Сега ти стануваш јас

„Сега ти стануваш јас“стихозбирка на македонската поетеса Долорес Атанасова, објвавена од издавачката куќа „Чудна шума“ во 2023 година.

Осврт кон делото

уреди

Песните од збирката се создадени во кус временски период, под голем креативен набој, а дел од нив авторката претходно ги објавила на инстаграм. Стихозбирката започнува со стиховите: „доаѓа така време човек да застане на работ на светот и повторно да се измисли себеси, да измисли сѐ“, а завршува со стиховите: „сега ти стануваш јас, а јас се повлекувам тивко во она што навистина сум, а не сум знаела да бидам.“ Овие две поетски минијатури ги врамуваат останатите песни во книгата.[1]

Уште на почетокот се насетува дека се работи за концептуална книга со филозофска и психолошка димензија при што ова е книга за патувањето низ себеси и низ времето. Дваесетина песни во збирката започнуваат со исти зборови кои ја одредуваат возраста (на пример: „Имам девет години“ при што возраста се движи од девет месеци до 128 години), со што авторката поставува точка која читателот го внесува во менталната, душевната и емотивната состојба што ја отсликува песната. Притоа, авторката зборува за себе во различни етапи од животот, но по некое време се забележуав дека некој друг ѝ се обраќа или се претопува во неа.[2] Низ книгата се повторуваат неколку антиподи, како телото наспроти душата, животот наспроти смртта, слободата наспроти заробеноста, вистината наспроти лагата, минливоста наспроти вечноста и јас наспрема ти. Впечатливо е дека голем дел од песните имаат два дела: главен дел и епилог во кој се дава објаснување, а на моменти и луцидна пресвртница. Книгата е длабока и емотивна, на моменти и потресна, но и со доза на хумор и благ сарказам, а нејзината длабочина извира од свеста, себепознавањето и соочувањето со себеси.[3]

Наводи

уреди
  1. Снежана Стојчевска, „Кон поетската книга „Сега ти стануваш јас“ од Д. А. Лори“, Современост, број 3, 2023, стр. 107.
  2. Снежана Стојчевска, „Кон поетската книга „Сега ти стануваш јас“ од Д. А. Лори“, Современост, број 3, 2023, стр. 107-108.
  3. Снежана Стојчевска, „Кон поетската книга „Сега ти стануваш јас“ од Д. А. Лори“, Современост, број 3, 2023, стр. 108-109.