Сефедин Нуредини
Сефедин Нуредини (албански: Sefedin Nuredini; 24 јануари 1953, Куманово, - 14 јануари 2017, Скопје) — македонски глумец од албанска народност. Нуредини бил член на Албанскиот театар во Скопје.
Сефедин Нуредини | ||
Роден | 24 јануари 1953 Куманово, НР Македонија, ФНРЈ | |
---|---|---|
Починал | 14 јануари 2017 Скопје, Македонија | (возр. 63)|
Националност | Македонец | |
Народност | Албанец | |
Занимање | глумец |
Животопис
уредиНуредини е роден е на 24 јануари 1953 година во Куманово. Дипломирал во 1978 година на Факултетот за драмски уметности во Скопје, и додека студирал, тој играл во тогашната Албанска драма при Театарот на народностите во Скопје, во чиј репертоар целосно се изградил како глумец ѕвезда. Зад него се стотина ликови од кои најголем дел носечки. Своето глумечко искуство им го пренесувал и на младите глумци – студенти по глума, со свои класи на албански јазик при театарските академии/факултети. Во периодот од 1991 до 1995 година бил директор на Албанската драма, а потоа, едно време, од 2000 година бил и генерален директор на Театарот на народностите во Скопје.
Од големиот глумечки опус на Сефедин Нуредини се ликовите на Зедридеси („Планета на мрзливците“), Соколе Ефрутоски („Големата вода“), ликовите во претставите „Матуранти“, „Политичко венчавање“, ликот на Поручникот („Да се спаси надежта“), потоа во претставите „Нита“, „Глувци и луѓе“, „Скротител на луѓе со смарагдни очи“, „Најтешкиот испит“, „Јас, Халил Гарија“, „Хамлет од Долно Мрдуши“, „Пахинтика во сон“, „Дожд во Уертемонто“, „Сауна“, „Сурати“, „Хамлет“, „Гробишта на автомобили“, во „Таинствени седенки“, „Војцек“… го одигра Прометеј во „Прометеј“. Последен лик му е Џо Келер во „Сите мои синови“ чија премиера била кон крајот на октомври 2016 година. Поради болест, таа претстава доживеала само премиера. За одиграните ликови добил повеќе награди, меѓу кои се „Трајко Чоревски“ за најдобар млад глумец на МТФ „Војдан Чернодрински“ за ликот на Поручникот во „Да се спаси надежта“, наградата за најдобро глумечко остварување на МТФ „Војдан Чернодрински“ за Прометеј во „Прометеј“, наградата „Александар Мојсиу“ на Националниот фестивал на професионалниот албански театар во Албанија. Починал на 14 јануари 2017 година во Скопје.[1]
Наводи
уреди- ↑ „Vdiq Sefedin Nuredini, artisti i madh i skenës shqiptare“. Архивирано од изворникот на 2017-01-15. Посетено на 2017-01-15.