Јапонска книжевност

Јапонска литературалитература пишувана на територијата на јапонските острови. Во својот најран период таа е пишувана на кинески јазик, додека дури подоцна на јапонски.

Слично на јапонската историја, и јапонската литература се дели на неколку периоди, почнувајќи од најстариот, т.н. јамато период, па сè до денес.

Период Јамато уреди

Во овој период Јапонија ги стекнува основите на својата цивилизација. Под кинеското влијание од копното, од еден примитивен народ без писмо се развива високо културен народ. Се воведува кинеското писмо и Јапонците ја запознаваат постарата кинеска литература и древната кинеска култура. Друг важен фактор е будизмот, кој се шири од VI век и значајно влијае на неговите примитивни установи. Од овој литературен период се сочувани песни, најпрво усно пренесувани, а потоа собрани и објавени на кинески јазик во две историски хроники: Коџики и Нихонги; овие најстари песни имаат различен облик, а потекнуваат од 400-тата година и подоцна; песните се пократки (наречени танка) или подолги кои имаат одреден број на слогови. Во збирката Мањошу има сочувано околу 4.500 вакви песни и сите се одликуваат со непосредноста, свежината на изразот и вопростената обработка. Од прозните текстови останале обредните молитви наречени норито, посветени на шинтоистичките богови; содржат многу поетски елементи.

Период Нара (710-794) уреди

Од периодот Нара потекнуваат најстарите пишани хроники Коџики (Хроника за старите нешта) и Нихонги (Хроника за Јапонија). Првата хроника го опфаќа времето на создавањето на јапонската држава до крајот на владеењето на царицата Суико (628), а напишана е на говорен јапонски јазик од VIII век и со кинески букви. Втората е составена во 720 година, а го опишува настанувањето на јапонското царство сè до крајот на владеењето на царицата Џито (696).

Од овој период се и описите на јапонските покраини (фудоки). Силно се развива и песништвото и се одликува со стилско совршенство и чувственост. Нема римување во песните бидејќи се сменуваат стиховите од 5 и 7 слогови. Се разликуваат кратски песни (танка) од 31 слог и долги песни (нагаута) со различен број на слогови. Од поетите, познати се петмина, застапени во антологијата Мањошу: Какиномото но Хитомаро, Јамабе но Акахито, Јамануе но Окура, Отомо но Табити и Отомо но Јакамочи. Антологијата Мањошу е завршена на почетокот на IX век, а стиховите се главно од VII и VIII век.

Период Хејан (794-1185) уреди

 
Мурасаки Шикибу прикажана на карта од играта на збирка од сто песни - Хјакунинишу

Периодот Хејан претставува класично златно време. Книжевните дела, главно поетски, се одликуваат со префинетост и голема чувственост за разлика од делата во претходниот период; естетските елементи се позабележливи, а техниката на литературното создавање е на многу повисок степен, додека симболизмот е силно нагласен. Се јавуваат и првите прозни дела на јапонски, од кои во околу 800-тата година настанала збирката на проза Приказна за берачот на бамбус (Такетори моногатари), која содржи чудесни раскази.

Бонзот Кобадаиши се смета дека го пронашол писмото кана изведено на основата на кинеските знаци. Околу 1000-тата година, нивото на литературата достига висок степен; значајни се делата Исе моногатари, Тоса Ники, Сарашина Ники и Генџи моногатари, врвен роман на класична Јапонија кој го составила Мурасаки Шикибу. Во иста лига се и есејите од таканаречената, Перница Книга, Макура но Сооши составени од писателката Сеи Шоонагон околу 1025 г. Од поетските антологии, најпозната е Кокиншу, збирка на стари и нови песни, која ја составил Ки но Цурајуки, а содржи околу 1.100 песни. Во неа се застапени шест големи поети, т.н. рокасен: Хенџо, Аривара Нарихара, Буња но Јасухуе, бонзот Кисен, поетесата Оно но Комачи и Отоно ну Курокуши.

Период Камакура (1185-1332) уреди

Во овој период, под влијание на војните и создавањето на војничките касти, поезијата не е многу негувана. Стиховите танка и понатаму се омилени, а се составуваат антологии, како Нов Кокиншу (Шин-Кокиншу) во 1205 и Хијакунин Ишу (каде 100 поети пишувале една песна), составена околу 1235 година. Кај прозните дела преовладуваат историски текстови и воени раскази; Хоген моногатари и Хеиџи моногатари од крајот на XII век ги опишуваат граѓанските војни од 1157 и 1159. Од личните дневници, најпознати се Изајоји ники (дневник од шеснаесеттиот ден на месецот), од калуѓерката Абуцу; прочуен е и дневникот на почесната дама Бен. Во делото Книга од колибата (Хоџоки), напишано во 1212, писателот Камо Чомеји ги изнесува интимните мисли и чувства; тој ги напишал и Приказните за четирите годишни времиња во кои го опишува животот на дворот во текот на една година, како и Анонимните извадоци во кои обработува поетски мотиви.

Период Намбо Кучо и Муромачи (1332-1603) уреди

Во овој период се истакнува поетот Кемко со песните во обликот танка. Во XVI век се јавува нов поетски облик: кратка песна од 17 слогови - хаикаи. Вакви песни пишувале Јамазаки и Аракида Моритаки. Од прозните дела најважни се историските списи; доста познато делото Историја на големиот мир (Таихеки), кое го опфаќа периодот од 1181 до 1368, време на граѓанските војни и немири. Се претпоставува дека го напишал Коџима. Друго големо историско дело е Џиношотоки (Историја на законитиот ред на божествените цареви) од Китабатаке Чикафуса (1293-1354). Ова дело се одликува со тоа што во него се наоѓаат првите елементи на филозофијата на историјата.

Од периодот Намбо Кучо, околу 1350, прочуено е делото Цуре-Зуре-Гуса, во кое бонзот Кенко забележал низа на анегдоти и свои рефлексии. Се појавува нов род во театарот: драмата "но" настанала во периодот Муромачи; се одликува со религиозен карактер и убав поетски стил; во неа постои хор, а глумците се маскирани. Драмата "но" трае кратско, па како меѓуигра се изведуваат шеговитите игри киоген. Драмата "но" настанала од светите игри на древните времиња.

Период Едо или Токугава (1603-1608) уреди

Литературата сè повеќе навлегува меѓу широките народни маси, а темите постануваат разновидни. Кинеското влијание сè уште се чувствува делумно, а писателите ја проучуваат конфуцијанистичката филозофија. Кон крајот на XVI век се истакнува Фуџивара Сенка со делото Кана Сеири, во кое ги изнесува основите на филозофијата на Конфуциј и Чу Сја. Во XVII век, Каибара Екикен го оставил класичното дело за воспитувањето на девојките Големо училиште за жени, а Араи Хакусеки својот Семеен архив и занимливата автобиографија. Муро Кујзо пишува филозофски разговори и делото Гиџин року, роман за 47 верни вазали кои извршиле харакири. На крајот на XVII век, влијателна е работата на писателите и научниците Ита Џинсои, Огу Сораји и Дајцаи Шунтој, претставниците на т.н. кагакуша школа, кои ја проучувале филозофијата на Конфуциј непосредно од текстовите.

Школата Вагакуши уреди

Многу заслужни за проучувањето на старите текстови се вагакушите, односно научници кои се посветиле на проучувањето и коментирањето на старите јапонски текстови.