Шеќерино, малој моме: Разлика помеѓу преработките

Избришана содржина Додадена содржина
Создадена страница со: == Синопсис == Песната '''Шеќерино, малој моме''' е тетовска староградска песна, која ра...
(нема разлика)

Преработка од 12:26, 29 мај 2020

Синопсис

Песната Шеќерино, малој моме е тетовска староградска песна, која раскажува за љубовта на Иљо Мачурче и аџи Зора.

Приказна

Иљо Герасимовски – Мачурче беше син на познатиот трговец Ѓерасим и жена му Таса.[1] По неуспехот да ја освои девојката Султана, Иљо се заинтересира за ќерката на аџијата и чорбаџијата Глигур од Горна чаршија во Тетово, аџи Зора. Кога одеше на бања, во црква или на прошетка, секогаш беше со крената глава, а со нозете како да не газеше на земја. Момчињата ја загледуваа и ѝ се восхитуваа, ја посакуваа, а таа како да беше високо и далеку од нив, како да беше недофатна.

Меѓутоа, имаше и такви чиј копнеж по неа беше голем и се осмелуваа да пратат стројници. Стројниците доаѓаа и си одеа. Глигур ги пречекуваше и ги испраќаше. Така се случи и со стројниците што ги испрати Стеван, да ја побараат за неговиот син Миле. Ќерката аџи Зора не беше за секого. Тој бараше семејство по имот барем рамно на неговото. Еден од тие на коишто аџи Зора им запна за око беше и Иљо Мачурче. Султана беше веќе заборавена и сега Иљо секој ден очекуваше аџи Зора со другарките да помине покрај неговиот дуќан. Почна да ѝ праќа поздрави. Ако поминеше еден ден да не ја види, беше загрижен и уплашен, да не ѝ се случило нешто, да не е болна или, не дај Боже, некој да ја испросил. Не помина многу време и Иљо побара од татко му Ѓерасим да прати стројници. Следната недела Ѓерасим испрати стројници и одговорот на Глигур беше потврден.

Веста дека Ѓерасим ја испросил ќерката на Глигур за Иљо Мачурче, брзо проструи низ Тетово. Миле Стеванов беше очаен. Додека Мачурчеви се веселеа, него место не го фаќаше. Мислеше што да стори за да ги попишмани Мачурчеви, да се откажат од аџи Зора. Реши да се обиде преку песна што ќе се пее по кафеаните и сокаците, по серенадите, да испрати порака до Иљота дека аџи Зора не го сака, дека севдата ѝ поминала и лицето ѝ огрубело. Се зборува дека Миле нарачал некој од музичарите да измисли песна, не помислувајќи дека ќе биде испеана една од најубавите македонски елегии, љубовна песна со антологиска вредност. Тоа е Шеќерино, малој моме.

Песната со своите мелоритмички особености ги одушеви тетовци, се пееше на Два бреста, Певчина, Поток, Горно маало, во кафеаните. Но, ефектот за кој беше измислена не го даде. Свадбата на Иљо Мачурче, син на Ѓерасим и Таса и аџи Зора, ќерка на Глигур и Султана, се случи есента 1896 или 1897 година. Иљо беше роден 1870 година, а аџи Зора беше десет години помлада од него. Во бракот им се родија децата: Славе, Павлина, Пандора, Даница, Ката, Спиро, Цена, Кирил и Герасим.

Песната Шеќерино, малој моме се наоѓа на албумот Тетовски староградски бисери на тетовската група Серенада, издаден 1986 год. од тогашен Југотон, сега Кроација – Рекордс.


Текст

Шеќерино малој моме, шеќеројна ти миришиш, шеќеројна ти миришиш, шеќер носиш у пазува.

Шеќер носиш у пазува, а у рука ќитка цвеќе, а у рука ќитка цвеќе, да се ќити аџи Зора.

Да се кити аџи Зора, да премами све беќари, да премами све беќари, а највише млад Иљота.

А највише млад Иљота, млад Иљота, Мачурчета. Шеќерино мори, малој моме, која вечер ја да дојдем?

Сакаш дојди, сакаш нејди, севдата ѝ поминала, сакаш дојди, сакаш нејди, лицето ѝ огрубело.

Наводи

  1. Кочоски, Владимир (2006). Песни и судбини. Тетово: Печатница Напредок. ISBN 9989-730-47-4.