Санација на банкарскиот систем на Македонија
Санација на банкарскиот систем на Македонија претставувал процес со кој од билансите на македонските банки биле избришани некои обврски наследени од времето на СФРЈ. Процесот на санација опфаќал три групи активности: отстранување од билансите на банките на обврските врз основа на девизните штедни влогови на граѓаните; отстранување од билансите на банките на побарувањата и обврските врз основа на користените странски кредити; преструктурирање на Стопанска банка - Скопје.
Почетоци на санацијата на банките
уредиНепосредно по монетарното осамостојување на Македонија, банкарскиот сектор се наоѓал во катастрофална состојба, предизвикана од товарот на лошите кредити. Така, според некои проценки, во 1993 година, лошите кредити зафаќале дури 70% од кредитното портфолио на банкарскиот сектор на Македонија. Тоа било последица на поврзаноста на банките со нивните главни должници, кои учествувале во органите на управување на банките, како и на политичкото влијание врз банките.[1]
Процесот на првата санација на банките во Македонија започнал со Законот за преземање на дел од обврските по одделни кредити на Стопанска банка АД Скопје и Југобанка – Јубанка АД Скопје од 27 април 1992 година. Со овој закон биле преземени обврските по основа на примените странски кредити за финансирање на повеќе индустриски, енергетски и инфраструктурни проекти, меѓу кои најголем беше „Фени“ од Кавадарци. Од Стопанска банка АД Скопје биле преземени достасаните, ненаплатени побарувања во вкупен износ од 3.484 милиони денари, остатокот на долгот од домашни кредити од 368 милиони денари и остатокот на долгот од странски кредити, во вкупен износ од 368,5 милиони американски долари. Од Југобанка АД Скопје биле преземени достасаните, ненаплатени побарувања во износ од 1.974 милиони денари и остатокот на долгот по странски кредити во износ од 39,2 милиони американски долари.[2][3]
Со усвојувањето на Законот за санација и реконструирање на дел од банките во Македонија од 16 март 1995 година започнал најголемиот проект за ревитализација на банките по монетарното осамостојување. Со законот било извршено:
- Линеарна санација на банките
- Рехабилитација на Стопанска банка АД Скопје
Линеарна санација на банките
уредиЛинеарната санација на банките во Македонија вклучувала неколку мерки:[2][3]
- Целосно отстранување на старите девизни штедни влогови и девизни сметки од билансите на комерцијалните банки, во вкупен износ од 1,44 милијарда германски марки. Овие обврски биле целосно преземени и гарантирани од Владата на Република Македонија.
- Отстранување од билансите на банките на побарувањата и обврските по кредитите добиени од странски кредитори (Парискиот клуб), во вкупен износ од 262 милиони американски долари, а со подоцнежни дополнувања на законот бил проширен списокот и со Циришкиот клуб, во вкупен износ од 524 милиони американски.
Реконструирање на Стопанска банка АД Скопје
уредиРеконструирањето на Стопанска банка АД Скопје се состоело од неколку мерки:[2][3]
- Утврдување и отстранување на ненаплатените денарски заеми од билансот на банката;
- Поништување на акционерскиот капитал во банката на должниците чии обврски се предмет на регулирање со истиот закон;
- Разделување и приватизирање на банката;
- Управување со банката од страна на претставници на Владата и НБРМ.
Првата мерка опфаќала отстранување на неплатливите денарски пласмани класифицирани во категориите Г и Д и дел од пласманите класифицирани во категоријата В за кои било утврдено дека се ненаплатливи, во вкупен износ од 4,9 милијарди американски долари. Исто така, биле вклучени и побарувањата на банката по основа на дадените кредити, кои согласно т.н. Закон за загубари беа претворени во траен влог во претпријатијата. Овие пласмани биле пренесени во Агенцијата за санација на банка, која за нивниот износ издала обврзница со рок на отплата од 15 години.
Од билансот на банката бил отстранет акционерскиот капитал во сопственост на должниците чии обврски биле предмет на регулирање со законот, потоа износот на пласираните селективни кредити на НБРМ и соодветниот дел на резервации на банката. Ненаплатливите побарувања биле пренесени во Агенцијата за санација на банкa, која продолжила да управува со нив.
Од Стопанска банка се издвоиле пет филијали кои ги исполниле условите за самостојно банкарско работење. На тој начин, во 1995 година биле формирани следниве банки:
- Комерцијално инвестициска банка АД Куманово;
- Охридска банка АД Охрид;
- Пелагониска банка АД Прилеп;
- Стопанска банка АД Битола и
- Тетовска банка АД Тетово.
Неколку години подоцна, Стопанска банка била приватизирана. За продажбата на банката на стратешки инвеститор, на 31 декември 1999 година бил усвоен Закон за гарантирање на инвестицијата на стратешки инвеститор за преземање одделни побарувања од крајни корисници од страна на РМ во Стопанска банка АД Скопје. На тој начин, државата извршила дополнителна санација на Стопанска Банка и ги презела побарувањата по основа на денарски и девизни кредити од "Македонија табак" АД Скопје, "Југохром" - Јегуновце, "Фенимак" АД Скопје и "Ко-Ко Годел" АД Скопје, во вкупен износ од 235 милиони германски марки. Повторно, овие пласмани биле пренесени во Агенцијата за санација на банки. Државата, исто така, ги гарантирала правата на странските инвеститори Национална банка на Грција CА Атина (NBG), EBRD и IFC кои произлегувале од договорот за откуп на мнозинскиот, управувачки пакет на акции и се обврзала да ги покрие евентуалните штети кои би произлегле од покренати судски спорови од статусен карактер.
Во постапката за реконструирање на Стопанска банка во нејзиниот Управен одбор членувале два претставника на Владата и еден претставник на НБРМ, кои имале право на 51% од гласовите при одлучувањето.
Наводи
уреди- ↑ Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 91.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 Оливер Давитковски, Перформансите на кредитните портфолија на комерцијалните банки во Југоисточна Европа, компаративна анализа со Р Македонија (Докторски труд), Скопје: Економски факултет, 2011 година.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Кики Мангова Поњавиќ, Ванчо Каргов, 60 години централно банкарство во Република Македонија, Народна банка на Република Македонија, Скопје, 2006, 141-145.