Реформи на бугарскиот правопис

Правописните реформи на современиот бугарски правопис биле направени со цел да се поедностави пишувањето на стандардниот бугарски јазик.

Првата страна од првата бугарска граматика од Неофит Рилски од 1835 со нестандардизиран правопис, печатена во Кнежевско-српската печатница во Крагуевац.

Историја уреди

До 19ти век, бугарскиот доминантно бил говорен јазик, без стандардизирана пишана форма на народните дијалекти. Формалната писмена комуникација обично се одвивала на црковнословенски јазик. Долго време кирилицата била поврзана со религиозни текстови, и како таква била поотпорна на промени. Раната кирилица од 9ти век, содржела 44 букви за 44 гласови. Сепак, до 19ти век бугарскиот гласовен систем се променил и содржел помалку гласови. Во почетокот до средината на 19ти век се користеле неколку кирилични азбуки со 28 до 44 букви. Од тука се јавила потребата за јазична реформа, со што ќе се намали бројот на буквите.

Печатената руска азбука започнала да ја добива својата современа форма кога Петар I ја вовел својата реформа на граѓанското писмо во 1708. Реформата имала за цел да ја поедностави руската азбука. Во следните децении, новата руска кирилица продолжила да се развива, и во 19ти век таа станала основа за реформата во бугарската. Бидејќи Бугарија била дел од Османлиската империја во 1869 бугарските емигранти го основале Бугарското книжевно друштво во Браила, Кралство Романија, на чело со Марин Дринов. Во голем број на написи тој ги испитувал проблемите со правописот и граматиката на бугарскиот јазик.

Во 1878 било формирано посебно Кнежевство Бугарија. Во меѓувреме постоеле повеќе обиди да се стандардизира правописот: од страна на Дринов во 1862 и од Најден Геров во 1895. Конечно азбуката со 32 букви, предложена од Дринов била прифатена во 1899. Со оваа реформа биле отфрлени некои од јусовите (Ѭ /jɤ/, Ѧ /e/ и Ѩ /je/). Со овој архаичен правопис се воспоставил извесен мост помеѓу источните и западните дијалекти во Бугарија, и во исто време се обидел да ги намали разликите помеѓу бугарскиот и црковнословенскиот. Меѓутоа употребата на ваков правопис го отежнала учењето на бугарскиот јазик. Овој правопис се употребувал до крајот на Втората светска војна. Во краток период од 1921-1923, владата предводена од Бугарскиот земјоделски народен сојуз вовела нов, поедноставен правопис. Сепак, тој правопис бил отфрлен после државниот удар на 9 јуни 1923.

Последната голема правописна реформа се случила во 1945. Тогаш, буквите Ѣ, ѣ (наречена ят "јат") и Ѫ, ѫ (наречена Голям юс "голем јус"), биле отфрлени од азбуката, со што бројот на букви се намалил на 30.[1] Со оваа реформа во пракса бил воведен фонетскиот принцип и го доближил писмениот јазик до современиот изговор. Реформата била направена за шест месеци, но нејзиното спроведување продолжило 20 години.

Наводи уреди

  1. Ernest A. Scatton, Grammar of Modern Bulgarian, Slavica Pub, 1984, ISBN 0893571237, p. 121.