Историја на генетиката: Разлика помеѓу преработките

Избришана содржина Додадена содржина
нова - префрлен текстот од статијата генетика
(нема разлика)

Преработка од 18:26, 10 февруари 2012

Предмет на проучување на генетиката (од грчки genno, γεννώ = раѓа) се општите закономерности на наследувањето и менливоста на особините кај живите организми. Зборот генетика за прв пат се применува од страна на англискиот научник Вилијам Бејтсон во писмо до Адам Седвик од 18 април, 1905.

Наследност, односно наследување, е процес на предавање на својствата (генетската информација) во индивидуалниот развиток од родители на потомство, односно од генерација на генерација. На тој начин животните и растенијата од различни видови можат да ги задржат специфичните особини својствени за дадениот вид.

Етапи во развојот на генетиката

Прашањата што се сврзани со наследноста и менливоста кај човекот предизвикувале одредено внимание уште во најстарите времиња. Предложени се многу хипотези кои овие процеси во живата природа ги толкуваат и објаснуваат на различни начини.

Грегор Мендел (1822-1884) е зачетник на класичната генетика, а ги проучувал механизмите на пренесување на наследните фактори од родителите на потомството. Благодарение на неговите експерименти со грашок (кои се одвивале за време од 8 години) се создадени првите претстави за основните принципи во наследувањето на одделни својства (особености) на живите организми.

Мендел докажал дека развитокот на секоја особина или својство е под контрола на наследните фактори, т.е. специфични партикули кои не го губат својот интегритет, кои можат меѓусебно слободно да се комбинираат и неизменети да се пренесат од родителите на потомството.

Меѓутоа, значењето на менделовите експерименти не биле сфатени за време на неговиот живот. Во 70-тите и 80-тите години на XIX век има голем број важни откритија кои овозможиле подобро разбирање на менделовата теорија за наследувањето. Повеќе автори, проучувајќи ја делбата на клеточното јадро, го истакнуваат значењето на хромозомите во пренесувањето на на наследните фактори.

Менделовите "наследни фактори" Јохансен прв ги нарекол гени. Основачите на класичната генетика не успеале да ја детерминираат природата на гените, но многу важно е сознанието дека гените се материјални структури од чие присуство и активност зависи пренесувањето и изразувањето на наследните особини во многубројните генерации на живите организми.

Сите претходни познавања во врска со наследувањето му послужиле на познатиот научник Т. Морган да ја формулира хромозомската теорија на наследноста, според која гените се линеарно распоредени по должината на хромозомите.

Во наредниот период со биохемиските проучувања на нуклеинските киселини и протеините се разјаснува хемиската природа на гените. Се утврдило дека гените се составени од деоксирибонуклеинска киселина (ДНК) и дека преку молекулот на нуклеинската киселина се пренесува (наследува) генетската информација од родителот на потомството.

Тајната за пренесувањето на генетската информација, вклучувајќи ги и принципите на стабилноста, се расветлени во 1953 година кога научниците Ватсон и Крик успеале да го конструираат моделот за структурата на молекулот на ДНК. Предложениот модел дава реална основа за објаснување на молекуларниот механизам на репликација на молекулот на ДНК. Бидејќи е способен за саморепликација, молекулот на ДНК претставува материјален носител на наследна информација.

Ваквите сознанија овозможија со сигурност да се каже дека гените како одделни делови (нуклеотидни секвенци) во молекулот на ДНК со специфична големина претставуваат основни единици на наследноста и променливоста на организмите.