Ѓорѓе Вајферт

српски стопанственик и гувернер на Народната банка

Ѓорѓе Вајферт (роден како Георг Вајферт; српски: Ђорђе Вајферт; германски: Georg Weifert; 15 јули 1850[1] во Панчево12 јануари 1937 во Белград) — српски стопанственик со германско потекло, гувернер на Народната банка на Србија и подоцна на Југославија.[2] Дополнително, се смета дека е основач на современиот рударски сектор во Србија и голем филантроп.

Ѓорѓе Вајферт
Ђорђе Вајферт
Георг Вајферт
3. гувернер на Народната банка на Србија
На должноста
1890–1902
Претходник Филип Христиќ
Наследник Тихомиљ Ј. Марковиќ
5. гувернер на Народната банка на Србија (Југославија)
На должноста
1912–1926
Претходник Тихомиљ Ј. Марковиќ
Наследник Љубомир Среќковиќ
Лични податоци
Роден(а) јули 15, 1850(1850-07-15)
Панчево, Австриско Царство
Починал(а) јануари 12, 1937(1937-01-12) (возр. 86)
Белград, Кралство Југославија
Националност Србин
Потпис

Животопис уреди

 
Гробница на семејството Вајферт во Панчево

Георг Вајферт е роден во Панчево, германски Банат во семејство на Дунавски Шваби. Се родил во имотното семејство на Игнац и Ана. Панчево тогаш било погранично место на устието на реката Тамиш во Дунав, населено претежно со Срби, Германци и Унгарци.[3] Од другата страна на границата преку Дунав се наоѓа Белград, стопанското средиште и главниот град на повторно воспоставеното Кралство Србија.[4]

Дедото на Вајферт се доселил во Панчево на почетокот на XIX век, барајќи ја својата среќа како трговец, а подоцна како производител на пиво. За да го зацврсти своето претпријатие го пратил својот син Игнац во Минхен за да работи во тамошните пиварници и да го научи занаетот, така што Игнац се упатил во пиварницата Шпатенбрау. По враќањето на Игнац во градот изградиле уште поголема пиварница, која станала најголема на Балканот и која постоела сè до 2008 година.[5]

Во текот на 1865 година, Вајфертови изнајмиле постоечка пиварница во Белград, за да почнат и таму со производство, да ги избегнат трошоците на транспорт и царините со донесувањето на панчевачкото пиво во Белград.[6]

Ѓорѓе Вајферт во Панчево посетувал германско основно училиште и унгарско средно училиште, после што татко му го пратил во Трговската академија во Будимпешта на понатамошно школување. Потоа, Ѓорѓе заминал на усовршување во Вајенштефан, крај Минхен, каде завршил „Пиварска мајсторска школа“ (Braumeisterschule). По дипломирањето во 1872 година, Ѓорѓе заминал во Белград каде му помогнал на татко му во работата и заедно ја изградиле новата пиварница на Топчидер.[7]

Ѓорѓе Вајфер во 1873 година се оженил со Марија Гиснер.

Како големи филантропи, ги отвориле големите панчевачки католички гробишта, каде и денес се наоѓаат останките на членовите на семејството Вајферт. Исто така, од свои средства ја изградиле и католичката црква „Св. Ана“, како и многу други јавни и добротворни установи.[8]

Премин во Србија уреди

 
Вајферт во униформа

Ѓорѓе Вајфер заминал од Панчево (тогашна Австроунгарија) во Белград во 1872 година и веднаш активно се вклучил во јавниот живот по повторното воспоставување на Кнежевството Србија. Година дена пред избувнувањето на Српско-турската војна во 1876-78 година, Ѓорѓе Вајфер подарил средства за купување на топови за српската војска.[9] Во војната, Вајферт се приклучил на српската војска како доброволец и бил во коњицата. За покажаното јунаштво во српската војска добил „орден за храброст“. По негова желба, од сите медали и признанија кои ги добил во животот, само овој медал бил ставен со него кога починал.

Вајферт не бил член на ниедна политичка партија, секогаш се трудел да служи како рамнотежа во немирниот политички живот во тогашна Србија. Еден од примерите е и Тимочка буна, буна против кралот Милан Обреновиќ во 1883 година. Голем број српски политичари тогаш биле уапсени и биле соочени со смртна казна. Тогаш, Вајферт побарал аудиенција кај кралот и побарал смртните казни да се заменат со временски, што го оправдал со престанување на понатамошните крвопроливања во Србија.

Добротвор уреди

 
Вајферт на апоенот од 1.000 српски динари.

Во текот на 1893 година, Ѓорѓе Вајфер го основал фондот „Крал Стеван Дечански“, добротворна организација која се грижела за глувонемите деца и им овозможувала образование и вклучување во редовниот нормален живот. Ѓорѓе Вајфер не само што го основал овој фонд, туку бил и негов главен финансиер и како таков ја носел титулата почесен претседател.

Во текот на Првата балканска војна во 1912 година, Вајфер платил за 60.000 векни леб, кои им биле делени на најсиромашните семејства во Белград.

За време на Првата светска војна, Србија била окупирана од страна на Австроунгарија, а Ѓорѓе Вајферт тие воени години ги поминал на југот на Франција, од каде праќал помош за Србија. По војната, Вајферт се вратил во Белград да помогне во повторната изградба на разрушениот град.

Во 1921 година, заедно со Единбуршкиот одбор на шкотските жени и Лондонскиот одбор на шкотските жени ја основа Болницата за жени и деца во Белград.[10] Вајферт, исто така, подарил земјиште за изградба на клубот на Белградското женско друштво.[11] Покрај останатите добротворни активности треба да се наведе и донацијата која Вајфер ја дал за изградба на зградата на Српската академија на науките и уметностите.

На 9 септември 1923 година ја подарил својата вредна нумизматичка збирка, собирана од страна на неговиот татко и брат, на Белградскиот универзитет.[12] Многу помагал на противпожарната бригада и од 1921 година бил претседател на Банатското противпожарно здружение. Носител е на многу одликувања. Помеѓу останатото, бил почесен претседател на панчевачката Пучка банка и Вршачкото противпожарно здружение. Денес на него потсетуваат две градби во Панчево, изградени со негови средства: Анина црква од 1922/1923 година (изградена во чест на неговата мајка) и порталната зграда на панчевачките католички гробишта, изградена во 1924 година.

Починал на 12 јануари 1937 година во неговата вила во Белград.[13] Опелото било одржано во црквата „Св. Ана“ во во Панчево на 14 јануари[14], а на 15 јануари бил закопан на католичките гробишта во Панчево.[15] Наследник на неговата империја бил неговиот внук Фердинанд Грамберг.

Од 2001 година, неговиот лик се наоѓа на апоенот од 1.000 српски динари.[16]

Стопанственик и економист уреди

 
Пивски кригли од Вајфертската пиварница во Панчево

Ја преземал пиварницата од неговиот татко, а подоцна и ја проширил во голема мерка. Со добивките купил рудник за јаглен во Костолац, потоа рудник за бакар во Бор, работилницата Штајнберг во Заечар и на крајот рудник за злато, со што станал создавач на современото рударство во Србија.

Во 1890 година бил назначен за гувернер на Народната банка на Србија. Се задржал на функцијата до 1902 година, но повторно се вратил во периодот 1912-1914/1918 година.[2] Во текот на овој период стекнал добар углед одржувајќи ја вредноста на српскиот динар и олеснување на кредитните работи во Србија. По 1918 година, поради добрата работа, Вајферт бил назначен за гувернер на Народната банка на Југославија, вкупно задржувајќи се на позицијата 26 години.[2] Негова најголема заслуга како гувернер била претворањето на австроунгарската круна во новиот југословенски динар. Ова довело и до големи критики, бидејќи поранешниот српски динар бил разменуван 1:1 за новиот динар, а австриските пари во сооднос 4:1 — што довело до значителни загуби на оние Југословени кои порано живееле во Австроунгарија.

Бил претседател на Управниот одбор на Самостојната монополска управа на Кралството Србија во периодот 1895-1900 година.

Сакал тркачки коњи, а омилен коњ му бил Фантаст. Вложувал многу во ергелиња и коњичкиот спорт.

Ѓорѓе бил мецена на многу културни и хуманитарни установи и пријател на науката, собирајќи средства за нив.

Со приносите од рудниците бил најбогат човек во Србија и бил сметан за најголем стопанственик во идната Југославија.

Наводи уреди

  1. Ђорђе Вајферт није рођен 15. јуна него 15. јула („Политика“, 16. јун 2015)
  2. 2,0 2,1 2,2 Гувернери на Народната банка[мртва врска]
  3. „Градот Панчево е сместен...“. Djordje-vajfert.org. Архивирано од изворникот на 2012-02-27. Посетено на 25 март 2016.
  4. „Кралството Србија...“. Djordje-vajfert.org. Архивирано од изворникот на 2012-02-27. Посетено на 25 март 2016.
  5. „По Втората светска војна...“. Djordje-vajfert.org. Архивирано од изворникот на 2012-02-27. Посетено на 25 март 2016.
  6. „Германскиот стопанственик...“. Djordje-vajfert.org. Архивирано од изворникот на 2012-02-27. Посетено на 25 март 2016.
  7. „Оваа пиварница била...“. Djordje-vajfert.org. Архивирано од изворникот на 2012-02-27. Посетено на 25 март 2016.
  8. „Рани години“. Djordje-vajfert.org. Архивирано од изворникот на 2012-02-27. Посетено на 25 март 2016.
  9. „Ложа #25 Ѓорѓе Вајферт“. Djordje-vajfert.org. 12 јануари 1937. Архивирано од изворникот на 2012-02-27. Посетено на 25 март 2016.
  10. Lazarevich Jelena ‘British Women in Serbia’, Belgrade. 1929. pp. 231-232 The Edinburgh Council of Scottish Women initiated work on construction of the hospital for women and children on the lot that belonged to the ‘Women Medical Association of Belgrade’, as a ‘monument to the friendship and love of British people for Serbian Nation ‘. Because of the lack of funds they were joined in this project by ‘London Council of Scottish Women’, and George Weifert.
  11. Archives of the city of Belgrade, TD, Building dept. F-H-9-1930, file I -165-1942.
  12. „Тај је дар јединствена нумизматичка збирка од близу четрнаест хиљада егземплара старих новаца, међу којима их има који се не налазе ни у какавој збирци и ни у какавом другом музеју на свету“ у књизи Коста Христић (1989). „Записи старог Београђанина“. Нолит, Београд. стр. 390. ISBN 978-86-19-01637-7.
  13. Политика, бр. 10.287 од среде 13. јануара 1937., pp. 5
  14. Политика, бр. 10.289 од петка 15. јануара 1937., pp. 6
  15. Политика, бр. 10.290 од суботе 16. јануара 1937., pp. 6
  16. „Banknotes Withdrown from circulation“. Архивирано од изворникот на 2009-08-30. Посетено на 2016-03-25.

Надворешни врски уреди