Пјер Ролан (велосипедист)
Пјер Ролан (француски: Pierre Rolland; р. 10 октомври 1986 во Жијан) — француски професионален друмски велосипедист, кој вози за професионалната континентална екипа Б&Б Хотелс п/б КТМ.[2] Најпознат е по својот агресивен стил на возење низ планините.
Ролан на Тур де Франс 2017 | |||
Лични податоци | |||
---|---|---|---|
Цело име | Пјер Ролан | ||
Роден | 10 октомври 1986 Жијан, Франција | ||
Висина | 1,84 м[1] | ||
Маса | 71 кг[1] | ||
Податоци за клубот | |||
Мом. клуб | Б&Б Хотелс п/б КТМ | ||
Дисциплина | друмски велосипедизам | ||
Улога | возач | ||
Вид на возач | специјалист за искачување / Универзален возач | ||
Аматерски клубови | |||
2005 2006 | Супер Спорт 35 Кредит Агрикол (стажант) | ||
Професионални клубови | |||
2007–2008 2009–2015 2016-2018 2019- | Кредит Агрикол Ббокс Буиг Телеком Канондејл-Драпак Витал Консепт-Б&Б Хотелс | ||
Значајни победи | |||
| |||
Последна промена 9 февруари 2019 |
Тој е двократен етапен победник на Тур де Франс и етапен победник на Џиро д’Италија. Негова најпозната победа досега била етапата на Алп д’Иез на Тур де Франс 2011. Најдобри пласмани на големите трки се четвртото место на Џиро д’Италија 2014 и осмото место на Тур де Франс 2012. Покрај етапата на Тур де Франс 2011, го освои исто така и пласманот за млад возач.
Кариера
уредиРани години (2007-2008)
уредиРолан станал професионалец во 2007 година за екипата Кредит Агрикол откако возел како стажант во екипата на крајот на 2006 година. Во неговата прва сезона како професионалец, освоил етапи на Ла Тропикал Амиса Бонго и Тур ди Лимузен. Во 2008 година, го освоил планинскиот пласман на Критериум ди Дофине Либере.[3] На Летните олимписки игри 2008, Ролан се натпреварувал на друмската трка, но не успеал да заврши.
Ббокс Бјуик Телеком/Тим Јуропкар (2009–2015)
уредиВо неговата прва сезона во Ббокс Буиг Телеком, Ролан завршил трет на Ла Тропикал Амиса Бонго, но морал да чека до 2010 година за неговата прва победа со екипата, кога освоил етапа на Сиркут де Лорен и завршил осми на Критериум ди Дофине.
2011
уредиНа деветтата етапа на Тур де Франс, Тома Веклер ја презел жолтата маичка откако бил во бегство. Следната седмица, Ролан му помогал на Веклер да ја одбрани маичката на планинските превои. Ролан добил признание за неговата силна поддршка во одбрана на жолтата маичка на Веклер. По 14. етапа на Тур, Ленс Армстронг го нарекол Ролан „рок-ѕвезда“.[4] Ролан ја освоил 19. етапа на врвот на Алп д’Иез, поразувајќи го златниот олимписки победник Самуел Санчес и двократниот победник на Тур, Алберто Контадор.[5] Победата, исто така, му ја донела белата маичка, која успешно ја одбранил на 20. етапа, завршувајќи го Тур на 10. место.
2012
уредиНа неговата прва трка во сезоната, Ролан освоил етапа на Етоал де Бесеж и завршил четврти на трката. Ролан го забележал својот најдобар резултат дотогаш на Лиеж-Бастоњ-Лиеж, каде завршил на 12. место. По една недела на Тур де Франс, Ролан бил на 25. место и учествувал во пад на шестата етапа.[6] На етапата 11, Ролан бил дел од четиричленото бегство, заедно со Крис Анкер Серенсен (Тим Саксо Банк-Тинкоф Банк), Роберт Кишерловски (Астана) и Васил Кириенка (Мовистар Тим). На спустот од Кол ди Молар, Ролан паднал во кривина, но брзо се вратил на својот велосипед. На последното искачување до Ла Тусир/Ле Сибел, Ролан нападнал и ги оставил другите зад него, освојувајќи уште една соло-победа на Тур де Франс.[7] Ролан се искачил на деветтото место по етапата, но сакал да оди на уште етапни победи. На последната планинска етапа на Тур, Ролан завршил петти и се искачил на осмото место во генералниот пласман. Ова било најдобар резултат во неговата кариера дотогаш на Тур де Франс и исто така бил најдобро пласиран Французин во генералниот пласман таа година.
2013
уредиВо април, Ролан ја освоил претпоследната етапа на Сиркут де ла Сарт и ја освоил трката следниот ден.[8] Само неколку дена подоцна бил трет на еднодневната трка, Париз-Камемберт.[9] Потоа, Ролан завршил десетти на Џиро дел Трентино, пред една од последните цели во пролетниот дел од сезоната на Лиеж-Бастоњ-Лиеж. Откако завршил на 12. место претходната година, Ролан имал големи надежи, но морал да се задоволи со 24. место. На втората етапа на 100. издание на Тур де Франс, Ролан отишол во бегство и ја презел точкестата маичка за првпат во кариерата. Ја носел до седмата етапа, кога сонародникот Блел Кадри го презел водството за 1 бод. На последниот ден на Пиринеите на деветтата етапа, РОлан ја презел маичката откако собрал доволно бодови во бегството. Ролан ја загубил маичката на етапата 15 од Крис Фрум, кој ја освоил етапата на Мон Венту.
2014
уредиСезоната 2014 била прва сезона кога Ролан возел на Џиро д’Италија. По пролетта во која немал некои врвни резултати, притисокот му се намалил со учеството на трката. Откако завршил на 21. место во екипниот хронометар, Ролан го започнал Џиро на најлош можен начин. Меѓутоа, на крајот на првата седмица, Ролан се подобрил и се искачил на 12. место во генералниот пласман, како што се приближувал вториот ден за одмор. Со повеќето планински етапи на трката, Ролан го подобрил неговиот резултат и се искачил уште повеќе во генералниот пласман. На етапата до Вал Мартело, Ролан завршил трет и стигнал до четвртото место во генералниот пласман. Напредувал до третото место само два дена подоцна, но и покрај тоа што го имал еден од најдобрите хронометри на етапата 19, кога завршил на четвртото место, излегол од место за подиум. На претпоследната етапа до Монте Ѕонколан, Ролан имал скоро невозможна задача, ако сакал да заврши на подиум. На крајот изгубил 4 секунди од Фабио Ару и затоа завршил четврти во генералниот пласман, негов најдобар пласман на некоја голема трка.[10] Кога пристигнал на Тур де Франс, Ролан не бил сметан за некоја закана за генералниот пласман и затоа целел кон бегствата. Нападнал на втората етапа во завршните километри, но не успеал да остане напред. На деветтата етапа, Ролан се искачил до осмото место во генералниот пласман по добриот резултат во бегството. Следниот ден паднал на 16. место, поради неговите напори од претходниот ден. Негова најдобра завршница на етапа била на етапата 17, кога завршил шести. Ролан завршил на Тур де Франс на 11. место.
2015
уредиВо неговата последна сезона со Тим Јуропкар, Ролан бил близу победа на двапати во пролетта. Завршил втор на првата етапа на Волта а Каталуња, откако го изгубил спринтот со Маќеј Патерски.[11] Патерски ја презел водечката маичка по етапата, но Ролан ја презел маичката на третата етапа, откако Патерски изгубил една минута.[12] Ролан ја изгубил маичката следниот ден, губејќи над пет минути. Две недели подоцна, Ролан бил во бегство на Сиркут де ла Сарт, но овој пат го изгубил спринтот од Мануеле Боаро. Една недела подоцна, Ролан конечно ја остварил првата победа во сезоната со победата на третата и последната етапа на Вуелта а Кастиља и Леон,[13] освојувајќи ја трката за 16 секунди. На Тур де Франс, Ролан бил надвор од првите 10 пред последната недела. На етапата 18, Ролан бил во бегство и завршил втор зад сонародникот Ромен Барде. Следниот ден, Ролан бил повторно во бегство и нападнал сам. Бидејќи ја освоил етапата на Ла Тусир/Ле Сибел во 2012 година, Ролан сакал да го повтори успехот, но бил претекнат од крајниот етапен победник Винченцо Нибали и завршил на 11. место на етапата. Ролан заминал повторно во бегство на етапата 20 на етапата до Алп д’Иез, каде што претходно победил, во 2011 година. Овој пат, Ролан завршил шести и го одбранил 10. место во генералниот пласман. На Вуелта а Еспања, Ролан целел на етапни победи и бил во бегство повторно. Негов најдобар резултат било петтото место на етапата 16.
Канондејл (2016-2018)
уредиНа 27 август 2015 година било објавено дека Ролан ќе се приклучи на ЕФ Едукејшн-ИзиПост за сезоната 2016.[14]
2016
уредиСо префрлањето во Канондејл за сезоната 2016, Ролан сакал да смени во својата кариера. Возејќи многу трки во претходните сезони, го префрлил фокусот на висинските кампови. Возејќи за француска екипа претходните 10 години, Ролан не зборувал англиски кога првпат пристигнал во Канондејл. Иако било тешко на почетокот, Ролан на крајот можел добро да комуницира со неговите колеги. На Критериум ди Дофине, Ролан завршил на 10. место. Пјер бил 9. во генералниот пласман по седмата етапа на Тур де Франс, меѓутоа паднал во карпа при спуст на осмата етапа и изгубил скоро 2 минути.[15] Исто така, паднал на спуст на етапата 19 откако бил во бегство со Руј Кошта. На неговата последна трка во сезоната, на Вуелта а Еспања, Пјер завршил седми на четвртата етапа.
2017
уредиПјер ја започнал сезоната 2017 со 78. место на Вуелта а Андалусија. Негов прв резултат меѓу првите десет бил на Трката на Алпите, каде завршил шести. Исто така завршил четврти на третата етапа и петти на завршната петта етапа. Една од целите на Ролан било 100. издание на Џиро д’Италија. Бил многу близу до победа на етапата 11 на трката, но завршил трет во спринтот од бегството зад Омар Фраиле и Руј Кошта. На седумнаесеттата етапа, Ролан си ја пробал среќата уште еднаш нападнал во последните 10 километри од бегство и успеал да остане пред главната група, прославувајќи ја првата етапна победа на Џиро д’Италија.[16] Само два дена подоцна повторно бил во бегство, но овој пат бил поразен од Микел Ланда и Кошта, освојувајќи уште едно трето место на трката.
Се чувствувал болен на последната недела на Тур де Франс поради што немал добар резултат.
Скоро три седмици по Џиро, Ролан учествувал на Рут ди Сид, негова последна трка пред Тур де Франс. Губејќи скоро 10 минути по првите две етапи, Ролан не бил вистинска закана за генералниот пласман и нападнал на 4 километри до целта на третата етапа. Успеал да се одржи пред другите, освојувајќи ја втората победа во сезоната.[17] Тур де Франс не бил успешен за Ролан. Негова првична цел биле етапните победи, но низ трката се борел со ангина и бронхит, поради што трката била тешка за него. Ролан изјавил дека ако била друга трка ќе бил дома, наместо да се трка. Ролан ја завршил сезоната со Класик Бретања во август, завршувајќи на 79. место.
2018
уредиНа Париз-Ница, Пјер завршил на 23. место. Ја напуштил Волта а Каталуња на последниот ден, но се опоравил следната недела за да учествува на Сиркут де ла Сарт, каде завршил на 20. место. Потоа возел на пролетните класици, но немал добри резултати. По разочарувачката пролетна сезона, Ролан сакал да се врати на Критериум ди Дофине. Последните четири етапи на трката имале планински превои и Ролан полека напредувал кон првите десет и бил во бегство последниот ден, каде завршил 10. и се искачил на осмото место. Започнувајќи го својот десетти Тур де Франс, Ролан бил поддршка за Ригоберто Уран во планините, но Уран ја напуштил трката на етапата 11, со што Ролан имал повеќе можности за етапни победи. Ја зграбил можноста на етапата 12 – со три искачувања од екстра категорија и завршница на Алп д’Иез, каде Ролан победил во 2011 година. Иако вложил многу на етапата, Ролан и другите во бегството биле достигнати пред последното искачување. Негов најдобар резултат на етапите бил на етапата 14, каде бил во одлучувачкото бегство, но морал да се задоволи со 11. место. Ролан, исто така, возел на Вуелта а Еспања, и бил во бегство на четвртата етапа, меѓутоа не го фатил победничкиот напад во бегство од Никита Сталнов и Бен Кинг.
На 9 август било објавено дека Ролан ќе се приклучи на Витал Консепт-Б&Б Хотелс за сезоната 2019 по три поминати години во Канондејл.[18]
Достигнувања
уреди- 2007
- 1. Етапа 2 Тур ду Лимузин
- 2. Краен пласман Ла Тропикал Амиса Бонго
- 1. Етапа 1
- 2008
- 1. Планински пласман Критериум ду Дофине Либере
- 2009
- 3. Краен пласман Ла Тропикал Амиса Бонго
- 2010
- 1. Планински пласман Критериум Интернасионал
- 2. Краен пласман Сиркут де Лорен
- 1. Етапа 4
- 8. Краен пласман Критериум ду Дофине Либере
- 2011
- 10. Краен пласман Тур де Франс
- 1. Етапа 19[19]
- 1. Пласман за млад возач
- 2012
- 1. Етапа 3 Етоал де Бесеже
- 8. Краен пласман Тур де Франс
- 1. Етапа 11
- 2013
- 1. Краен пласман Сиркут де ла Сарт
- 1. Етапа 4
- 3. Париз-Камемберт
- 10. Краен пласман Џиро дел Трентино
- 2014
- 4. Краен пласман Џиро д’Италија
- 2015
- 1. Краен пласман Вуелта а Кастиља и Леон
- 1. Етапа 3
- 10. Краен пласман Тур де Франс
- Награда за борбеност на етапа 19
- 2016
- 10. Краен пласман Критериум ди Дофине
- 2017
- 1. Етапа 17 Џиро д’Италија
- 1. Етапа 3 Рут ди Сид
- 1. Спринтерски пласман Волта а Каталуња
- 6. Краен пласман Трка на Алпите
- 2018
- 8. Краен пласман Критериум ди Дофине
Распоред на резултатите на големите трки
уредиГолема трка | 2009 | 2010 | 2011 | 2012 | 2013 | 2014 | 2015 | 2016 | 2017 | 2018 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Џиро | — | — | — | — | — | 4 | — | — | 22 | — |
Тур | 21 | 58 | 10 | 8 | 24 | 11 | 10 | 16 | 54 | 27 |
Вуелта | — | СО | — | — | — | — | 50 | 50 | — | 56 |
СО = се откажал; — = не учествувал
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 „Профил на Пјер Ролан“.
- ↑ Malvestio, Carlo (22 јануари 2019). „Presentazione Squadre 2019, Vital Concept – B&B Hotels“ [Presentation of Teams 2019, Vital Concept – B & B Hotels]. SpazioCiclismo – Cyclingpro.net (италијански). Gravatar. Посетено на 27 јануари 2019.
- ↑ [1]
- ↑ Voeckler A Tour De France Contender, Says Armstrong Cyclingnews.com, 16 јули 2011
- ↑ Pierre Rolland wins 19th stage of Tour de France Архивирано на 4 март 2016 г. Yahoo! News, 19 јули 2011
- ↑ „Major setback for Rolland and Europcar“. Cyclingnews.com (англиски). Посетено на 12 октомври 2018.
- ↑ „Rolland finds solace at La Toussuire“. Cyclingnews.com (англиски). Посетено на 12 октомври 2018.
- ↑ „Circuit Cycliste Sarthe – Pays de la Loire 2013: Stage 5 Results“. Cyclingnews.com (англиски). Посетено на 12 октомври 2018.
- ↑ „Paris-Camembert 2013: Results“. Cyclingnews.com (англиски). Посетено на 12 октомври 2018.
- ↑ Питер Косинс (2014-06-01). „Mezgec wins first Grand Tour stage“. Cyclingnews.com. Бат, Обединето Кралство: Future plc. Посетено на 2 јуни 2014.
- ↑ „Volta Ciclista a Catalunya 2015: Stage 1 Results“. Cyclingnews.com (англиски). Посетено на 13 октомври 2018.
- ↑ „France's Pierre Rolland leads Volta a Catalunya“. USA TODAY (англиски). Посетено на 13 октомври 2018.
- ↑ „Кастиља и Леон: Ролан ја обезбеди титулата на трката“. Cyclingnews.com. Future plc. 20 април 2015. Посетено на 20 април 2015.
- ↑ „Пјер Ролан потпиша за Канондејл-Гармин“. Cyclingnews.com. 27 август 2015. Посетено на 27 август 2015.
- ↑ „Tour de France 2016: Stage 8 Results“. Cyclingnews.com (англиски). Посетено на 1 април 2018.
- ↑ „Giro d'Italia: Rolland steps up and wins big for Cannondale-Drapac“. Cyclingnews.com (англиски). Посетено на 1 април 2018.
- ↑ „Pierre Rolland soloes to stage three win“. 2017-06-17. Посетено на 2018-04-01.
- ↑ „Pierre Rolland signs for Vital Concept“. Cyclingnews.com (англиски). Посетено на 13 октомври 2018.
- ↑ http://www.cyclingnews.com/tour-de-france/stage-19/results
Надворешни врски
уреди„Пјер Ролан (велосипедист)“ на Ризницата ? |
- Матична страница (француски)
- Пјер Ролан на Sports Reference
- „Достигнувања на Пјер Ролан“. Cycling Archives.
- „Достигнувања на Пјер Ролан“. Cycling Quotient.
- „Достигнувања на Пјер Ролан“. ProCycling.