Врани: Разлика помеѓу преработките

Избришана содржина Додадена содржина
нова страница
(нема разлика)

Преработка од 16:07, 4 декември 2013

Врани
Гавран
Corvus corax
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Подред: Врапчеви
Семејство: Врани
Vigors, 1825
Родови

види во текстот

Распространетост на враните

Враните (науч. Corvidae) се фамилија птици, најголеми претставници од редот на врапчевидните, кои живеат низ целиот свет. Има 23 рода [1][2] и над 120 вида, од кои родот на гавраните (Corvus) вклучува повеќе од една третина од вкупниот број.

Опис

Враните се големи до многу големи врапчеви птици, со силна градба, силни нозе, а кај сите видови (со исклучок на еден) носниците се покриени со влакненца. Во умерените подрачја враните се најчесто црни, сивкави или сини, некои се црно-бели, некои имаат синовиолетов сјај, додека тропските видови имаат поизразени бои. Половите се многу слични по боја и големина. Во оваа фамилија спаѓаат најголемите птици од редот на врапчевидните. Најмалата врана е Aphelocoma nana, која е ендемска во Мексико, со тежина од 40 грама и должина од 21.5 см; а најголема врана е гавранот, тежок 1.400 грама и долг 65 см.

Враните се најинтелигентната фамилија птици[3][4] кои покажуваат дека имаат свест за себе, со помош на тестот со огледало (страчката) и способност да си направат алат (гавраните), способност која до сега им се припишуваше само на луѓето и некои поинтелигентни цицачи.

Природната исхрана на враните се состои од без’рбетници, пилиња, јајца, мали цицачи, бобинки, овошје, семиња и мрши. Но, многу видови одлично се прилагодени на животот во градовите и исхрана која вклучува леб, шпагети и секакви остатоци од храна.

Размножување

Партнерските врски кај враните се многу цврсти, па дури и доживотни кај некои видови. Мажјакот и женката гломазното гнездо заедно го градат повисоко на дрвјата или на друго погодно место. Тоа се состои од гранчиња, прекриени со тревки и кори од дрво. Мажјакот ја храни женката за време на инкубацијата. Женките несат 3-10 јајца, најчесто 4-7 кои се обично зеленкави со кафеави точки. Кога ќе се испилат, младенчињата остануваат во гнездото 6-10 недели, зависно од видот.

Распространетост

Враните се распространети речиси низ целиот свет, со исклучок на крајниот југ на Јужна Америка и поларните подрачја[5]. Повеќето видови живеат во тропските делови на Јужна и Средна Америка, јужна Азија и Евроазија, додека во Африка, Австралија и Северна Америка живеат по помалку од десетина вида. Родот на гавраните, со пет вида и еден подвид е повторно населен во Австралија релативно неодамна.

Систематизација

Родови со број видови

  • Platylophus - 1 вид
  • Platysmurus - 1 вид
  • Gymnorhinus - 1 вид
  • Cyanocitta - 2 вида
  • Aphelocoma - 5 вида
  • Cyanolyca - 9 вида
  • Cyanocorax - 17 вида
  • Calocitta - 2 вида
  • Garrulus - 3 вида
  • Perisoreus - 3 вида
  • Urocissa - 5 вида
  • Cissa - 3 вида
  • Cyanopica - 1 вид
  • Dendrocitta - 6 вида
  • Crypsirina - 2 вида
  • Temnurus - 1 вид
  • Pica - 3 вида
  • Zavattariornis - 1 вид
  • Podoces - 4 вида
  • Nucifraga - 2 вида
  • Pyrrhocorax - 2 вид
  • Ptilostomus - 1 вида
  • Corvus - 42 вида

Наводи

Надворешни врски