Ана Болејн: Разлика помеѓу преработките

Избришана содржина Додадена содржина
Создадена страница со: == Ана Болејн == == Портал: Агликанство == Ана Болејн (1501год. или 1507год. – 19 мај 1536год.) бе...
(нема разлика)

Преработка од 19:09, 15 април 2010

Ана Болејн

Портал: Агликанство

Ана Болејн (1501год. или 1507год. – 19 мај 1536год.) беше кралица на Англија од 1533год. до 1536год. како втора жена на кралот Хенри VIII, како и Маркиза Пембрук. Поради нејзиниот брак со Хенри и подоцна нејзиното погубување, таа стана една од клучните фигури во политичките и религиските промени кои доведоа до Англиската Реформација. Како ќерка на Сер Томас Болејн и Леди Елизабет Ховард, Ана имаше повисок статус од Кетрин Прат, подоцнежната сопруга на Хенри VIII, но понизок од предходната, Кетрин од Арагон. Беше школувана во Европа како придружничка на кралицата Клаудија од Франција. Во 1522год. Ана се врати во Англија. Во 1525год, Хенри VIII се заинтересира за Ана и се трудеше да ја заведе, но таа го одбиваше бидејќи не сакаше да биде негова љубовница како сестра ѝ, Мери Болејн. Поради тоа, тој сакаше да го поништи неговиот брак со Кетрин од Арагон, за да може да се ожени со Ана. Кога стана јасно дека папата Климент VII нема да го поништи тој брак, започна распадот на Римокатоличката Црква во Англија. Кардиналот на Јорк, Томас Волсеј, беше отсранет од својата должност, наводно поради инсистирањата на Ана Болејн, за подоцна Томас Кранмер, капланот на фамилијата Болејн, да стане архиепископ на Кентербери. Хенри и Ана се венчаа на 25 јануари 1533год. Кранмер го пргласи бракот меѓу Хенри и Кетрин за неважечки, a 5 дена подоцна бракот меѓу Хенри и Ана за важечки. По ова, папата ги казни Хенри и Кранмер со исклучување (екскомуникација) од црквата. Поради исклучувањето и бракот, црквата на Англија се раздели од Рим, а контролата ја презеде кралот. На 1 јуни 1533год. Ана беше прогласена за кралица на Англија. На 7 септември ја роди идната кралица, Елизабет I. Хенри бил незадоволен затоа што не добил машки наследник. Сепак не бил целосно разочаран бидејќи велел дека ја сака Елизабет и дека сигурно наредното дете ќе биде син. Меѓутоа Ана доживеала три абортуса, и околу март 1536год. Хенри почнал да му се додворува на Џејн Сejмор. Во периодот од април-мај 1536год. Хенри вовел истрага против Ана за велепредавство. Таа беше осудена и погубена на 19 мај. Многу историчари веруваат дека обвинувањата, кои вклучувале прељуба и инцест, биле неосновани. По крунисувањето на нејзината ќерка Елизабет, Ана стана симбол за маченик и хероина на Англиската Реформација, особено преку делата на Џон Фокс. Во подоцнежните години, таа стана инспирација и беше споменувана во многубројни уметнички и културни дела. Таа стана највлијателната и најважната сопруга на англиски крал бидејќи поради неа Хенри VIII се разведе од Кетрин од Арагон и се раздели од Римската црква.

Детство (раѓање – 1522год.)

Ана беше ќерката на Томас Болејн, подоцна Гроф на Вилтшир и Гроф на Ормонд, и неговата сопруга, Леди Елизабет Ховард, ќерката на вториот Војвода на Норфолк. Томас Болејн беше почитуван дипломат со особена дарба за јазици. Беше една од омилените личности на Хенри VII, кој многу често го испраќаше на дипломатски мисии во странство. Датата на раѓање на Ана тешко се утврдува поради недостиг од некои париски записи. Современите докази се контрадикторни. Според записите на некој италјанец од 1600год. таа е родена во 1499год. но зетот на Сер Томас Мор, Вилијам Ропер, тврди дека годината на раѓање е 1512год. Меѓутоа, најголема е претпоставката дека годината на раѓање се движи од 1501год. и 1507год. Како и кај Ана, така и кај нејзините брат и сестра, годината на раѓање е несигурна, но изгледа дека Мери е онаа која е постара од Ана. Јасно е прикажано дека децата на Мери веруваа дека нивната мајка е постарата. Голем број на историчари се согласуваат дека Мери е родена во 1499год. Внукот на Мери ја бараше титулата Ормонд врз основа на тоа дека неговата баба е постарата ќерка, а со тоа се согласи и Елизабет I. Исто така, Мери се омажи прва, што најчесто беше обичај со постарата ќерка. Нивниот брат Џорџ беше роден околу 1504год. Академската дебата за роденденот на Ана се фокусира на две години: 1501год. и 1507год. Ерик Ајвс, британски историчар и правен експерт, вели дека тоа е 1501год, додека пак Рета Варник, американски научник која напиша биографија за Ана, повеќе се залага за 1507год. Клучниот доказ е едно писмо кое Ана го напишала околу 1514год. Тоа писмо е напишано на француски и е наменето за нејзиниот татко кој во тоа време бил во Англија а Ана пак, ги привршувала студиите во Холандија. Според Ајвс, стилот на писмото и зрелиот ракопис докажуваат дека Ана имала околу 13год. кога го напишала писмото, додека пак, Варник тврди дека грешниот спелинг и граматичките грешки укажуваат дека писмото е напишано од дете. Ајвс вели дека ова е околу минимумот на години кои едно девојче требало да ги има за да биде придружничка на кралица, како што беше и Ана на Маргарет од Австрија. Оваа теорија е подржана од тврдењата на еден хроничар од крајот на 16ти век, кој напиша дека Ана имаше 20год. кога се врати од Франција. Варник ги оспори овие наоди во неколку нејзини книги и статии. Ниедна од овие години не е целосно подржана од доказите. Предците на Ана вклучуваа градоначалник на Лондон, војвода, гроф, две аристократски дами и витез. Еден од тие предци, Џефри Болејн, пред да стане градоначалник бил трговец на свилени ткаенини и волна. Фамилијата Болејн потекнува од Бликлинг, Норфолк, 15 милји северно од Норвич. Во времето на раѓањето на Ана, фамилијата Болејн беше една од најпочитуваните во Англија. Од нејзините роднини поистакнати беа фамилијата Ховард. Таа имаше поблагородна титула и од Џејн Сејмор и од Кетрин Прат, подоцнежните сопруги на Хенри VIII.

Холандија и Франција

Таткото на Ана продолжи со својата дипломатска кариера и за време на владеењето на Хенри VIII. Томас Болејн успеа да шармира многу влијателни личности, вклучувајќи ја и надвојводката Маргарет од Австрија, ќерката на Максимилијан I, Светиот римски император. Во овој период, таа владееше со Холандија на местото на нејзиниот татко и беше толку многу импресионирана од Болејн што ѝ понуди на ќерка му Ана место во нејзиниот дворец. Во тоа време, девојките морале да имаат барем дванаесет години за да имаат таква привилегија, но се претпоставува дека Ана била и помлада бидејќи надвојводката често и се обраќала со ,,la pettite Boulaiн” (малечката Болејн). Ана оставила добар впечаток со нејзините манири и сериозност. Маргарет велела дека таа зборува многу добро за нејзини години и му кажала на Сер Томас Болејн дека неговата ќерка е ,,многу претставителна и пријатна, земајќи ги предвид нејзините години па затоа јас треба да Ви сум благодарна што ми ја испративте, а не Вие мене”. Ана останала кај Маргарет до пролетта 1513год. Во октомври 1514год. нејзиниот татко ја пратил да присуствува на свадбата на Мери Тјудор, сестрата на Хенри VIII, со Луис XII од Франција. Во Франција, Ана беше придружничка на кралицата Мери а потоа на 15 годишната кралица Клаудија од Франција, со која остана скоро седум години. Во дворецот на Клаудија, таа продолжи со усовршување на францускиот јазик и пројави интерес за мода и религиозна философија. Исто така, се здоби со знаење за француската култура и францускиот бонтон. Поголемиот број докази за животот на Ана во францускиот двор се несигурни. Ерик Ајвс во неговата последна статија за целосната биографија на Ана, претпоставува дека таа се запознала со сестрата на кралот Франсис I, Маргарет, заштитничката на хуманистите и реформистите. Маргарет била и писател, најчесто пишувала за христијански мистицизам и реформи. Поради неа, Ана почнала да се интересира за реформите, поезијата и литературата. Во последната верзија за биографијата на Ана, Ерик Ајвс мисли дека таа имала евангелистичко верување и богат духовен живот. Таа имала голема шармантност, но сепак постојат различни мислења во однос на нејзината привлечност. Венецијанскиот писател Марино Сануто, кој ја запознал Ана во 1532год. кога Хенри VIII се сретнал со Франсис I од Франција, ја опишал како “не многу убава, со средна висина, темен тен, долг врат, широка уста, мали гради...црни и убави очи”. Во септември 1531год. Симон Грине му напишал на Мартин Буцер дека Ана е “млада, згодна, со темен тен”. Ланселот де Карлес ја нарекол “убава и елегантна”. Во 1528год. еден венецијанец во Париз исто така кажал дека е многу убава. Во 1586год, половина век по смртта на Ана, Николас Сандерс, католички пропагандист и полемичар, го дал најважниот опис но истовремено и најневеродостојниот: ,,Ана Болејн беше висока со црна коса, овално лице и темен тен како да има жолтица. Имаше испакнат заб во горната усна, а на десната рака имаше шест прста (денес, историчарите знаат дека овој податок е лажен), голем израсток под нејзината брада па за да ја скрие својата грдотија носеше фустани кои ѝ го покриваа вратот...Имаше убава уста и беше убава за гледање”. Сандерс ја сметаше Ана одговорна за одделувањето на Хенри VIII од католичката црква, па затоа педесет години подоцна пишуваше текстови во кои ја омаложува. Иако овој опис е измислен, тој е основа која се користи во денешните текстови за опишување на Ана. Искуството кое Ана го стекна во Франција ја направија посветен христијанин во новата епоха, Ренесансен хуманизам. Нејзиното европско образование заврши во 1521год. кога нејзиниот татко ја повика назад во Англија. Во јануари 1522год. таа замина од Кале.

Во дворецот на Хенри VIII (1522год. – 1533год.)

Ана беше повикана да се омажи со нејзиниот ирски роднина, Џејмс Батлер, млад човек кој живееше во англискиот двор и кој бил само неколку години постар од неа. Тој брак требало да се случи за да се разрешат некои расправии за сопственоста и имотите на грофството Ормонд. Во 1515год. седмиот гроф на Ормонд починал со што своето наследство му го оставил на ќерките, Маргарет Болејн и Ана Ст. Легер. Во Ирска, далечениот роднина Сер Пјер Батлер, го оспорил тестаментот и тврдел дека титулата гроф е негова. Сер Томас Болејн, како син на најстарата ќерка, сметал дека титулата му припаѓа нему. Поради тоа, се жалел кај неговиот зет, војводата од Норфолк, кој зборувал со крал Хенри за ситуацијата. Хенри, од страв да не започне граѓанска војна во Ирска поради расправијата, решил да ги венча синот на Пјер, Џејмс, и Ана Болејн. Нејзиното наследство од Ормонд требало да биде нејзиниот мираз со што би завршила караницата. Овој план не успеал веројатно затоа што Сер Томас сакал да ја омажи неговата ќерка во подобра фамилија. Која и да била причината, преговорите за бракот прекинале. Подоцна, Џејмс Батлер се венчал со Леди Џоан Фитцгералд, ќерката и наследичка на Џејмс Фитцгералд, десеттиот гроф на Десмонд и на Ејми О’Брајан. Кон крајот на 1519год. Мери Болејн, постарата сестра на Ана, наводно била повикана поради нејзините афери со францускиот крал и неговите дворјани. Во февруари 1520год, во Гринвич, таа се омажила за Вилијам Кери, млад благородник. На таа свадба присуствувал и Хенри VIII, кој подоцна ја зел Мери за негова љубовница. За време на нејзиниот брак таа имала две деца. Историчарите расправаат за татковството на Хенри врз тие деца. Во книгата Хенри VIII: Кралот и неговиот дворец, од Алисон Веир, се расправа за татковството на Хенри врз Хенри Кери. Во книгите Реформацијата на кралот од др. Г. В. Бернард и Ана Болејн: Нов живот за трагичната кралица на Англија од Џоана Дени, се тврди дека Хенри VIII бил таткото на двете деца. Хенри не ги признал како што направил со неговиот син Хенри Фитцроу, вонбрачното дете со Елизабет Блонт, Леди Талбојс. На 4 март 1522год, Ана за прв пат се појавила во јавност во Chateau Vert (Зелен замок) играјќи во ,,Трпеливост” (Perseverance) во чест на кралските амбасадори. Придружувана од помладата сестра на Хенри, Мери, неколку други дами во дворот и нејзината сестра, таа изведила комплициран танц. Сите тие носеле фустани од бел сатен извезани со златен конец. Набрзо, Ана станала една од најмодерните жени во дворот и многу мажи започнале да ѝ се додворуваат.

Американската историчарка, Рета М. Варник, пишува дека Ана била: ,,совршена дворска дама...нејзината кочија беше грациозна и нејзините француски алишта беа модерни. Таа танцуваше со леснотија, имаше певлив глас, свиреше флејта и уште неколку други инструменти, а и течно зборуваше француски...Инзворедна, интелегентна, остроумна млада благородничка..прво успеваше да ги натера да започнат разговор со неа а потоа ги забавуваше. Накратко, нејзината енергија и виталност ја направија центар на внимание на секој собир”. За ова време, на Ана ѝ се додворуваше Хенри Перси, синот на грофот од Нортхумберланд, со кој тајно се верила. Придружувачот на Томас Волси, Џорџ Кавендиш, тврдел дека тие двајца не биле љубовници. Со тоа се претпоставува дека нивната врска не била сексуална. Веридбата се раскинала кога таткото на Перси не ја подржал таа свршувачка. Според Кавендиш, Ана била испратена на имотот на село, но не се знае колку долго останала таму. Кога повторно се вратила во дворецот се вратила во служба на Кетрин од Арагон. Еминентниот дворски поет Сер Томас Вајат пораснал во Алингтон, имот во близина на имотот на фамилијата Болејн, замокот Хевер. Вајат бил отуѓен од сопругата и се ширеле неверодостојни приказни за љубовна врска меѓу него и Ана. За таа врска пишувал и внукот на Вајат. Се претпоставува дека дел од поезијата на Вајат е инспирирана од врската со Ана и дека многу често таа е онаа која е опишувана во неговите песни. Во 1526год. кралот Хенри се заинтересирал за Ана и почнал да ѝ се додворува. Ана го одбивала кралот бидејќи не сакала да стане негова љубовница и често се повлекувала во замокот Хевер. За една година тој и предложил брак, а таа прифатила. И двајцата мислеле дека можат да добијат поништување на неговиот предходен брак за рок од неколку месеци. Не постојат докази дека тие имале сексуален однос пред брак, а доколку имале тоа било краток период пред свадбата. Всушност, според писмата кои Хенри му ги праќал на Ана се покажува дека нивната врска не била сексуална иако имале седумгодишно додворување. На доказите кои покажуваат дека сепак имале односи, се гледа како клеветње, создадено за да се уништи репутацијата на Ана по нејзината смрт.

Поништувањето на бракот на Хенри

Се претпоставува дека Хенри сакал да го поништи (не да се разведе, како што често се мисли) бракот многу порано од неговото запознавање со Ана, со цел да обезбеди машки наследник. На тој начин, династијата Тјудор ќе продолжи со владеењето. Пред да го наследи тронот таткото на Хенри, Хенри VII, постоела граѓанска војна за престолот. Хенри VIII не сакал повторно да се случи тоа. Тој и Кетрин немале живи деца: само Мери успеала да го преживее детството. Кетрин од Арагон најпрво пристигнала во Англија за да му биде жена на братот на Хенри, Артур, кој умрел кратко време по нивната свадба. Но и покрај ова, Шпанија и Англија сеуште сакале сојуз, па така во 1509год. Хенри и Кетрин се венчале. Но свадбата не можела да се случи доколку папата не отфрли контроверзен дел во една од книгите на Библијата. Во таа книга, Трета книга Мојсеева, се забранува брак на маж со вдовицата на својот брат бидејќи ќе бидат проколнати. На крај, папата издејствувал во полза на засегнатите династии. Но, по многу години и со нов папа, Хенри повторно размислувал за овие работи. Поттикнат од неможноста Кетрин да добие машко дете, а можеби и под влијание на Ана, Хенри решил дека ниеден папа не може да оди против Библијата. Ова значело дека тој живеел во грев со Кетрин сите тие години, иако Кетрин го одрекувала тоа и тврдела дека нејзиниот прв брак не бил конзумиран. Исто така, ова значело дека неговата ќерка Мери е копиле и дека новиот папа Климент VII мора да ја признае грешката на предходниот и да го поништи бракот. Ана забележала можност за напредок со заљубеноста на Хенри и неговата морална дилема. Таа одлучила дека ќе му се препушти само како признаена кралица. Започнала да го зазема своето место покрај него во политиката и државата, но не, барем не сеуште, во неговиот кревет. Во 1528год, се појавила епидемија од големи размери. Во Лондон, стапката на смрт била висока па поради тоа, дворот се разделил на различни страни. Хенри го напуштил Лондон и често го менувал својот престој. Ана се повлекла во Хевер, но сепак се заразила. Нејзиниот зет, Вилијам Кери, починал. Хенри го пратил својот доктор да се грижи за Ана, па набрзо таа закрепнала. Тогаш единствената грижа на Хенри била да добие поништување на неговиот брак со Кетрин. Тој пратил молба до Светиот трон, независно од кардиналот Волси, кој не го ни известил за своите планови со Ана. Кралот го испратил Вилијам Најт, неговиот секретар, кај папата Клемент VII да тужи за да го поништи неговиот брак. Најт не можел лесно да стигне до папата затоа што тогаш тој бил затвореник на Чарлс V, Светиот римски император. На крајот, тој морал да се врати со техничко ослободување кое според Волси не било доволно. Хенри немал многу избор. Морал да ја остави оваа работа во рацете на Волси, кој направил се што може за да ја реши ситуацијата во полза на Хенри. Волси дури и повика црковен суд во Англија, со специјален делегат пратен од папата. Сепак, тој никогаш не го овласти својот пратеник да донесе решение во негово име. Папата сеуште бил заложник на Чарлс V кој пак бил внукот на кралицата Кетрин. Папата му забранил на Хенри да стапи во нов брак се додека не се донесе одлука во Рим, а не во Англија. Ана и многубројните непријатели на Волси, мислеле дека тој е од страната на папата, па така во 1529год. Хенри го отпуштил од неговата должност и го уапсил. Доколку не умрел од болест во 1530год. тој би бил погубен поради предавство. Една година подоцна, кралицата Кетрин била протерана од дворецот, а нејзините соби им биле дадени на Ана. Меѓутоа, народот продолжил да ја подржува кралицата Кетрин. Во 1531год. една есенска вечер, додека Ана вечерала во куќата покрај реката Темза, била нападната од група лути жени. Успеала да се извлечи со брод. Кога во 1532год. архиепископот од Кантербури, Вилијам Вархам, починал, со одобрување од папата бил назначен капланот на фамилијата Болејн, Томас Кранмер. Процесот на раскинувањето со римската црква се одвивал постепено. Во 1532год. Томас Кромвел во Парламентот донел многубројни акти со кои се прикажала кралската моќ во црквата со што завршил процесот на одделување од Рим. По овие акти, Томас Мор дал оставка од својата должност како канцелар, со што Кромвел станал главен министер.

Брак

Многу често, Ана дејствувала независно од нејзиниот сопруг. Можела да одобрува петиции, да прима дипломати, да претседава со различни состаноци и да ја надгледува надворешната политика. Во 1531год, амбасадорот на Милано напишал дека мора да се има нејзино одобрување доколку некој сака да влијае на некој начин во англиската влада. Ова тврдење било поткрепено и предходно, во 1529год, од францускиот амбасадор. Во овој период, Ана Болејн навистина играла важна улога во меѓународната позиција на Англија преку зајакнување на сојузот со Франција. Таа воспоставила одлична врска со францускиот амбасадор. Во зимата 1532год. во Кале, Ана и Хенри присуствувале на состанок со францускиот крал, со што Хенри се надевал дека ќе ја добие подршката од Франсис I од Франција за неговиот иден брак. На 1 септември 1532год, Ана ја добила титулата Маркизата Пембрук, со што станала најпрестижната дама во кралството која не е дел од кралското семејство. Оваа титула била важна за фамилијата Тјудор бидејќи пра-чичкото на Хенри, Џаспер Тјудор, бил гроф на Пембрук. Именувањето на оваа титула го извел самиот Хенри. И фамилијата на Ана доби бенифиции од оваа врска. Нејзиниот татко, кој веќе бил висконт Рошфорд, станал грофот на Вилтшир. Исто така, Хенри постигнал договор со ирскиот роднина на Ана и го назначил за гроф на Ормонд. На големиот банкет во чест на унапредувањето на нејзиниот татко, Ана седнала на почесното место до кралот, кое било наменето за кралицата. На тој банкет таа била на попрестижно место и од војводката на Суфолк и Норфолк. Благодарение на интервенцијата на Ана, нејзината сестра Мери, која беше вдовица, добивала годишен надоместок од £100, а синот на Мери, Хенри Кери, бил образован во престижниот Цистериански манастир. Конференцијата во Кале била еден вид политички триумф. Но иако француската влада дала јасна подршка за бракот на Хенри, а и самиот Френсис I одржал приватна конференција со Ана, францускиот крал продолжил да го одржува својот сојуз со папата, нешто што ни тој самиот не можел јасно да го дефинира. Набрзо по нивното враќање во Довер, Хенри и Ана тајно се венчале. Потоа таа останала бремена, па како што бил обичајот кај кралските семејства во тоа време, на 25 јануари 1533год. во Лондон, се одржала втора тајна венчавка. По ова, работите почнале да се одвиваат побрзо. На 23 мај 1533год, Кранмер (кој за многу кратко време, во согласност со папата, станал архиепископ на Кантербури, место кое предходно било испразнето со смртта на Вархам) започнал судски процес за утврдување на валидноста на бракот меѓу Хенри и Кетрин од Арагон. Набрзо, бракот бил поништен. Пет дена подоцна, на 28 мај 1533год. Кранмер го прогласил бракот меѓу Хенри и Ана за валиден.

Кралицата на Англија (1533год. – 1536год.)

На 1 јануари 1533год. Кетрин формално ја предала титулата кралица на Ана. Церемонијата на крунисување се одржала во Вестминистерската катедрала по што следел раскошен банкет. Таа била последната сопруга на крал која ќе биде крунисана во различен период од својот сопруг. Предходниот ден, Ана предводела процесија по улиците на Лондон сместена во носилка од ,,бела покривка со злато” која се наоѓала на два коња покриени со бел дамаск, а бароните пак, на нивните глави носеле покривка од злато. Во согласност со традицијата, таа била облечена во бело, а на главата носела златна круна под која раскошно паѓала нејзината коса. Публиката останала рамнодушна на нејзиниот изглед. За разлика од некои предходни сопруги на кралевите, Ана била крунисана со круната на Св. Едвард, нешто што се случувало само доколку кралицата има потекло од кралска династија. Хант претпоставува дека тоа се случило затоа што бременоста на Ана веќе била видлива, а голема била веројатноста таа да носи машки наследник. Во меѓувреме, Куќата на Народот ги забранила сите жалби до Рим и ги зголемила казните за сите они кои ќе донесат папски повелби во Англија. Тогаш, папата Климент ја изрекол казната екскомуникација против кралот и Кранмер. Во март 1534год. го осудил бракот со Ана, го прогласил за валиден бракот со Кетрин и му наредил на Хенри да се врати кај неа. Хенри побарал од своите поданици да кажат заклетва за да се одбие папското мешање во правни работи и да се признае Ана Болејн за кралица. Оние кои одбиле, како сер Томас Мор, кој дал оставка како канцелар, и Џон Фишер, епископот на Рочестер, биле сместени во Кулата. Кон крајот на 1534год. Парламентот го пргласи Хенри за ,,врховник на црквата во Англија”. Со тоа, црквата во Англија била под контрола на Хенри, а не на Рим.

Битката за син

По крунисувањето, Ана се повлекла во палатата Гринвич за да се подготви за раѓањето на нивното бебе. Тоа се родило на 7 септември 1533год. Помеѓу три и четири часот попладне, Ана родила девојче кое го нарекла Елизабет, веројатно во чест на мајката на Хенри, Елизабет од Јорк. Малата принцеза добила раскошна крштевка, но Ана почнала да се плаши од ќерката на Кетрин, Мери. Неа ѝ била одземена титулата прицеза и била наречена копиле, но Ана сепак стравувала дека таа претставува можна закана за позицијата на нејзината ќерка. Хенри ја смирил својата сопруга со тоа што ѝ ги одзел слугите на Мери, а Елизабет ја испратил во Хатфилд, каде принцезата ќе има многу слуги и ќе диши здрав воздух, погоден за бебе. Ана често ја посетувала ќерка си во Хатфилд. Новата кралица имала поголема послуга од Кетрин. 250 слуги се грижеле за нејзините лични потреби, почнувајќи од свештеници до коњушарници. Имала 60 придружнички кои ѝ служеле и ја придружувале на јавни настани. Исто така, имала и неколку свештеници кои ѝ биле доверители, каплани и религиозни советници. Еден од нив бил и Метју Паркер, подоцна еден од главните архитекти на Агликан, за време на влдеењето на ќерката на Ана, Елизабет I.

Караници со кралот

Кралот и новата кралица имале хармоничен брак. Интелегенцијата на Ана Болејн, политичката вештина и добрите манири, иако се посакувале кај љубовниците, биле неприфатливи за сопругите. Се вели дека еднаш му се обратила на својот чичко со такви зборови што не смееле да се користат ни за да се обратиш кон куче. По абортусот на второто дете, околу Божиќ 1534год. Хенри почнал да се распрашува кај Кромвел за можноста да ја напушти Ана, а да не мора да се врати кај Кетрин. Но ништо од ова не се случило бидејќи двојката се смирила. Во октомври, Ана повторно била бремена. Ана Болејн го надгледувала прекрасниот дворец. Потрошила огромна сума пари за фустани, накит, пафлкала од пердуви, опрема за јавање, мебел и тапациран мебел, одржувајќи го претенциозниот изглед кој од неа се барал поради нејзиниот статус. Многубројни палати биле реновирани за да се задоволи нејзиниот екстравагантен вкус. Нејзиниот слоган бил: ,,Најсреќна”, и избрала бел сокол како нејзин заштитен знак. Ана била обвинувана за тиранијата која ја извршувала владата на нејзиниот сопруг, и често била нарекувана ,,курвата на кралот” или ,,проститутка”. Лошото мислење за неа се зголемувало и поради тоа што не можела да роди машки наследник. Најлошо било кога биле погубени нејзините непријатели Сер Томас Мор и епископот Џон Фишер. Меѓутоа, откако била уапсена, осудена и погубена, јавното мислење за неа се подобрило и дури ја засакале, а почнале да го осудуваат Хенри.

Пад и погубување

На 8 јануари 1536год, стигнале вести дека Кетрин од Арагон починала. Со тие вести, кралот и Ана биле пресреќни. Наредниот ден, Хенри бил облечен цел во жолто и ја прославувал нејзината смрт со забава. Од друга страна, пак, Ана се потрудила да се смири со принцезата Мери. Повторно бремена, кралицата се палашела за нејзиниот живот доколку не роди машко. Со смртта на Кетрин, Хенри би бил слободен повторно да се ожени без проблеми. Мери ги одбивала напорите на Ана за помирување, можеби поради гласините дека Кетрин умрела затоа што Ана и Хенри ја отруле. Тие гласини започнале по балсамирањето на телото на Кетрин, кога се открило дека нејзиното срце било оцрнето. Модернните медицински експерти, кажуваат дека тоа не се случило од труење туку од рак на срцето, нешто што во тоа време не било познато. Истиот тој месец, кралот паднал од коњ и бил во безсознание два часа. Поради тој инцидент Ана верувала дека го изгубила бебето пет дена подоцна. Дента кога ја погребаа Кетрин од Арагон, Ана повторно имала спонтан абортус. Според амбасадорот Шапуис, Ана го носела бебето три и пол месеци и изгледало како да е машко. Според Шапуис, оваа загуба била почетокот на крајот за кралскиот брак. Бременостите на Ана привлекоа големо внимание, особено поради очајната желба на Хенри да добие син. Авторот Мајк Ешли, претпоставува дека Ана имала две мртвороденчиња по раѓањето на Елизабет и пред абортусот на машкото дете во 1536год. Изворите покажуваат дека во септември 1533год. се родила Елизабет, Ана имала и можен абортус во летото 1534год, а во јануари 1534год. имала абортус на машко дете. За време на нејзиното опоравување од овие загуби, Хенри изјавил дека таа го измамила за да се ожени со неа со помош на ,,sortilage” – француски збор што значи ,,измама” или ,,магија”. Неговата нова љубовница, Џејн Сејмор, ја сместиле во кралските одаи. Ова се случило откако братот на Ана бил одбиен за престижна кралска титула, која му била доделена на Сер Николас Керу.

Обвинувања за прељуба, инцест и предавство

Според авторот и историчарот за фамилијата Тјудор, Алисон Веир, околу 20-21 август 1536год, Томас Кромвел се преправал дека е болен а всушност ковал заговори против Ана. Дури и Ерик Ајвс, биографот на Ана, верува дека зад нејзиниот пад и погубување се наоѓа Томас Кромвел. Разговорите меѓу Шапуис и Кромвел укажуваат дека Кромвел бил креаторот на заверата против Ана. Вакви докази се пронајдени и во Шпанската хроника како и во писмата кои Шапуис му ги испраќал на Чарлс V. Ана и Кромвел имале различни мислења во врска со распределувањето на црковните приходи и за надворешната политика. Таа сакала приходите да одат во хуманитарни и образовни институции и сакала сојуз со Франција. Од друга страна, Кромвел сакал да ја наполни испразнетата каса на кралот, а истовремено да земи поголем дел од неа и сакал империјален сојуз. Според Ајвс, поради ова Ана Болејн станала голема закана за Кромвел. Од друга страна, биографот на Кромвел, Џон Скофилд, тврди дека немало никакви препирања меѓу Кромвел и Ана и ,,не постојат докази дека Кромвел ковал заговори против Ана. Кромвел се вплеткал во драмата на кралскиот брак откако Хенри го повикал за да го разреши случајот”. Кромвел не реагирал на обвинувањата за прељуба, иако тој и некои други службеници ги користеле за да го зајакнат случајот на Хенри против Ана. Историчарката Рета Варник, се сомнева во способноста на Кромвел дека успеал да го натера Хенри да стори такво нешто. Хенри бил оној кој ги издавал наредбите, а неговите службеници, меѓу кои и Кромвел, ги извршувале. За да успее во својата намера, главниот секретар Кромвел ќе морал да собери доволно докази за нејзино осудување или во спротивно би ја изгубил својата работа, а можеби и својот живот. Кон крајот на април, еден музичар во служба на Ана, Марк Сметон, бил уапсен, веројатно бил мачен или пак му била ветена слобода. Од почетокот тој одрекувал дека му бил љубовник на кралицата, но подоцна потврдил. Друг дворјанин, Хенри Норис, бил уапсен на Денот на трудот, но бидејќи бил аристократ, не смееле да го измачуваат. Пред неговото апсење, кралот се однесувал љубезно кон него, дури и му го понудил својот коњ за време на забавата за Денот на трудот. Изгледа дека, за време на тие забави, кралот бил известен за признанијата на Сметон. По некое време, сите наводни заговорници биле уапсени по наредба на кралот. Норис бил уапсен за време на забавата. Тој ги одрекувал обвиненијата и тврдел дека кралицата Ана е невина. Еден од најважните докази против Норис бил прислушкуван разговор меѓу него и Ана кон крајот на април. За време на тој разговор, таа го обвинила дека тој доаѓа многу често во нејзините одаи за да ја посети неа, а не нејзината придружничка Маргарет Шелтон. Два дена подоцна, Сер Франсис Вестон бил уапсен поради истите обвинувања. Исто така, Вилијам Бреретон, придружник на кралот, бил уапсен поради прељуба. Последната личност која била уапсена, бил братот на Ана, поради инцест и предавство, обвинет дека имал сексуални односи со сестра си. Џорџ Болејн, наводно извршил инцест два пати: еднаш во ноември 1535год. во Вајтхал и уште еднаш наредниот месец во Елтхам. На 2 мај 1536год, Ана била уапсена и однесена во Кулата на Лондон. Во Кулата, таа колабирала и барала да ѝ кажат каде се наоѓаат нејзиниот татко и брат, и сакала да ги знае обвинувањата против неа. На 12 мај 1536год. во Вестминистер, четворица од обвинетите мажи биле осудени. Вестон, Бреретон и Норис ја тврделе својата невиност до крај. Само измачуваниот Сметон ја потврдил вината и застанал на страна на кралството. Три дена подоцна, Ана и Џорџ биле одделно судени во Кулата. Таа била обвинета за прељуба, инцест и велепредавство. Со актот за предавство на Едвард III, прељубата од страна на кралица била предавство (веројатно поради можните проблеми при наследувањето на тронот). Казната за тоа била бесење и влечење за мажите, а палење живи за жените. Обвинувањата, особено оние за прељуба со инцест, биле направени за да го оспорат и нејзиот морален карактер. Друга форма на предавство за која била обвинета била ковање заговор заедно со нејзините ,,љубовници” за убиство на Хенри, за подоцна да може да се омажи со Хенри Норис. Ниедна од датите за наводните средби со нејзините љубовници не се совпаѓале со нејзиниот тогашен престој. Дури и некои од тие средби наводно се случиле кога таа била бремена во последните месеци.

Последните часови

Иако обвинувањата не биле поткрепени со доволно докази, обвинетите биле осудени на смрт од благородниците, кои пак најверојатно биле под притисок од кралот. Џорџ Болејн и останатите биле погубени на 17 мај 1536год. Лорд Кингстон, чуварот на Кулата, кажал дека Ана изгледала многу среќно и била подготвена да заврши со својот живот. Кралот ја сменил казната на Ана. Наместо да ја запали тој сакал да ја обезглави, а за да го направи тоа повикал џелат од Св. Омер, бидејќи не сакал кралица да биде погубена со обична секира. На 19 мај, ја одвеле Ана во Зелената Кула. Пред изгрејсонце, таа го повикала Кингстон да слуша миса заедно со неа, и се заколнала врз Библијата дека никогаш не му била неверна на кралот. Таа постојано ја повторувала таа заклетвата. Утрото на 19 мај, петок, Ана беше погубена во Белата кула, а не во Зелената, на подигнато губилиште од северната страна, на денешно Ватерло Баракс. Носеше црвено подздолниште под темно сивиот фустан од дамаск украсен со крзно и наметка од ермелин. Придружувана од две дворски дами, Ана тргна од Куќата на кралицата до губилиштето и изгледала ,,среќна како воопшто да не умира”. Ана се искачила на губилиштето и кажала краток говор во кој избегнала да го критикува кралот, можеби за да ја спаси ќерка си и нејзината фамилија од понатамошни последици. Сепак, и покрај големиот притисок не ја признала вината, напротив, ја навестила својата невиност и пратила порака до историчарите кои ,,ќе ја измешаат мојата приказна“.

Смрт и закоп

Тогаш, таа клекнала во француски стил за да биде погубена. Нејзините придружнички ги тргнале украсите од нејзината глава и врат, и ставиле превез на нејзините очи. Според Ајвс, нејзиниот џелат бил толку многу обземен од Ана што почнал цел да се треси и не можел да го изведе погубувањето. За да и го оттргне вниманието, пред самиот чин извикал ,,Каде ми е мечот?” за Ана да помисли дека има уште некоја минута живот. Погубувањето било брзо, со еден замав. Се вели дека Кранмер, кој во тој момент бил во палатата Ламбет, кога разбрал за нејзината смрт почнал да плаче и му рекол на Александар Алес: ,,Онаа која беше кралица на Англија сега ќе биде кралица на рајот“. Кога Кранмер за прв пат ги слушнал обвинувањата против Ана бил запрепастен и му рекол на Хенри дека ,,не би требало да биде виновна”. Сепак, Кранмер се чуствувал ранливо бидејќи бил близок со кралицата. Ноќта пред погубувањето, изјавил дека бракот меѓу Хенри и Ана бил законски како и со Кетрин пред неа. Не се потрудил да ја спаси Ана, но сепак ја ислушал нејзината последна исповед во која кажала дека е невина пред Бога. На денот на нејзината смрт, еден шкотски пријател го видел Кранмер како плачи и велел дека Ана сега сигурно е во рајот. И покрај напорите за свечено погубување на Ана, Хенри не успеал да организира достоен погреб за неа, дури не ни обезбедил соодветен ковчег. Нејзниото тело некое време лежело на губилиштето. На крајот, некој човек (се претпоставува дека работел во Кулата) нашол празен сандак и внатре го сместил нејзиното тело и нејзината глава. Потоа била закопана во необележан гроб, кај капелата Св. Петар Винкула. Нејзиниот скелет бил идентификуван за време на реновациите на капелата, кога владеела кралицата Викторија. Денес, гробот на Ана е од мемрмер.

Признавање и наследство

По нејзината смрт, се појавиле многубројни митови. Многу од нив потекнувале од делата на римокатолиците. Николас Сандер, римокатолик, роден 1530год, бил посветен на отргнувањето на Елизабет I од престолот и воведување римокатолицизмот во Англија. Во неговото дело, De Origine ac Progressu schismatis Anglicani (Издигнувањето и зајакнувањето на агликанската расколна вера), издадено 1585год. бил првиот кој напишал дека Ана имала шест прсти на нејзината рака. Во тоа време, такви физички деформации се сметале за знак на зло. Поради тоа, би било тешко Хенри да ја забележи. Современиците ја опишувале Ана, како жена надарена за музика и со голема желба за наука. Исто така, била многу тврдоглава и горда, и многу често се осмелувала да се кара со Хенри. Врз основа на едни испитувања од 1876год. кај неа не биле пронајдени никакви абнормалности: нејзиното тело било опишано како кревко, околу 5’3”, со убаво оформени прсти. Со сигурност, Елизабет I го наследила телото на мајка си, нејзнината висина, лице и раце. Современи портрети од Ана Болејн не се зачувани: едниствениот зачуван портрет е од 1534год. насликан на медал за да се обележи нејзината втора бременост. Сепак, тој медал е многу оштетен. По крунисувањето на нејзината ќерка, Ана беше прогласена за маченик и хероина на Англиската Реформација, особено преку делата на Џон Фокс, според кој, Ана ја спасила Англија од лошиот римски католицизам, а Бог донел доказ за нејзината невиност со тоа што ѝ дозволи на нејзината ќерка, Елизабет I, да стане кралица. Низ вековите, Ана била инспирација и била често споменувана во уметничките и културните дела. Поради тоа, таа била запаметена како ,,највлијателната и најважната кралица која Англија некогаш ја имала”.


Митови и легенди за Ана Болејн

Низ вековите имало многубројни митови и легенди за Ана Болејн. Еден од тие митови е дека тајно била закопана во црква Сал во Норфолк под една црна плоча, во близина на гробовите на нејзините предци. Се вели дека, на патот до Норфолк нејзиното тело кратко време било и во црквата Есекс. Друг мит вели дека нејзиниот чичко, Филип Паркер, го закопал нејзиното срце во црквата Арвартон, Шуфолк. Наводно, духот на Ана бил забележан во замокот Хевер, Бликлинг Хол, црквата Сал, Кулата на Лондон и холот Марвел. Нејзиното најпознато појавување било прикажано во паранормалните истражувања на Ханс Холзер во книгата Духови кои сум ги сретнал. Во 1864год. генералот Џ. Д. Дундас, член на кралската гарда, бил сместен во Кулата на Лондон. Додека гледал низ прозорецот од својата одаја, забележал еден стражар кој се наоѓал во истата соба во која Ана била заробена и се однесувал чудно. Изгледал како да предизвикува нешто, што според генералот, изгледало како избледена женска фигура која се движела накај стражарот. Тогаш стражарот се онесвестил. Единсвено, сведочењето на генералот и неговата подршка во воениот суд го спасило од затвор под обвинение дека се онесвестил за време на извршувањето на својата должност.