Раскружница или кружен тек (технички: крстосница со кружен тек на сообраќајот[1]) — сообраќајна површина со централен остров во која сообраќајот се одвива во кружен тек и во насока спротивно на стрелките на часовникот во земјите каде сообраќајот се одвива по десната страна, и во насока на стрелките на часовникот во земјите каде сообраќајот се одвива по левата страна од коловозот.

Сообраќаен знак за насоката на кружниот тек на сообраќајот

Принцип на раскружницата уреди

 
Движење во раскружница во земји каде сообраќајот се одвива по левата страна
 
Движење во раскружница во земји каде сообраќајот се одвива по десната страна

Раскружницата е конструирана од остров опколен со коловоз со една или повеќе еднонасочни ленти.

Возилата кои влегуваат во раскружницата се обврзани да следат задолжителна насока (десна во континентална Европа, лева во Обединетото Кралство) и да ја изразат нивната волја да излезат од крстосницата со вклучување на трепкачите и отстапувајќи им предност на пешаците на обележаните премини.

Како и при секоја кривина, максималната брзина зависи од полупречникот на кривината, состојбата на коловозот и пневматиците. Генерално може да се имаат предвид следниве максимални вредности – се работи за поедноставена пресметка сметајќи дека пневматиците и коловозот се во добра состојба и не земајќи го предвид влијанието на товарот во кривината. Разумноста налага да се оди со пониски брзини:

Максимални брзини за влез во раскружници
Пречник
(m)
Брзина
(км/ч)
Сув коловоз Влажен коловоз
20 28 11
30 34 14
40 39 16
50 44 18

Предности и маани уреди

Овој вид на крстосници е сè повеќе распространет заради што нуди бројни предности:

  • Адаптацијата на сообраќајот е автоматска со давање предност на возилата кои се веќе влезени во раскружницата.
  • Самата инфраструктурата налага да се забави и го намалува бројот на несреќи со судир под прав агол, кои статистички се најопасни. Повеќето од регистрираните несреќи се удари од назад при намалена брзина кои не се опасни.
  • Нема потреба од семафори, значи нема потреба од електрификација на раскрсницата, што ја штеди енергијата и е посебно интересно во руралните средини.
  • Чекањето не е долго, како што е случајот на раскрсниците со светлосна сигнализација, што значи значителна добивка во време како и штедење на гориво и намалување на загадувањето на воздухот и бучавата.

Но исто така има маани во однос на другите видови на раскрсници:

  • Во урбани области или на патишта со голем сообраќај, во случај на вкрстување на две притоки на значителен сообраќај, ќе се појави натрупување на сообраќајот и на двете притоки ако се појави проблем и само на една притока, што не е случај кај раскрсниците со семафори.
  • Вон урбаните области, раскружницата налага забавувања и повторни забрзувања што негативно влијае на потрошувачката на гориво.
  • Додека безбедноста на автомобилите е зголемена, за велосипедистите и пешаците овој вид на раскрсница е поголема опасност во однос на традиционалните.

Регулација и правила во сообраќајот на раскружница[1] уреди

 
Раскружница во Скопје кај католичката црква „Пресвето срце Исусово“
 
Раскружница во Гостивар
  • Сообраќајот на раскружница се регулира со сообраќајна сигнализација.
  • Возачот кој се движи во раскружница има првенство во однос на возачите кои се вклучуваат во крстосницата.
  • Возачот кој се движи во раскружница каде што коловозот има две или повеќе сообраќајни ленти е должен да се престрои во внатрешната сообраќајна лента со цел да овозможи вклучување во крстосницата и на други возачи, освен ако има намера да ја напушти крстосницата на најблискиот излез или поради густината на сообраќајот не е во состојба безбедно да се престрои.
  • При вклучување во сообраќај на раскружница каде што има две сообраќајни ленти возилото што се наоѓа на десната сообраќајна лента се вклучува на надворешната сообраќајна лента, а возилото кое се движи по левата сообраќајна лента се вклучува на внатрешната сообраќајна лента.
  • Пред да ја напушти раскружницата возачот е должен да се престрои во надворешната сообраќајна лента, освен во излез на кој со сообраќајна сигнализација е пропишано дека е дозволено свртување десно и од внатрешната сообраќајна лента.
  • На излез од раскружница на која е дозволено свртување во десно и од внатрешната сообраќајна лента, надворешната сообраќајна лента е наменета исклучиво за свртување во десно.

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 „ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА СООБРАЌАЈОТ НА ПАТИШТАТА, Службен весник бр.114“ (PDF). Посетено на 16 ноември 2015.