Радован Перчинковски

Радован Перчинковски (25 септември 1922, Башино Село - 4 јануари 1996, Скопје) — интернист-кардиолог, редовен професор и основоположник на Клиниката за кардиологија во Скопје.[1]

Радован Перчинковски
Роден 25 септември 1922
Башино Село, Македонија Македонија
Починал 4 јануари 1996
Скопје, Македонија
Занимање универзитетски професор, интернист

Животопис уреди

Радован Перчинковски се родил во Башино Село, Велешко. Основно и средно образование завршил во Скопје со одличен успех во 1941 година. Студиите по медицина ги започнал во Софија, каде за време на Втората светска војна се вклучил во низа илегални акции против окупаторот. Во 1944 година, укажувал медицинска помош на Хируршкото одделение во Скопската болница, и помагал при лекување на ранетите партизани кои илегално биле сместени во Домот на стари и во Дезинфекциониот завод во Чаир. Како санитетски референт бил дел од Четиринаесетта македонска ударна бригада и Петнаесетти македонски корпус. Неговиот партизански пат завршил во Словенија.[1] По демобилизацијата, ги продолжил студиите по медицина во Белград, каде дипломирал во 1948 година.

Кариера уреди

Радован Перчинковски бил избран за шеф на Кардиолошкото одделение на Интерната клиника при Медицинскиот факултет во Скопје во 1953 година. Во 1956 година бил избран за универзитетски предавач по предметот „Интерна медицина“, а во 1970 година бил избран за редовен професор по Интерна медицина. Бил ддекан на Медицинскиот факултет во Скопје во периодот од 1974 до 1976 година, ја организиарл Клиниката за кардиологија и бил избран за нејзин прв директор во 1975 година, а придонел и за организацијата на Центарот за рехабилитација на кардиоваскуларни болести во Охрид.[1] Извршувал бројни функции, бил член на повеќе организации, меѓу кои Централниот одбор на Црвениот крст на Југославија, претседател на Комисијата за борба против алкохолизмот, претседател на Здружението на кардиолози на Југославија, и друго.[1]

Објавил бројни научни и стручни трудови, а за своите залагања добил награди и признанија, меѓу кои: Орден на трудот со златен венец, почесна повелба и почесна плакета во злато на Баварскиот црвен крст, повелбата „Д-р Трифун Пановски“ и други.[1]

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 д-р Марјан Димитријевски: „Декани - 1947-2012“, Скопје, Медицински факултет, 2015 г., стр. ​63-68