Росен Плевнелиев

бугарски политичар

Росен Асенов Плевнелиев (р. 14 мај 1964) — бугарски стопанственик и политичар од македонско потекло. Во периодот 22 јануари 2012 до 22 јануари 2017 е бил претседател на Бугарија. Во периодот 1990-2009 развива успешна кариера во областа на градежното стопанство во Германија и Бугарија, а од 2009 до 2011 е министер за регионален развоj во владата на Бојко Борисов. Влегува во владата како непартиски експерт, не е член на владејачката партија ГЕРБ.[1] На 30 октомври 2011 е избран за претседател на Бугарија.[2]

Росен Плевнелиев
Претседател на Бугарија
На должноста
22 јануари 2012 – 22 јануари 2017
Премиер Бојко Борисов
Потпретседател Маргарита Попова
Претходник Георги Прванов
Наследник Румен Радев
Министер за регионален развој
На должноста
27 јули 2009 – 9 септември 2011
Премиер Бојко Борисов
Претходник Асен Гагаузов
Наследник Лилјана Павлова
Лични податоци
Роден(а) 14 мај 1964(1964-05-14)(60 г.)
Гоце Делчев, Бугарија
Сопружник Јулијана
Установа Технички универзитет во Софија
Вероисповед православие

Животопис

уреди

Росен Плевнелиев е роден на 14 мај 1964 година во градот Гоце Делчев, Бугарија. Неговата фамилија потекнува од селото Плевна во Егејска Македонија, денес Петруса во Република Грција. За време на Балканските војни неговите предци го продале нивниот имот и побарале засолниште во Бугарија.[3] Своето средно образование го добил во природно-математичката гимназија "Академик Сергеј Павлович Корољов" во Благоевград од 1978 до 1982 година. Во периодот 1984-1989 година го завршил ВМЕИ "В. И. Ленин" во Софија (денес Технички универзитет), со специјалност „сметачи“.[4]

Деловна кариера

уреди

Во 1990 година, Плевнелиев ја основал Ирис Интернешанал, првата бугарска градежна фирма, која го добила сертификатот ISO 9001. Помеѓу 1991 и 1998 година, тој работел во Германија како ко-сопственик на градежна фирма, која работела како подизведувач за Линднер. Во 1998 година станал основач и раководител на бугарските градежни претпријатија кои се дел од групата Линднер Бугарија. Плевнелиев бил раководител на „Бизнис Парк Софија“[5], кој бил изграден под негова надлежност во софиската населба Младост 4, како и член на Одборот на директори на Конфедерацијата на работодавци и индустријалци во Бугарија.[6]

Политичка кариера

уреди

На 27 јули 2009 бил назначен за министер за регионален развој. Под негово раководство во државата започнала изградба на речиси 200 километри нови автопатишта.[7] Со неговата активност во 2010-2011 година, Плевнелиев станал најпопуларен министер во бугарската влада.[8] На 4 септември 2011 година, Плевнелиев бил прогласен како официјален кандидат на ГЕРБ за претседателските избори во Бугарија, закажани за октомври. На 30 октомври 2011 победил на изборите и бил избран за претседател на Република Бугарија.[9]

Во октомври 2013 година избувнал голем скандал поврзан со Плевнелиев, кога бугарската телевизија ТВ7 објавила документи според кои, во 2007 година, Плевнелиев купил луксузна куќа на грчкиот полуостров Халкидик, во вредност од 700 000 евра. Притоа, тој ја платил куќата во готово, со што ги прекршил бугарските закони кои бараат, за секое изнесување пари во странство во износ над 10 000 лева, да се докаже потеклото и платениот данок. Истовремено, Николај Бареков, претседател на "Бугарија без цензура", објавил и документи со кои Плевнелиев се обвинува за криминал поврзан со трансакциите на неговата поранешна фирма "Линднер Ирис". Притоа, ТВ7 објавила и дополнителни документи, тврдејќи дека и неговата сопруга Јулија била замешана во шемите со офшор-команиите.[10][11]

Однос на македонското прашање

уреди

Запрашан кон крајот на својот мандат, зошто иако има македонски корени, тој ниту еднаш не ја има посетено Македонија, Плевнелиев ги посочува фалсификувањето на историјата и политиката кон Бугарија на соседната земја. Според него македонизмот е идеологија која е не само антибугарска, таа е и антидемократска, манипулација на историјата, која создава тензии меѓу идните генерации.[12]

Семејство

уреди

Во 1990 година се оженил за својата прва жена Вероника, со која подоцна се развеле. Со втората сопруга, Јулија, имаат три момчиња.[13]

Наводи

уреди
  1. Плевнелиев: За разлика от Първанов аз съм независим, www.mediapool.bg, 21.10.2011. (бугарски)
  2. Росен Плевнелиев победник на преседателските избори во Бугарија[мртва врска], 24vesti.com.mk, 31-10-2011.
  3. Росен Плевнелиев в „Нека говорят с Росен Петров”, бТВ, 06.11.2011. (бугарски)
  4. Биографиjа Архивирано на 22 септември 2011 г. на страницата на Министерството за регионален развоj на Република Бугариjа. (бугарски)
  5. Историја на „Бизнис Парк Софија“, www.businesspark-sofia.com, 31-10-2011. (англиски)
  6. Who Is Who: Bulgaria's President-Elect Rosen Plevneliev Архивирано на 1 ноември 2011 г., novinite.com, 30-10-2011. (англиски)
  7. €3 млрд. даваме за магистрали до 2020-та, news.ibox.bg, 29.03.2011, 31-10-2011. (бугарски)
  8. Who Is Who: Bulgaria's President-Elect Rosen Plevneliev Архивирано на 1 ноември 2011 г., novinite.com, 31-10-2011. (англиски)
  9. Centre Right Wins Bulgarian Presidency, novinite.com, 31-10-2011. (англиски)
  10. "Плевнелиев има палата на Халкидики од 700.000 евра", Дневник, број 5292, година XVII, четврток, 17 октомври 2013, стр. 1-3.
  11. Искра Коровешоска, "Сегашната и поранешната сопруга на Плевнелиев 'вредно' работеле со него", Дневник, број 5293, година XVII, петок, 18 октомври 2013, стр. 3.
  12. “Не посетих Македония заради антибългарската политика“, разкри президентът.(бугарски) Mediapool.bg. 21 јануари 2017 г.
  13. „Новородени новини“. www.bm-businessmagazine.bg. 27 февруари 2008. Архивирано од изворникот на 2009-12-04. Посетено на 2009-08-12. (бугарски)