Словенечка извозна и развојна банка
Словенечка извозна и развојна банка (словенечки: Slovenska izvozna in razvojna banka, SID banka) претставува државна институција за осигурување и финансирање на извозот, како и поддршка на претприемништвото и економскиот развој, воопшто. Банката е во целосна државна сопственост.
Историја
уредиСо цел да се обезбеди осигурување и финансирање на извозот, во 1992 година Словенија формирала посебна јавна институција за оваа намена, под името: "Словенечко друштво за осигурување и финансирање на извозот на Словенија" (Slovenska izvozna družba za zavarovanje in financiranje izvoza Slovenije). Покрај со поддршка на извозот, таа се занимавала и со поддршка на претприемништвото, односно на економскиот развој на Словенија. Затоа, во 2006 година институцијата била преименувана во Словенечка извозна и развојна банка (SID). Во истата година, SID добила дозвола од Централната банка на Словенија за обезбедување банкарски и други финансиски услуги за потребите на словенечките претпријатија.[1]
Сопственичка структура
уредиОсновачкиот капитал на банката изнесува 300 000 090,70 евра, а Република Словенија е единствениот сопственик. На крајот од 2011 година, сопственичката структура на банката била следна:
Табела 1. Сопственичка структура на SID (31 декември 2011)[2]
Акционери | Број на акции | Учество во сопственоста (во %) |
---|---|---|
Република Словенија | 3 103 296 | 99,4 |
Сопствени акции на SID банката | 18 445 | 0,6 |
Вкупно | 3 121 741 | 100 |
Мисија, визија и цели
уредиМисијата, визијата и основните цели на SID банката се слично дефинирани како и оние на KfW банката за мали и за средни претпријатија, со нагласување на определени сектори во кои Словенија има компаративни предности. Долгорочните развојни цели на банката се однесуваат на следниве области:[1]
- Меѓународни бизнис-трансакции и меѓународна економска соработка;
- Развој на мали и средни претпријатија и на претприемништвото;
- Истражување, развој и иновации;
- Заштита на опкружувањето, енергетска ефикасност и климатски промени;
- Регионален развој;
- Комерцијална и јавна инфраструктура.
Активности и финансирање
уредиСите услуги на банката се поделени во неколку групи (именувани слично како и целите), при што како основен приоритет се нагласува развојот на општество на знаење и иновативно претприемништво. Во актите на банката се нагласува нејзината активност во областа на финансирањето на интернационализацијата на малите и средни претпријатија, во поддршката на финансирањето на истражувањето и развојот и на иновациите на малите и средни претпријатија, регионалниот развој во чии рамки малите и средни претпријатија имаат централно значење итн. Основните извори на средства на SID се:[3]
- средства на Владата на Словенија,
- средства од европските фондови,
- средства од Европската инвестициска банка, и
- издавање долгорочни хартии од вредност на меѓународниот финансиски пазар.
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 „SID banka“. Архивирано од изворникот на 2014-08-31. Посетено на 2014-07-29.
- ↑ SID, Annual Report of SID Bank and SID Bank Group for 2011
- ↑ „SID“. Архивирано од изворникот на 2014-08-31. Посетено на 2014-07-29.