Водопад

(Пренасочено од Слап)

Водопад е место во река или поток каде што водата паѓа од високо.[1] Се јавуваат и кога стопената вода се истура преку работ на една санта или ледена плоча. Водопадите мал пад или неговите скалести делови се нарекуваат слапови.

Ангелскиот водопад во Венецуела - највисоки на светот со пад од 979 м.
Корабскиот водопад на планината Кораб во северозападна Македонија.
Образување на водопад

Образување

уреди

Водопадите се образуваат кога реката е млада.[2] Тогаш каналот е тесен и длабок. Кога реката тече низ отпорното карпесто тло, тлото еродира постепено, додека пак подолу низводно ерозијата се одвива побрзо.[2][3] Водотекот се забрзува кон работ на водопадот и така носи материјал од коритото. Во турбуленцијата се создаваат витли, а песокот и камењата што ги носи водата уште повеќе ја зголемуваат стапката на ерозија.[2] Со тоа водопадот сè повеќе го длаби коритото и се повлекува нагоре (спротиводно). Со време, честопати водопадот повлекувајќи се образува клисурa во подолното течение и уште подлабоко го вдлабнува сртот над него.[4] Стапката на повлекување на водопадот може да достигне и 1,5 м годишно.[2]

Честопати под отпорната карпа има помеки слоеви, па така расплискувањето на водата го поткопува мекиот дел и создава плитка влабнатина (поткоп) зад водопадот. По извесно време подјадување, потврдиот горен слој паѓа врз мекиот и така додава уште карпести блокови на подножјето на водопадот. Потоа овие блокови се расцепуваат во посебни камења и се абат удирајќи се меѓусебно. Тие исто така го длабат подножјето на водопадот по пат на трошење (абразија), создавајќи длабок вир или клисура.

Водотекот станува поширок и поплиток веднаш над водопадот бидејќи минува низ гребенот на карпата, а под водопадот обично има длабок вир бидејќи со својата кинетичка енергија, водата го длаби тлото. Најчесто водопадите се образуваат во карпести предели бидејќи таму почвата еродира. По долг период на целосна образеност, водата што паѓа преку работ се повлекува, предизвикувајќи хоризонтална јама напоредно со водата што паѓа. По извесно време, јамата се продлабочува и водопадот се урива и на негово место се образува накосено продолжение на речното корито.[2] Покрај ваквата постепена ерозија, земјотресите и лизгањата и вулканите прават дополнителни разлики во нивоата на земјиштето. Добиените висински разлики потоа ја условуваат појавата на водопад.

Реката напати тече преку големо скалило на карпите што се образува со расед. Водопадите можат да се јават долж работ на една ледничка клисура, каде потокот или реката што тече во ледникот продолжува да тече во долина откако ледникот ќе се повлече или стопи. Примери за ваква појава, наречена „висечка долина“, се среќава кај големите водопади во Јосемитската Долина во САД. Висечки долини се создаваат и на местото кајшто се спојуваат две реки, од кои едната тече побрзо од другата.[2] Водопадите може да се поделат на десет класи според просечниот истек на самиот пад на водата (што зависи од просечниот истек на водопадот и неговата висина) користејќи логаритамска скала. Водопади од класа 10 се Нијагарините водопади, Пауло Афонсо и Кон.

Други позначајни водопади од разни класи се: Викториини Водопади и Кајетур (класа 9); Рајнски водопад и Гидлфос (класа 8); Ангелскиот водопад и Детифос (класа 7); Јосемитските, Долнојелоустоунските водопади и Умпанг Те Лор Суе (класа 6); Садерландските водопади (класа 5).[5]

Видови водопади

уреди
 
Колешинскиот Водопад на планината Беласица, југоисточна Македонија.
  • широкоупаден: водата се спушта со широк тек.[3][6]
  • каскаден: водата се спушта по низа скалила.[3][6]
  • катарактен: голем и моќен водопад.[6]
  • жлебен: големо количество вода избива низ тесен вертикален расцеп.[6]
  • расплеснат: водата се шири хоризонтално во разни правци, сето време во контакт со карпестото тло.[6]
  • замрзнат: секој водопад што има некакви замрзнати делови.[6]
  • опашест: водата што паѓа одржува извесен контакт со карпестото тло.[6]
  • исправен: водата паѓа вертикално, губејќи го контактот со површината на карпестото тло.[6]
  • чанчест: водата се спушта во стеснет облик, а потоа се раширува во поширок вир.[6]
  • членест: при спустот се образуваат засебни водотеци.[6]
  • слапен: водата паѓа како посебни скалила или слапови.[6]
  • повеќестепенест: низа водопади еен по друг со приближно иста големина и секој со свој вир.[6]

Водопадот како тема во уметноста и во популарната култура

уреди
  • „Водопад“ (англиски: Waterfall) — композиција на американската џез-група Weather Report од 1971 година.[7]
  • „Водопад“ (англиски: Waterfall) — песна на британската рок-група Стоун Роузис (The Stone Roses) од 1988 година.[8]
  • „Водопади“ (англиски: Waterfalls) — песна на американската група ТЛЦ (TLC).[9]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. водопад“ - Дигитален речник на македонскиот јазик
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Carreck, Rosalind, уред. (1982). The Family Encyclopedia of Natural History. The Hamlyn Publishing Group. стр. 246–248. ISBN 011202257 Проверете ја вредноста |isbn=: length (help).
  3. 3,0 3,1 3,2 „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2010-09-21. Посетено на 2012-12-19.
  4. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2015-05-17. Посетено на 2012-12-19.
  5. Richard H. Beisel Jr., International Waterfall Classification System, Outskirts Press, 2006 ISBN 1-59800-340-2
  6. 6,00 6,01 6,02 6,03 6,04 6,05 6,06 6,07 6,08 6,09 6,10 6,11 http://worldwaterfalls.com/waterfall_types.php
  7. Weather Report – Weather Report (пристапено на 7.4.2024)
  8. Discogs, The Stone Roses ‎– The Stone Roses (пристапено на 30.7.2019)
  9. TLC - Waterfalls - YouTube (пристапено на 9.9.2016).