Јанаки Манаки е роден на 18 мај 1878 година,[1] во селото Авдела. Во службените документи за школска наобразба, работно искуство, дипломи, уверенија, потврди, како и патни исправи, за време на турската управа се употребува името Јоан, за време на српската управа е Јован, а за време на бугарската управа во 1915-1918 година е Иван. Името Јанаки го употребувале во меѓусебната семејна комуникација, но и самиот во многу писма се потпишувал како Јанаки.[2]

Јанаки Манаки
Роден 18 мај 1878
Авдела, Гребенско, Егејска Македонија
Починал 1954
Националност Влав
Познат Првиот снимател на Балканот заедно со братот Милтон Манаки
Занимање фотограф

Животопис уреди

Детските години ги поминал во родното место, каде завршил романско основно училиште. Во тоа време во Авдела постоеле две основни училишта, романско и грчко. За време на школувањето во гимназијата во Битола, Јанаки бил примерен ученик, а посебен интерес покажувал за предметите калиграфија, цртање и уметност. Исто така покажувал интерес за фотографијата, која во тој период била технички и уметнички новитет. Гимназијата ја завршил во учебната 1896/1897 година.[2] По враќањето во родното место, Јанаки чекал девет месеци за своето прво вработување како учител. Пречки се појавиле кога турските власти требало да го потврдат назначувањето на учителите.

Првата учителска служба ја добил на 18 април 1898 година, во блиското јанинско село Имер, по што требало да биде назначен за наставник во Романската гимназија во Јанина. Но, турските власти не давале потврда за неговото назначување. По силни ургенции на романскиот конзул Брлјан кај јанинскиот валија Омер-паша, Јанаки добил решение за назначување за наставник по калиграфија и цртање во романската трговска гимназија во Јанина. Од 18 октомври 1899 година до 31 август 1906 година, Јанаки постојано предава во гимназијата.[3] Грчките патријарси вршеле притисок за да го отстранат од училиштето, и барале укинување на дозволата за работа на Јанаки, најпрво со клевети, а потоа и со закани за физичко ликвидирање.[4] По преселбата во Битола, покрај фотографската дејност, Јанаки бил назначен за професор по калиграфија и цртање во романската гимназија, од 1 септември 1906 година.

Финансиската ситуација на Јанаки била добра: потекнувал од имотно семејство, како професор имал добра плата, и фотографското ателје остварувало значајни приходи. Ваквата финансиска сосотјба не се изменила ни по Балканските војни, но затоа за време на Првата светска војна статусот на Јанаки се влошува, посебно по доаѓањето на бугарските и германските окупатори, кои на 5 декември 1915 година ја зазеле Битола.

Престојот во Бугарија уреди

При претрес на фотографското ателје бугарските војници нашле три пушки и извесно количество муниција, како и фотографии од бугарски воени авиони. Заради ова, бугарскиот воен обвинител подигнал обвинение против Јанаки. На 3 февруари 1916 година, Јанаки бил затворен во бугарскиот затвор во Битола, а потоа интерниран во Пловдив, Бугарија.[5] Јанаки брзо се адаптирал во Пловдив, каде успеал да создаде свое фотоателје, што работело сè до крајот на 1918 година. Во слободно време, јанаки често одел во Бања Хисар, за што сведочат голем број фотографии снимени на ова излетничко место. По Првата светска војна, со документ добиен од конзулатот на Кралство Шпанија во Бугарија, Јанаки заминува за Романија, каде започнал постапка за добивање обесштетување од бугарската држава заради интернирањето. Министерството за просвета и култура на Романија го назначило Јанаки за професор по уметничко цртање и калиграфија во гимназијата во Пазарџик, но Јанаки не го прифатил ова и се вратил во Битола.

Враќање во Битола и животот во Солун уреди

Во 1919 година, по враќањето во Битола, Јанаки и Милтон го обновиле фотоателјето, кое било оштетено за време на бомбардирањето на Битола. Исто така во овој период отвориле кино во Битола, како дополнителна дејност за пристоен живот. На 26 јули 1922 година, Јанаки се оженил со Анастасија Хаџи Илија.[6] По две години добиле син, кој го крстиле Димитар, во чест на таткото на Јанаки, а во декември 1926 година, починала сопругата на Јанаки по боледување. Јанаки со синот се преселил во Солун, каде го запишал во романското училиште, а и самиот работел како професор во 1935 година.

Во 1938 година, фирмата на браќата Манаки била во тешка финансиска криза, поради тоа што доверителите барале да им бидат вратени позајмените пари. Со зградата на нивното кино управувала Хипотекарната банка, а по пожарот, браќата останале и без зградата.

За време на Втората светска војна, Јанаки останал во Солун, плашејќи се да се врати во Битола оф фашистичките бугарски окупатори. На 16 декември 1947 година, неговиот син починал на 23-годишна возраст, по боледување. Јанаки останал осамен и несреќен. Точен датум за смртта на Јанаки не постои.[7]

Фотографска дејност уреди

Чекајќи вработување како наставник, Јанаки на 18 февруари 1898 година отвора свое ателје во Јанина, во старата зграда што се наоѓала во центарот на градот. Ателјето било опремено со една фотокамера „Кодак“ со голем формат 18х24, со менување на објективот. Во јули истата година, во работата се вклучил неговиот помал брат Милтон Манаки. Поради честите закани од страна на вооружените андартски банди, што крстосувале, палеле и убивале по влашките села, браќата Манаки решиле да се преселат во Битола. На главната улица „Широк сокак“ купиле место во 1904 година, и во 1905 година го изградиле фотоателјето.[8]

По одржаната изложба на фотографии во Букурешт, каде добиле златен и сребрен медал, браќата Манаки отпатувале во Цариград, во 1905 година, каде Јанаки успеал да го фотографира помладиот брат на турскиот султан Мехмед. Јанаки фотографирал и други значајни личности. Патувал низ многу европски градови (Лондон, Париз, Виена, Будимпешта, Лајпциг, Берлин, Франкфурт, Рим, и др.), а после едно патување во Лондон, се вратил со купена камера „Биоскоп 300“.

За време на својот втор престој во Букурешт, браќата Манаки биле примени од романскиот крал Карол I. Овој престој во Романија Јанаки го искористил за да се зачлени во Секцијата на сликарите на Романија „Batra Luminoasa“.[9]

Награди и признанија уреди

 
Диплома за освоен златен медал
  • Во 1905 година, златен и сребрен медал за серија фотографии на големата фотографска изложба во Букурешт.
  • Во мај 1906 година - Јубилеен медал од Владата на Романија.
  • Во 1907 година, Јанаки стекнал титула дворски фотограф, на кралскиот двор во Романија.

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. Во некои документи како година на раѓање се споменува 1879 година. Извор: Историски архив, подрачно одделение Битола, фонд: Браќа Манаки, АК:3, АЕ: 2/2.
  2. 2,0 2,1 „Творештвото на браќата Манаки“, група автори, 1996, Скопје, стр. 20.
  3. Оригиналното звање било „Маестро по калиграфија и цртање“. Извор: Историски архив, подрачно одделение Битола, фонд: Браќа Манаки, АК:3, АЕ: 4/4.
  4. Павле Константинов: „Браќа Манаки“, Млад борец, Скопје, 1982, стр. 27-28.
  5. Павле Константинов: „Браќа Манаки“, Млад борец, Скопје, 1982, стр. 38.
  6. „Творештвото на браќата Манаки“, група автори, 1996, Скопје, стр. 28.
  7. „Творештвото на браќата Манаки“, група автори, 1996, Скопје, стр. 29.
  8. „Творештвото на браќата Манаки“, група автори, 1996, Скопје, стр. 23.
  9. „Творештвото на браќата Манаки“, група автори, 1996, Скопје, стр. 25.