Благуњо дејче, пожаранче: Разлика помеѓу преработките

Избришана содржина Додадена содржина
Создадена страница со: == Синопсис == Песната '''Благуњо дејче, пожаранче''' била испеана некаде во првите год...
(нема разлика)

Преработка од 08:30, 1 јуни 2020

Синопсис

Песната Благуњо дејче, пожаранче била испеана некаде во првите години на дваесеттиот век и зборува за неостварена љубов на младиот Аце абаџијата кон познатата убавица Благуња Ѓолова, наречена Пожаранка, бидејќи родум била од гостиварското село Пожаране.

Приказна

Благуња била родена на 11 април 1889 година во село Пожаране и била трето дете на Никола Ѓолов, поранешен печалбар во Влашко.[1] Таа имала двајца браќа, Захарија и Александар. И двајцата биле многу надарени и паметни деца, па татко им ги пратил на школување. Захарија учел во Москва, а Александар во гимназија во Цариград, а од таму заминал во Париз на Сорбона, каде студирал право. По завршувањето на студиите, од Кралството Србија бил упатен на дипломатска работа Франција, Швајцарија, Австрија и Турција.

Кога Благуња пораснала и станала стројна мома, почнале во селото по неа да се загледуваат момците, но и Турците кои доаѓале во селото, а тоа многу го загрижувало татко ѝ Никола. На совет на синот Александар, кој тогаш бил дипломат во Франција, татко ѝ Никола,во првите години од 20. век, продал сѐ што имал во Пожаране и купил куќа во Тетово во Горна Чаршија. Кога Благуња дошла во Тетово, набрзо низ градот се раширила веста дека од некое село гостијарско дошло некое дејче многу убоо. Благуња брзо ги прифатила градските манири, почнала да се дружи со Трпана Јаковчева и Епса Димушева, исто така познати тетовски убавици од тоа време, за кои ќе бидат испеани најубавите тетовски народни песни.

На десната страна од реката Пена во еден абаџиски дуќан работел калфата Аце, висок, строен, со преубаво лице, во кој многу се загледувале тетовските моми. Прикажувањето на чираците дека во градот дошло некое многу убаво девојче од Пожаране, предизвикало љубопитност и желба кај Аце да ја види Благуња. Една недела во црквата „Св. Богородица“, додека траела службата, дошла и Благуња. Кога ја видел Аце се штрекнал, била многу, многу поубава отколку што си ја замислувал. Не можел очи да оттргне од неа. Ја гледал Аце Благуња потоа уште многу пати додека поминувале преку мостот во близина на дуќанот. Тогаш тој ја оставал работата, излегувал пред дуќанот, само неа да ја гледа. Почнал преку комшиските деца да ѝ праќа шеќерчиња, убави црвени тетовски јаболка, а неговиот копнеж по Благуња од ден во ден растел. Се решил и пратил стројници. Но, одговорот на таткои ѝ Никола бил негативен: Благуња уште не е за мажење. Ќе треба да се причека сѐ додека да ѝ се вратат браќата од странство. Всушност Никола, кој во тоа време важел за еден од побогатите луѓе, не сакал да ја даде својата миленичка за некој сиромав абаџија. По ова Аце целосно се променил. Станал молчалив, слабо јадел, едвај работел а умот постојано му бил во Благуња. Другарите ја виделе неговата болка, па набрзо по неуспешниот обида да ја сврши Благуња му испеале песна, со која го задевале, а навечер а ја пееле и под прозороецот на Благуња. И додека Аце копнеел по неа, Благуња ненадејно ја посвршиле за Димета Бошњак, кој во тоа време бил на печалба во Влашко. Свадбата била есента 1905 година. Набрзо по мажачката на Благуња, се оженил и Аце но, љубовта кон Благуња останала и секојдневно му ја грицкала душата. Умрел млад во најубавите години од животот. Благуња пожаранка Бошњаковска проживеала 67 години. Закопана е во семејна гробница на тетовските градски гробишта.[2] На надгробната плоча стои дека нејзиното има е Благуња, а не Благуна, како што погрешно се пее од некои исполнители.

Песната „Благуњо дејче пожаранче“ со својата убавина и популарност ги надмина границите на Македонија. Таа е на репертоарот на повеќе пеачи на народни песни од Македонија, Србија и од другите балкански простори[3].

Текст

Благуњо дејче, мори пожаранче, ајде, отвори ми џамли пенџер сакам да те видим ја. (2 пати)

Еј, ѓиди, Аце море абаџија, ајде, што д`отворим џамли пенџер когај не те сакам ја. (2 пати)

Благуњо дејче, мори пожаранче, ајде, ја подај ми бело лице сакам да го љубим ја. (2 пати)

Еј, ѓиди, Аце море абаџија, ајде, што да давам бело лице когај не те сакам ја. (2 пати)


Наводи

  1. Кочоски, Владимир (2006). Песни и судбини. Тетово: Печатница Напредок. ISBN 9989-730-47-4.
  2. Гавровски, Дарко. „Роденден на најпознатата и најопеана тетовска убавица“. www.gavro.com.mk.
  3. Андонов, Зоран. „НЕОСТВАРЕНАТА ЉУБОВ НА АЦЕ АБАЏИЈАТА КОН УБАВАТА БЛАГУЊА ЈА СОЗДАЛА ПЕСНАТА „БЛАГУЊО ДЕЈЧЕ ПОЖАРАНЧЕ". www.sdk.mk.