Јазици во Албанија

Јазиците во Албанија е поим со кој се опфаќаат сите јазици кои се зборуваат на територијата на Република Албанија. Албанија има еден службен јазик, албанскиот. Покрај тој, во државата како малцински се признати македонскиот, грчкиот, ромскиот и влашкиот јазик. Српскиот јазик се зборува во северна Албанија. Официјално, Албанија признава само три национални малцинства (Македонци, Грци и Црногорци) и две културни малцинства (Роми и Власи)[1]. Сите малцински јазици се признаваат само во одредени региони на државата, не на целата територија. Така на пример, македонскиот е признат само во Мала Преспа, не и во Голо Брдо.

Албанија Јазици во Албанија Албанија
Официјален јазикалбански јазик
Малцински јазикгрчки јазик, ромски јазик, српски јазик, македонски јазик, влашки јазик
Главен странски јазикиталијански јазик, грчки јазик
Знаковен јазикАлбански знаковен јазик
Демографија на Албанија

службен јазик уреди

Албанскиот јазик е единствен службен јазик на територијата на државата.[2]

Албанскиот јазик е јазик што го говорат приближно околу 6 милиони луѓе, првенствено во Албанија, Косово, Србија, Црна Гора, Македонија, но исто така и во некои други балкански држави, како и од емигрантски групи во Калабрија, Италија. Јазикот е еден, посебен огранок на Индоевропското јазично семејство. Во минатото за овој јазик во македонската терминологија се користеле и термините арнаутски и шиптарски јазик'. Терминот „шиптарски“ денес се смета за навредлив, доколку е употребуван од неалбанци. Во речниците на Ѓорѓија Пулевски, јазикот се нарекува арбански.

Денешниот албански јазик како стандардна форма го има дијалектот на Тоските, наспроти дијалектот на Гегите кој и покрај стандардизацијата сè уште масовно го користат гегскиот дијалект во Косово и делови на Македонија. Впрочем, сè уште постои несогласување околу стандардизацијата на албанскиот јазик, а некои бараат повторна стандардизација во која би биле вклучени повеќе елементи од гегскиот дијалект. Постои и залагање во Косово да се земе како стандардна форма гегскиот дијалект со што албанскиот јазик би станал еден јазик со два официјални дијалекти. Инаку, лексичкиот фонд е главно латински, италијански, романски, грчки, македонски, српски и турски.

Малцински јазици уреди

Македонски јазик уреди

Македонскиот јазик во Албанија се зборува воглавно во источните делови на државата, но и низ целата територија. Официјалните податоци се дека има околу 5.000 луѓе кои го зборуваат овој јазик. Овие податоци се оспорени од македонското малцинство. Според неофицијалните податоци и проценки, македонскиот јазик се зборува од околу 120.000 до 350.000 Македонци.[3] Македонскиот е службен јазик во Општина Пустец.

Македонскиот јазик е јужнословенски јазик, дел од источната подгрупа. Македонскиот е службен јазик во Македонија, а воедно е и официјално признат како регионален службен јазик во Горица и Пустец во Албанија каде што живее бројно македонско население, но и во Србија како официјален во општините Јабука и Пландиште, Романија и Косово. Македонски се зборува и во Австралија, Бугарија, Грција, Канада, САД, Црна Гора, Турција, во некои земји−членки на Европската Унија и останатата македонска дијаспора. Вкупниот број на македонски говорници е тешко утврдлив поради несоодветни пописи, но бројката се движи од околу 2,5 до 3 милиони луѓе.

Грчки јазик уреди

Грчкиот јазик е најголем малцински јазик во Албанија, кој го зборуваат околу 3% од населението[4].

Грчкиот јазик (грчки: Ελληνικά; МФА: [e̞ˌliniˈka]) е индоевропски јазик кој се зборува главно во денешна Грција.Грчкиот јазик се зборува од повеќе од 12 милиони луѓе од кои највеќе се концентрирани во Грција, но исто така и во Кипар, понатаму во Албанија и другите балкански земји, Египет, Италија, Романија, Турција, Украина, како и во многу други земји каде што постои грчка дијаспора. Грчкиот е службен јазик во Грција. Заедно со турскиот јазик, грчкиот е службен и во Кипар. Бидејќи Грција и Кипар се членки на Европската Унија, јазикот е еден од 20-те службени јазици на Унијата. Има статус на малцински јазик во делови на Италија и Албанија.

Ромски јазик уреди

Денес околу 10.000 луѓе зборуваат ромски јазик во Албанија. Иако немаат соодветно образование на ромски јазик, сепак јазикот активно се зборува.[5]

Ромскиот јазик[6] (изворно: rromani ćhib), разговорно наречен цигански, е мајчиниот јазик на Ромите. Тој е дел од групата на индоариски јазици, поточно се класифицира или во централните индоариски јазици или во северозападни индоариски јазици. Доста често се класифицира и како своја посебна јазична гранка поради поголемиот број на сродни јазични варијанти.

Според ISO стандардите, јазикот е ставен во групата на макро јазици и се состои од седум под-јазици или големи дијалекти. Најголемиот дијалект е влах ромски јазик со околу 1.5 милиони говорници, потоа следат балкански ромски јазик, карпатски ромски јазик, синтиски ромски јазик, велшки ромски јазик, кало фински ромски јазик и балтички ромски јазик.

Влашки јазик уреди

Според неофицијалните податоци и проценки, влашкиот јазик се зборува од околу 100.000 до 200.000 Власи во државата.[7][8] Официјалните податоци се многу мали, под 10.000.

Овој јазик е формиран по латинизацијата на Балканскиот Полуостров со мешање на локалните јазици на античките народи на Балканот, особено на трако-илирскиот, епирскиот и тесалискиот. Во текот на вековите, ароманскиот јазик под влијание на грчката култура и јазик која била во подем на Балканот пред и по доаѓањето на Римјаните така што голем дел од лексичкиот состав на јазикот доаѓа од овој јазик. Основниот морфолошки и граматички состав на јазикот е секако сроден со останатите нео-латински (романски) јазици а во однос на лексиката, огромен број од латинската основа е еднаква.

Српски јазик уреди

Српскиот јазик се зборува во северна Албанија, од помалку од 10.000 луѓе.

Српскиот јазик е јужнословенски јазик и стандардизирана норма на српскохрватскиот јазик. Српскиот е службен јазик во Србија, Косово и Република Српска (Босна и Херцеговина), а се користи и во делови на Црна Гора и Хрватска и населените места кои се сметаат за српска дијаспора. Во српскиот јазик, зборовите се пишуваат како што и се изговараат, и секоја буква претставува еден глас. Овој фонетички принцип е претставен во поговорката: "Пишувај како што зборуваш, читај како што е напишано", принцип користен во повеќе балкански јазици.

Литература уреди

  • Rista-Dema, Mimoza (2006). Inverse-order constructions in Albanian English discourse and prototype effects. [Bloomington, Ind.]: Indiana University. ISBN 9780542847905.

Наводи уреди

  1. World Directory of Minorities and Indigenous Peoples - Albania : Overview[мртва врска]
  2. „Constitution of the Republic of Albania“ (PDF). Republic of Albania Council of Ministers. Архивирано од изворникот (PDF) на 2012-08-08. Посетено на 12 November 2012.
  3. „World Directory of Minorities and Indigenous Peoples - Albania : Macedonians“. Архивирано од изворникот на 2013-04-16. Посетено на 2013-01-29.
  4. „CIA - The World Factbook - Albania - Population“. Архивирано од изворникот на 2020-05-15. Посетено на 16 November 2012.
  5. Hemming, Andreas (2010). Albania: family, society and culture in the 20th century. Münster: LIT. стр. 132. ISBN 9783643501448.
  6. „Ромски јазик“ - Британика (англиски)
  7. According to INTEREG - quoted by Eurominority Архивирано на 3 јули 2006 г.: Aromanians in Albania Архивирано на 22 ноември 2014 г., Albania's Aromanians; Reemerging into History
  8. Arno Tanner. The forgotten minorities of Eastern Europe: the history and today of selected ethnic groups in five countries. East-West Books, 2004 ISBN 978-952-91-6808-8, p. 218: "In Albania, Vlachs are estimated to number as many as 200,000"

Поврзано уреди