се состои од следниве дела:[14]

  • „Песни“ (Пјесме), Зора, Мостар, 1901.
  • „Песни“ (Песме), Српска книжевна задруга, коло XVII, книга 113, Белград, 1908.
  • „Сини легенди“ (Плаве легенде), Белград, 1908
  • „Песни“ (Песме), Издание на Светислав Б. Цвијановиќ, Белград, 1911
  • „Собрани дела“ (Сабрана дела), Народна просвета, Белград, 1929-1932
  • Книга I: „Песни на сонцето“ (Песме сунца), 1929
  • Книга II: „Песни на љубовта и смртта“ (Песме љубави и смрти), 1929
  • Книга III: „Царски сонети“, 1930
  • Книга IV: „Сини легенди“, 1930
  • Книга V: „Градови и химери“ (Градови и химере), 1930
  • Книга VI: „Богатството на царот Радован“ (Благо цара Радована), 1932
  • „Еден Србин дипломат на дворот на Петар Велики и Катарина I: Грофот Сава Владиславиќ Рагузински“ (Један Србин дипломат на двору Петра Великог и Катарине I: Гроф Сава Владиславић Рагузински), Американски Србобран, Питсбург, 1943
  • „Лирика“, сопствено издание на авторот, Питсбург, 1943
  • „Патека поркај патот. Моите сопатници“ (Стаза поред пута. Моји сапутници), Српска народна одбрана во Америка, Чикаго, 1951.

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 „Биографија на мрежното место на САНУ“. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 2017-06-24.
  2. „Život i rad Jovana Dučića“. srednjeskole.edukacija.rs.
  3. Избијање далекосежне анексионе кризе: Талас ватрених протеста у Београду против аустроугарског присаједињења Босне и Херцеговине 1908. године (српски)
  4. „О писцу“, во: Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 385.
  5. 5,0 5,1 „О писцу“, во: Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 385.
  6. Јованка Дучић - читуља, Босанска вила, август 1900. године.
  7. „О писцу“, во: Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 385-386.
  8. „О писцу“, во: Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 386-387.
  9. Предраг Петровић„Предговор: Књига мудрости и лепоте“, во: Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 13.
  10. „О писцу“, во: Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 385-388.
  11. Предраг Петровић, „Предговор: Књига мудрости и лепоте“, во: Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 17.
  12. Предраг Петровић, „Предговор: Књига мудрости и лепоте“, во: Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 9-10.
  13. Предраг Петровић, „Предговор: Књига мудрости и лепоте“, во: Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 10.
  14. „Библиографија првих издања Дучићевих књига“, во: Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 389.

Надворешни врски уреди