Алексиј III Ангел: Разлика помеѓу преработките

[проверена преработка][проверена преработка]
Избришана содржина Додадена содржина
Ред 45:
Во времето на Калојан ([[1197]]г.-[[1207]]г.) новото Бугарско царство го доживеало својот бурен подем. Тоа станало еден од најважните чинители на [[Балкан]]от и во повеќе ситуации пресудно влијаело врз развојот на целото околно подрачје. На своето царство, кое се афирмирало во борбата против Византија, Калојан му обезбедил правно признавање од [[Папска држава|Рим]]. Асеновото крунисување, коешто го извршил бугарскиот архиепископ во Трново, не давало доволна правна основа. Вистинско крунисување имале само два светски центра, Рим и [[Цариградска патријаршија|Цариград]], и полноважна била само круната испратена од [[Рим]] или [[Цариград]]. Не е чудно што Калојан му се обратил на Рим, а не на ослабената и непријателска Византија. Така, пред паѓањето на Цариград, не само [[Велико кнежевство Србија|Србија]], туку и Бугарија потпаднала под влијанието на Рим. По долги преговори Калојан ја признал [[папа|папината]] надмоќ. Главниот чин бил извршен дури по [[Опсада на Цариград (1204)|византискиот слом]]. На [[7 ноември]] [[1204]]г. легатот на папата [[Папа Инокентиј III|Инокентиј III]] го поставил бугарскиот архиепископ Василиј за примас на Бугарија, а утредента го крунисал Калојан со кралска круна.<ref>Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 494.</ref>
 
===Ситуацијата со Светото римско царство и папата===
[[Источно римско царство|Византија]] трпела се поголеми неуспеси на [[Балкан]]от затоа што била изложена на се посилен притисок од Запад. Најтешки грижи и задавале со години освојувачките стрежеми на [[Свето римско царство|германскиот]] цар [[Хенрик VI (Свето римско царство)|Хенрик VI]]. Оженет со [[Кралство Сицилија|сицилијанската]] престолонаследничка Констанца, Хенрик VI по смртта на [[Фридрих I Барбароса|Барбароса]] го наследил и него и норманскиот крал [[Вилхелм II Сицилијански|Вилхелм II]] (умрел во [[1189]]г.). Отпорот на [[Сицилија]] којшто се концентрирал околу Вилхелмовиот внук [[Танкред Сицилијански|Танкред]], со поддршка на [[Папска држава|римската]] курија и на Византија, се распаднал по смртта на Танкред и на [[Бадник|Рождество Христово]] (Коледа) [[1194]]г. Хенрик ја примил во [[Палермо]] сицилијанската кралска круна. Спојувањето на Сицилија со германското царство им дало силен потстрек на Хенриковите стремежи за светско владеење, а Византија, неговата главна цел, ја ставило пред најголемата опасност. Како наследник на Вилхелм II, Хенрик барал Византија да му ја отстапи целата област од [[Драч]] до [[Солун]], којашто [[Нормани]]те ја освоиле и потоа повторно ја загубиле во [[1185]]г., да му плати голем данок и да учествува со својата флота во престојната крстоносна војна.<ref>Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 494-495.</ref>
 
Со промената на византискиот престол во [[1195]]г. ситуацијата уште повеќе се заострила. Оженувајќи го својот брат [[Филиш Швапски|Филип]] со ќерката на [[Исак II Ангел|Исак II]], Ирина, Хенрик VI ги истакнал династичките претензии на цариградскиот престол и истапил против узурпаторот Алексиј III како Исаков одмаздник и покровител на семејството на неправично симнатиот и ослепен цар. Заплашената византиска влада правела најголеми напори да го задоволи германскиот цар и се обврзала на огромен годишен данок од шеснаесет центенарии [[Златник|злато]]. Во сите провинции на Византиското царство бил вовен особениот "аламански данок". Меѓутоа, и покрај крајните напрегања на и без тоа преоптоварената земја, договорената сума не можела да биде собрана. Византиската влада се решила да го собере и накитот од царските гробови во црквата на [[Црква Свети Апостоли (Константинопол)|св. Апостоли]] само за да му одоброволи на својот надмоќен противник. Всушност, единствено на интервенцијата на [[папа]]та, требало Византија да и заблагодари што Хенрик VI воопшто се впуштал во преговори и што засега се задоволувал со уценување и понижување на својот немоќен непријател, зошто папата инсистирал германскиот цар, наместо освојувачка војна против Византија, да преземе крстоносен поход против [[Муслимани|неверниците]] во [[Света земја|Светата земја]]. Остварувањето на германските стремежи за светско владеење, коешто на Византија и се заканувало со уништување, неминовно би ја довело римската црква во подредена положба спрема германскиот цар, и затоа папата се заземал за шизматичкото Византиско царство. Се работело, сепак, само за одлагање. Византија била од сите страни приклештена: [[Кралство Кипар|кипарскиот]] [[Амалрих Кипарски|Амалрих]] и [[Ерменско кралство на Киликија|малоерменскиот]] крал [[Лав I (ерменски крал)|Лав]] го признале германскиот цар за свој суверен. Но пред да дојде до кобниот удар, Хенрик VI, во [[септември]] [[1197]]г., ненајдено умрел.<ref>Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 495-496.</ref>
 
Ослободувањето од аламанскиот данок во Византија предизвикало бура од радост, а кутриот цар Алексиј, кој до неодамна на германскиот цар му плаќал данок симнувајќи го накитот од гробовите на своите претходници, сметал дека дошол мигот од своја страна да ги истакне претензиите за светско владеење и по примерот на великите [[Комнини]] да му помуди на папата сојуз меѓу единствената христијанска црква и единственото христијанско царство. Меѓутоа, нападот на Запад над ослабената Византија со смртта на Хенрик бил само одложен. Смртоносниот удар дошол од друга страна и тоа веќе по неколку години.<ref>Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 496.</ref>
 
Западната империја се распаднала непосредно по Хенриковата смрт. [[Кралство Италија (Среден Век)|Италија]] се ослободила германската власт, а во [[Кралство Германија|Германија]] дошло до борби меѓу Хенриковиот брат Филип Швапски и [[Отон IV (Свето римско царство)|Отон Брауншвајски]]. Превласта на германскиот цар ја заменила превласта на големиот папа [[Папа Инокентиј III|Инокентиј III]] и со самото тоа во прв план избила идејата за нова [[Крстоносни војни|крстоносна војна]]. На папата не му било важно Византија да биде освоена со оружена сила, туку таа да му се потчини на Рим по пат на унија и заедно со западните христијани да учествува во крстоносната војна.<ref>Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 496-497.</ref>
 
== Наводи ==