Јазата (често употребувано во множина - јазати) е авестиски збор кој во зороастризмот се користи како епитет на божественото. Овој израз буквално значи „почитување или достојно за почитување“[1][2] па во ваква општа смисла може да се однесува на одредени лековити билки, на првобитните суштества, на фравашите, како и на конкретни молитви и молители кои себеси се сметаат за свети. Јазатите се „добрите сили на Ахура Мазда“, кој е најголемиот од сите јазати.[3]

Потекло на поимот уреди

Јазата е авестиска придавка, која доаѓа од јаз-; „да се чествува, да се обожува“. Зборот Јасна доаѓа од истиот корен. Според тоа, јазата е „да бидеш достоен за почитување“ или „свето битие“.

Во средноперсискиот јазик изразот се претворил во јазад или јазд, и множинска форма јаздан, додека персискиот јазик го користи во формата изад.

Во текстовите уреди

Изразот јазата е употребен во Гатите, најстариот текст на зороастризмот, и се верува дека го смислил лично Заратустра. Во овие химни, јазата се користи како опис за Ахура Мазда, но и за „божествените искри“, кои во подоцнежните текстови се Амеша Спента.

Во Гати исто така се споменува повикување на јазати без да се посочи кои ентитети се повикуваат, па не е јасно дали се работи за апстрактен концепт или за конкретни ентитети.[4]

Во Авеста, јазатите се недвосмислено божествени, со божествена моќ, но кои вршат земни задачи, како на пример служат како возачи на воените коли за другите јазати. На неколку јазати им се припишани антропоморфни одлики, како на пример носење жезло или круна на главата, или за време на бдеење не му дозволуваат на сонот да ги совлада.

Кон крајот на 5 век и почеток на 4 век п.н.е., Ахаменидите создале религиозен календар во кој секој ден во месецот е наречен според конкретен јазата, кој е и негов заштитник. Ваквото именување на деновите значело дека народот нема да ги заборави имињата на овие божества, но исто така со ова се поставила хиерархија меѓу јазатите, (види зороастриски календар за повеќе детаљи).

Во традицијата уреди

Во текстовите од 9-12 век, јазатите се претставени речиси на ист начин како и во химните на Авеста. На пример, Анахита (Адвисур Нахид) е божество на водите. Потоа, Сраоша (Сарош), Митра (Мир), и Расну (Расн) се чувари на Мостот Чинват, мостот по кој мора да поминат сите души.

И во текстовите и во традицијата, изразите „Амеша Спента“ и „јазата“ понекогаш се користат како замена еден за друг. Сепак, „Амеша Спента“ ги означува шесте големи „божествени искри“, а „јазата“ е првиот од 101 епитет на Ахура Мазда. Понекогаш овој израз се користи и за Заратустра, но зороастријците се противат кога на пророкот му се придаваат божествени епитети.[5]

Денешна употреба и значење уреди

Во 1860-те и 1870-те години, јазичарот Мартин Хауг ги толкувал зороастриските текстови во духот на христијанството, и јазатите ги споредил со ангели. Понатаму, Амеша Спента се архангели кои го следат Ахура Мазда. Ваквите споредби на Хауг денес се прифатени, така што замената на зборот „јазата“ со „ангел“ е вообичаена.[6][7][8][9]

Меѓу муслиманите во Иран, Сраоша е најпопуларен од сите „јазати“ како ангелот Суруш, и само тој од целиот пантеон во зороастризмот останал да се почитува со името.[10]

Наводи уреди

  1. Boyce 2001, стр. xxi.
  2. Geiger 1885, стр. xlix.
  3. Büchner 1993, стр. 1161.
  4. Boyce 1972, стр. 195.
  5. Boyce 1969, стр. 24.
  6. cf. Gray 1927, стр. 562.
  7. cf. Edwards 1927, стр. 21.
  8. cf. Luhrmann 2002, стр. 871.
  9. cf. Dhalla 1914, стр. 135.
  10. Boyce 1993, стр. 214.