Куќа на Робевци: Разлика помеѓу преработките

[проверена преработка][проверена преработка]
Избришана содржина Додадена содржина
Одбиена последната промена во текстот (од 89.205.38.193) и вратена ревизијата 3110463 на Bjankuloski06
с Откажано уредувањето 2903086 на уредникот 217.16.91.177 (разговор)
Ред 11:
Куќата е заштитен споменик на културата и ја сочинуваат три ката, плус најгорниот кат т.н. "ширван". Во долниот дел се наоѓаат изложени епиграфски споменици од Охрид и околината, како и вредните експонати: "Миљоказ" (пронајден на патот [[Виа Игнација]]), двете торза на божицата [[Изида]] и др. Археолошките експонати датирани од праисторијата до средновековниот период се изложени и на вториот и третиот кат.
 
Во ширванот од куќата, која плени со својата надворешност, но и внатрешност, се презентирани примероци на предмети изработени во "охридска резба", дела на познати мајстори од градот и околината. Во источниот дел од катот може да се види и етнолошката поставка на предмети од покуќнината на семејството Робевци (ковчези, родослов, зачувана фреска од [[Дичо Зограф]] од 1862 година, лекарската торба на Константин Робев и др.).
РОБЕВЦИ НЕПРИЗНАТОТО МАКЕДОНСКО КНЕЖЕВСКО СЕМЕЈСТВО
 
Познатата охридска фамилија имала трговски претставништва во најголемите европски центри
 
Пишува: Виктор Цветаноски
 
Охридското семејство Робевци во времето на Османлиското царство имало свои трговски претставништва во Виена, Москва, Одеса, Трст, Лајпциг, Атина, Белград, Софија и во други европски центри. За да тргува по светот султаните му издавале привилегирани берати со кои им гарантирале заштита, но истовремено од нив барале чесен однос кон рајата. За нивната финансиска моќ се говорело на далеку, а некои ги сметале за македонско кнежевско семејство. Членовите на ова голема фамилија не биле само успешни трговци, туку и познати интелектуалци, политичари и дејци кои се вклучиле во македонската преродба. Најистакнати меѓу нив биле д-р Константин Робев, кој докторирал медицина во Виена и Димитар А. Робев пратеник во првиот парламент на Османлиското царство.
 
Д-р Александар Трајановски вели дека трговските филијали на Робевци во светот во извесна смисла биле вистински дипломатски македонски претставништва. Вработените во нив кога им пишувале на Робевци да ги информираат за бизнисот им се обраќале како на кнезови. Покрај тоа, мнгумина Македонци и други граѓани од Македонија ако во странство имале некој проблем, ако лекувале некој свој човек и им недостигале пари или пак ако им требала помош да завршат друга работа, се обраќале во претставништвата на Робовци кои секогаш им излегувале во пресрет.
 
„Семејството Робевци (или Робе, а во грчка форма Ромби) е едно од ретките македонски семејства за кои се наоѓаат податоци уште од 17 век, а кое во 19 век достигнува особено висок степен на економска моќ меѓу сите останати граѓански семејства во Македонија, па и на пошироката територија на Балканскиот Полуостров. Тоа дава неколку еминентни интелектуалци и на извесен начин ја одразува во 19 век и нашата преродбенска борба за своја национална црква, употреба на свој јазик и свои училишта, па дури и создавање на автономна македонска држава. Имињата на некои претставници од ова семејство не можат да се одбегнат кога се проучува и активноста на Браќата Миладиновци, на Григор Прличев, на Димитар Македонски, Партение Зоографски, Натаил Охридски, Кузман Шапкарев, Јанаки Стрезов и други.“, подвлекува Љубомир Герасимов, кој пред повеќе од триесеттина години пишуваше за големата оставнина на ова познато македонско семејство.
 
Од лозата на Робевци најдалеку во минатото се знае за Стефан Робев кој бил епитроп во една црква во која е запишано неговото име уште во 1664 година. Во охридската црква „Свети Климент„ во 1725 година е забележано името на Ангеле Робев кој бил псалта (певец) во неа. Трговската фирма ја основал Стефан Робев чија дејност особено ја развиле двајцата синови Ангеле и Анастас – Тасе по неговата смрт во 1814 година. Според Кузман Шапкарев, тогаш браќата Робевци помагале многу акции во Охрид, а со нивна помош било изградено училиштето во дворот на црквата „Свети Климент“, за кое плановите ги изработил синот на Ангеле, лекарот Константин Робев.
 
Ширејќи ја трговијата Робевци првото претставништво го отвориле во Битола. Додека Анастас - Тасе останал да ги води работите во централата во Охрид, Ангеле во 1852 годна заминал со семејството во Битола да се грижи за тамошното претставништво. Таму починал и таму е погребан. Така едната половина од Робевци и натаму останала во Охрд, а другата се иселила во Битола.
 
Трговијата што во тоа време ја развиле двајцата браќа во Османската империја и надвор од неа им овозможила синовите и внуците да ги школуваат и некои од нив да испраќаат во реномирани европски универзитети. Ангеле имал петмина синови и две ќерки. Од петте синови се оженил само еден, Константин, кој всушност е еден од најпознатите членови на семејството. Заедно со македонскиот преродбеник, Димитар Миладинов, завршил гимназија во Јанина. Од гимназиските денови потекнува и нивното големо пријателство. По завршување на гимназијата се запишал на Медицинскиот факултет на новоотворениот универзитет во Атина, а од таму заминал во Виена каде докторирал медицина.
 
„Зачуваните писма од Димитар Миладинов до него, откриваат повеќе ангажирања на Константин Робев како во поглед на помагање млади Македончиња да заминат за оформување на своето образование во Русија, така и во поглед на отстранување на омразениот Грк – владиката од Охрид, Мелетија, и неговото заменување со владика од словенско потекло.“, пишува Герасимов, претставувајќи ја огромната библиотка на книги и списанија што своевремено ги собирал познатиот лекар.
 
За д-р Константин Робев пишува и Шапкарев кој вели дека барал од највисоките црковни власти во Цариград да биде отстранет од Охрид митрополитот Јосиф поради неморално држење. Кога видел дека тоа негово барање е без ефект се обратил до Великиот везир на Османлиското царство и со големиот авторитет што го имал кај Турците се изборил да биде сменет неморалниот митрополит. Д-р Константин Робев се ангажирал и за ослободување од Цариградскиот затвор на својот пријател Димитар Миладинов и на неговиот брат Константин, но очигледно не успеал да ги спаси познатите стружани.
 
Животите на останатите четворица синови на Ангеле ќе згаснат прерано. Тие нема да остават зад себе потомци и нема да станат така познати како и нивниот брат. Најстариот Стефан, кој исто така завршил гимназија во Јанина, починал на само 26 години. Иван – Јонче бил многу млад кога го убиле во близина на манастирот „Свети Размо“, додека се враќал од пазар во Струга. Наум завршил гимназија во Атина и заминал на студии во Виена. Починал на 31 годишна возраст. Слична судбина ќе доживее и најмладиот Ефтим кој умрел на 27 години. Завршил медицина во Виена со високи оценки и на факултетот работел волонтерски како асистент.
 
Анастас – Тасе имал четворица синови – Јоаким, Димитар, Никола и Стефан. Од сите нив најпознат е Димитар, кој ќе остане запаметен по неговото ангажирње во преродбенската борба против патријаршијата во Битола, посебно во ширењето на просветата и културата. Бил претседател на Црковно-школската општина во овој град и помагал во отворањето на читалишта. Бил пратеник во првиот парламент на Османската империја во 1876 година и поборник за создавање на независна македонска држава. Во 1878 година, по завршувањето на Руско-турската војна, заминал во Белград да бара поддршка од Србите за решавање на македонското прашања за тоа да не биде и натаму јаболко на раздорот на Балканот, како што објаснувал.
 
Д-р Александар Трајановски вели дека тогаш се сретнал со српскиот митрополит Михајло и со претседателот на владата Јован Ристиќ. На средбата инсистирал да помогнат да се создаде посебна автономна македонска држава. Македонскиот историчар подвлекува дека од тие разговори е позната неговата изјава дека Македонците не се ни Бугари, ни Срби, ни Грци. Меѓутоа, српската власт немала разбирање за неговите барања, бидејќи Македонија веќе ја имала вклучено во нејзините големосрпски планови. Не само што му откажала поддршка, туку и го обвинила дека сака да создаде самостојно македонско кнежевство на кое тој претендира да стане кнез. Така за македонското прашање воопшто не се разговарало на Берлинскиот конгрес кога големите сили ги прекројувале границите на Балканот.
 
Од ова познато македонско семејство е и Владимир Робев за чија дејност се дозна пред неколку години, откако во Париз беше пронајден весникот „Македонско движење“ кој излегувал во 1902-1903 година. Него го уредувал Симеон Радев, кој подоцна ќе стане прв дпломат на Бугарија. Секретар на редакцијата бил Владимир Робев, кој текстовите ги потпишувал со псевдоним. Владимир и Радев заедно го завршиле лицејот „Галата Сарај“ во Истамбул, а потоа заминале да студираат правни науки во Женева. Двајцата емигрирале во Париз и со пари што ги обезбедил Борис Сарафов од некој Европеец, симпатизер на македонската револуционерна организација, почнале да го издаваат весникот за да ја запознаат француската и останатата европска јавност со нерешеното македонско прашање и со тешкиот живот во Македонија.
 
Никола Целакоски од Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, кој од неодамна започна да го истражува минатото на Робевци вели дека во Народната библиотека во Софија постои голем фонд за дејноста на познатото македонско семејство. Според негова проценка фондот „Браќата Робевци и синови“, има околу 100.000 документи. „Тој е мошне обемен и за да се истражи целосно бара повеќегодишно ангажирање. Исто така се потребни и големи средства да се ископираат сите тие документи. До сега имам ископирано само околлу 600 страници што е речиси ништо во споредба со она што го содржат големиот број папки. Станува збор за документи од 19 век до Втората светска војна“, нагласува Целакоски.
 
Како што пишува Герасимов, архива што сега се наоѓа во Софиската библиотека била пренесена од Битола во јули 1942 година. Тогашната бугарска власт го испратила Константин Мутафов да „ги разгледа и прибере архивите на браќата Робевци“. Тоа ќе го регистрира и весникот „Зора„ кој ќе напише дека Мутафов во подрумот на куќата на Робевци открил вредни писма и документи.
 
Документи за Робевци има и во Архивот на Македонија, а во МАНУ се чуваат 579 наслови на книги, списанија и други изданија кои двајца членови од ова семејство им ги отстапија на македонските институции по војната . Покрај медицински книги, во бибиотеката на Робевци има и многу енциклопедии и историски книги. „Бројни се книгите со делата на старите грчки и римски писатели, истовремено и изданија со преводи на дела на Шекспир на германски јазик, Дантеовата ’Божествена комедија’, ’Ослободениот Ерусалим’ на Т. Тасо, избрани дела на Шилер и др.“, пишува Герасимов.
 
Дел од богатата архива на Робевци, најстарите и можеби највредните документи, најверојантно изгореле во пожарот што ја зафатил нивната куќа во 1861 година во Охрид. Некои ретки книги и стари ракописи Иван Робев, синот на Константин, ги предал на членови на Рускиот археолошки институт во Цариград. Герасимов вели дека не се знае точно што се е однесено и уништено од богатата библиотека на Робевци, но сигурно се знае дека во неа ги нема двата архиепископски кодекса на Првата Јустинијана кои во 1858 година ги имал д-р К. Робев, а за што пишувал и Димитар Миладинов.
 
Инаку, сегашната атрактивна куќа на Робевци во Охрид што често ја гледаме на туристичките проспекти и разгледници е изградена во 1863 година врз темелите на старата. Семејството Робевци и во времето на српската окупација на Македонија и во Титова Југославија, било на удар на тогашните власти, па многумина негови членови се ислиле во Бугарија, посебно по Првата светска војна. Нивни потомци денес живеат во Скопје, Белград, Софија... Лекарската традиција што ја започнал д-р Константин Робив ја продолжиле негови правнуци и станале лекари.
 
Робевци привилигирани трговци на султанот
 
Султанот Абдулмеџит по повод неговото седнување на османлискиот престол на Ангеле Робев во 1839 година му издал берат кој му овозможувал многу привилегии да тргува со Европа и Персија. Всушност, со неговото издавање се обновувал стариот, кој пред тоа им бил издаден на Робевци од султанот Махмуд Втори во 1808 година. Со бератото Ангеле Робев како трговец бил ставен под целосна заштита на султанот и во државите каде што тргувал ги уживал истите привилегии што ги уживале странските трговци во Османлиското царство. "...На носителот на возвишениот и славен царски знак Ангеле, син на Стефан Робе, поданик на мојата возвишена држава и жител на градот Охрид, кој веќе се занимавал со трговија со Европа, му го издадов овој мој царски знак да го преземе и чува, и наредив: бидејќи гореспоменатиот, како и порано , е дефтерлија трговец, ако тој или неговите помошници и службеници имаат намера заради трговија да одат во некое место, во согласност со Уредбата, да поднесе барање заверено со печат од гореспоменатите претставници и, како што се дава на странските терџумани и нивните помошници, нека им се издаде и ним патна исправа во која ќе се внесат трговските одредби. Како што не им се мешаат во начинот на исхраната, пиење и облекување на странските турџумани, на нивните деца и жени, исто така, воопшто да не се мешаат во начинот на исхрана, пиење и облекување и на овие и на нивните жени и деца", стои во бератот на Ангеле Робев.
 
Султанот посебна сметка водел за угледот на трговците кои имале берати. Нив не смеела да ги апси и малтретира обичната полицијата и ако требало некој да биде бидат уапсени, за тоа морало да биде информирано Министерството за трговија. Споровите што привилегираните трговци ги имале со странци ги решавала Високата Порта. Ако во селата не можеле да најдат достоен старешина, трговците со берати требало да ја вршат и таа работа. "Но трговците кои поседуваат мои свети берати и наредби, нека го почитуваат достоинството на рајата од мојата возвишена држава. Во секој случај да се однесуваат чесно и достоинствено, да не постапуваат спротивно од она што е вообичаено за рајата и нека покажат благодарност за подарената помош и грижа", стои во бератот на Ангеле Ровев што неодамна го објави д-р Драги Ѓоргиев.
 
Многумина велешани говореле германски
 
Робевци биле најбогатото македонско семејство, но Велес бил град со најразвиена трговија и со најмногу трговци. Својот процут го достигнал при крајот на 19 век. Неговата извонреда местоположба, сместен на патот меѓу Солун и Белград, му овозможувала да стане трговски центар на Македонија и пошироко. "Многумина велешани говореле германски зашто најмногу тргувале со Австро-Унгарија и Германија. Тоа траело се до 1875 година кога била иградена железницата и кога европскиот дел на Османлиската империја се преполнил со европска стока, која била многу поевтина зашто се произведувала сериски. Тогаш згаснало речиси целокупното македонско манифактурно производство", вели д-р Александар Трајановски.
 
Најбогато велешко семејство биле Дрндаровци кои како и Робевци своите деца ги испраќале да се школуваат во Европа. Еден член од ова семејство одбранил докторска дисертација во Германија. Александар Дрндаров студирал во Москва каде завршил Медицински факултет и извесно време биле лекар во Русија, а потоа се вратил во Македонија.
 
== Историја на куќата ==