Корисник:Marina.mickovska/Имиграција: Разлика помеѓу преработките

Избришана содржина Додадена содржина
Создадена страница со: {{Во изработка}} '''Имиграција''' е воведување на нови луѓе во живеалиште или население. ...
(нема разлика)

Преработка од 00:36, 6 мај 2011

Имиграција е воведување на нови луѓе во живеалиште или население. Тoа е биолошки концепт и е важeн за популационата екологија, кoj се разликува од емиграција и миграција.

На терминот "имигрант" често се гледа потценувачки. Лицето кое се населува од посиромашна во побогата земја се нарекува имигрант, а пак лицата кои потекнуваат од побогата земја, а имаат постојано живеалиште во посиромашна земја самите се нарекуваат “доселеници” или претпочитаат да велат дека се повлекле, а не дека имигрирале во земја со подобри климатски услови и пониски трошоци за живот.

Статистика

Од денешните 200 милиони имигранти низ светот, речиси 70,6 милиони живеат во Европа, потоа следи Северна Америка со над 45,1 милион имигранти и Азија со околу 25,3 милиони. Азија стана главен извор на имиграција.

Обединетите нации утврдија дека во 2005 година низ светот имало речиси 191 милион меѓународни имигранти, што е околу 3 проценти од светското население. Овој пораст, во однос на 1990 година, изнесува 26 милиони. Денес, шеесет проценти од овие имигранти живеат во развиени земји, што исто така претставува пораст во однос на 1990 година. Бројот на имигранти во помалку развиените земји стагнираше, главно, поради намалувањето на бројот на бегалци. Погледнете ги тие податоци во споредба со просечната стапка на глобализација (процентот на прекуграничната трговија во сите гранки) која надминува 20 проценти. Во иднина се очекува да се зголеми бројот на луѓе кои живеат надвор од својата родна земја.

Со пописот на ОН во 2005 година е евидентирано дека Средниот Запад (САД), некои делови од Европа, мали области во југозападна Азија, како и неколку места во Источна Азија имаат највисок процент на население кое имигрирало. Меѓутоа, веродостојноста на пописите на имигранти е мала заради прикриениот карактер на непријавената миграција на работна сила. Меѓународната организација за миграција проценува дека денес бројот на странски мигранти низ светот изнесува над 200 милиони.

Неодамнешните истражувања на организацијата „Галуп“ покажуваат дека околу 700 милиони возрасни луѓе би сакале, доколку имаат можност, да мигрираат во друга земја. САД е најпосакуваната дестинација. Речиси една четвртина (24%) од овие испитаници, што претставува повеќе од 165 милиони возрасни луѓе низ светот, велат дека Америка е нивното најпосакувано идно место за живеење. Бидејќи се проценува дека дополнителни 45 милиони лица изјавиле дека сакаат да се преселат во Канада, Северна Америка е еден од двата најпосакувани региони.

Другите најпосакувани дестинации (оние во кои околу 25 милиони или повеќе возрасни луѓе би сакале да заминат) се главно земји во Европа. Четириесет и пет милиони возрасни луѓе би сакале да се преселат во Обединетото Кралство или во Франција како нивна најпосакувана дестинација, додека 35 милиони би сакале да мигрираат во Шпанија и 25 милиони би сакале да се преселат во Германија, 30 милиони во Саудиска Арабија и 25 милиони во Австралија.

Разбирање на имиграцијата

Општи теории за имиграцијата

Една теорија за имиграција прави разлика меѓу фактор на одбивање (Push) и фактор на привлекување (Pull). Факторите на одбивање главно се однесуваат на причината за емиграција од родната земја. Кај економската миграција (најчесто миграција на работната сила) се истакнуваат разликите во нивото на платите. Ако вредноста на платите во новата земја ја надминува вредноста на платите во родната земја, тој или таа ќе одлучи да мигрира сè додека трошоците не се премногу високи. Особено во 19 век, економската експанзија на САД го зголеми приливот на емигранти така што речиси 20% од населението беа странци за разлика од бројките денес кои покажуваат 10%, што претставува значителен процент од работната сила. Сиромашните луѓе од помалку развиените земји можат да имаат многу повисоки стандарди на живеење во развиените земји, отколку во земјата од која потекнуваат. Цената на емиграцијата, во која се вклучени експлицитните трошоци, цената на картата, имплицитните трошоци, изгубеното работно време и губењето на врските со заедницата, исто така играат голема улога во привлекувањето на емигрантите за да ја напуштат нивната родна земја. Со подобрувањето на транспортната технологија, помеѓу 18 век и почетокот на 20 век времето потребно за патување и трошоците драстично се намалија. Патувањето преку Атлантикот траело и до 5 недели во 18 век, а пак на почетокот на 20 век траело едвај 8 дена. Кога опортунитетниот трошок е понизок, стапките на имиграција се стремат да бидат повисоки. Бегањето од сиромаштијата (од лични причини или заради роднините што остануваат зад нив) е традиционален фактор на одбивање, а достапноста на работни места е поврзана со факторот на привлекување. Природните катастрофи можат да го зголемат приливот на миграција предизвикан од сиромаштија. Овој вид миграција може да биде нелегална имиграција во земјата дестинација (и емиграцијата е нелегална во некои земји, како што се Северна Кореја, Мјанмар и Куба).

Понекогаш емиграцијата и имиграцијата се задолжителни во договорот за вработување: религиозни мисионери и вработените во транснационалните корпорации, меѓународните невладини организации и дипломатска служба се очекува, по дефиниција, да работат во странство. Тие често се нарекуваат „експатриоти“, а нивните услови за вработување обично се еднакви или подобри отколку на оние кои аплицираат во земјата-домаќин (за слично работно место).

За некои мигранти, образованието е основен фактор на привлекување (иако повеќето меѓународни студенти не се класифицирани како имигранти). Миграцијата на пензионери од богати земји во земји со пониски трошоци и со подобри климатски услови е нов вид меѓународна миграција. Примерите ја вклучуваат миграцијата на пензионирани Британци во Шпанија и Италија и миграцијата на пензионирани Канаѓани во САД (главно во американските држави Флорида и Тексас).

Неекономските фактори на одбивање вклучуваат прогонување (религиозно и друго), честа злоупотреба, малтретирање, угнетување, етничко чистење, дури и геноцид, како и ризик за граѓаните за време на војна. Традиционално, политичките мотиви го поттикнуваат одливот на бегалци-на пример за да се избегне диктатура.

Некои мигрираат од лични причини, врз основа на некоја роднинска врска (на пример, да бидат со семејството или со партнерот), како во случај на повторно обединување на семејството или интернационален брак (особено во случај на полова нерамнотежа). Во некои случаи, лице може да сака да емигрира во друга земја во форма на пренесен патриотизам. Избегнување на правдата (на пример избегнување апсење), е лична мотивација. Овој вид на емиграција и имиграција обично не е легален, доколку кривичното дело е меѓународно признато, иако криминалците можат да ги прикријат нивните идентитети или да најдат друг начин за да избегнат да бидат откриени. Постојат случаи, на пример оние кои можеби се виновни за воени злосторства, да се прикриваат како жртви на војна или конфликт и потоа да бараат азил во друга земја.

Бариерите на имиграцијата не се среќаваат само во правна форма. Исто така моќни бариери се и природните и социјалните форми. Кога имигрантите ја напуштаат својата земја, го напуштаат и сето она што им е познато: нивното семејство, пријателите, поддршка од другите и културата. Исто така тие треба да го распродаваат својот имот, често со големи загуби, и да ги покријат трошоците за преселување. Доаѓањето во друга земја, често е проследено со многу неизвесности околу наоѓањето работа, место за живеење, нови закони, нови културни норми, проблеми поврзани со јазикот или акцентот, можниот расизам и друг вид дискриминирачко однесување кон имигрантите и нивните семејства. Овие бариери ја ограничуваат меѓународната миграција (кај ситуации кога населението масовно се движи кон други континенти создава огромен прилив на население, што само по себе врши оптоварување на инфраструктурата и на другите услуги, со што овие природни бариери за миграцијата се игнорираат).

Имиграционата политика станува сè повеќе поврзана со други прашања, како што се националната безбедност, тероризмот и особено во Западна Европа присутноста на исламот како нова голема религија. Оние кои се загрижени за безбедноста го наведуваат граѓанското безредие во Франција од 2005 година, кое се поврзува со контроверзните карикатури на Мухамед во данскиот дневен весник „Јуландс Постен“ како пример на вредносни конфликти кои произлегуваат од имиграцијата на муслиманите во Западна Европа. Поради ваквите асоцирања, имиграцијата стана чувствително политичко прашање кај голем број европски земји.