Ромео и Јулија в село

Ромео и Јулија од село (германски: Romeo und Julie auf dem Dorfe) - расказ (новела) од збирката „Луѓето од Селдвила“ на швајцарскиот писател Готфрид Келер од 1856 година.

Содржина уреди

Во едно село во близината на Селдвила живеат двајца селани, Манц и Марти, вредни луѓе и добри домаќини. На една локација, меѓу нивните ниви се наоѓа запуштена нива чиј сопственик не е утврден, иако селаните мислат дека нејзин законски наследник е еден свирач кој живее заедно со Циганите-чергари. Додека Манц и Марти ги обработуваат своите ниви, нивните деца, Саломон (Сали) и Вренхен си играат заедно. Меѓутоа, проблемите се појавуваат кога општината Селдвила ја става нивата на аукција. Тогаш, Манц победува на аукцијата, но Марти заграбува еден мал дел од нивата. Поради тоа, тие започнуваат судски спор што се развлекува во текот на многу години и Марти и Манц постепено осиромашуваат. Оттогаш, меѓу нив започнува големо непријателство, а Сали и Вренхен, веќе адолесценти, не смеат да комуницираат меѓу себе. Немајќи никаков имот, Манц се сели во Селдвила, каде отвора меана, но работата му оди многу лошо и неговото семејство запаѓа во уште поголема сиромаштија. Од друга страна, Марти останува да живее во селото со својата ќерка, но и тие гладуваат. По многу години, Марти и Манц случајно се среќаваат крај реката и меѓу нив започнува остра караница што прераснува во тепачка. Сали и Вренхен успеваат некако да ги разделат своите татковци и оттогаш Сали не може да престане да мисли на неа. Така, Сали заминува во селото со намера да ја види Вренхен, а истовремено, нејзиниот татко заминува во Селдвила. Во селото, Сали ја наоѓа Вренхен и тие го минуваат денот заедно на нивите каде си играле како деца. Притоа, тие го среќаваат свирачот, кој им кажува дека тој е законскиот наследник на спорната нива, но дека нивните татковци не сакале да сведочат во негова полза. Додека тие се милуваат во житото, ненадејно се појавува татко ѝ на Врнехен, кој се нафрлува на својата ќерка, а тогаш Сали го удира со камен по главата. Марти останува жив, меѓутоа го губи разумот. Подоцна, Марти ја губи и семејната куќа, него го сместуваат во болница за душевно болни лица, а Вренхен останува без покрив над главата. Сали ја посетува својата сакана и таа посакува да се забавуваат. Оттука, тие патуваат по околните села, а Вренхен е среќна, зашто се чувствува како невеста. Во едно село, тие ги среќаваат Циганите-музичари и, придружени од нив, се враќаат на поранешните ниви на своите родители, каде Циганите им приредуваат свадбена веселба. Немајќи никаква иднина пред себе, Сали и Вренхен се качуваат на еден сплав и пловат по реката, а изутрината се фрлаат во реката. Утредента, луѓето ги наоѓаат нивните мртви тела во близината на Седлвила, а новините ја опишуваат нивната судбина.[1]

Наводи уреди

  1. Gotfrid Keler, Ljudi iz Sledvile. Beograd: Rad, 1964, стр. 3-66.