Пунските војни биле војни помеѓу Римската Република и Картагина водени помеѓу 264. и 146.г.п.н.е.[1] Тие се познати како Пунски војни според латинското име (punici, poenici) за предците на картагинците - феникијците.

Главната причина за војните бил судирот на интересите помеѓу Картагинското царство и Римската Република која била во подем. На почетокот на првата војна, градот-држава Картагина била доминантна сила во западното Средоземје со големо поморско царство кое се протегало по брегот на Пиринејскиот Полуостров, островите во Средоземното Море и во северна Африка од Египет до Атлантскиот Океан. Во меѓувреме, Рим завладеал со целиот Апенински Полуостров и тежнеел да се прошири понатаму.

Со крајот на третата војна, по повеќе од 100 години војување и смртта на стотици илјади војници на обете страни, Рим го освоил Картагинското царство и го уништил градот до темел. Во истиот период, Рим водел војни напоредно и со Илирија, Македонија и Сирија, кои исто така завршиле со победа. Со тоа Рим станал доминантна сила во тогашниот познат свет.

Прва пунска војна

уреди

Првата пунска војна (264.-241.г.п.н.е.) започнала како локален конфликт на Сицилија, во кој се замешале и Картагина и Рим. Војната ги чинела скапо обете страни, но по 20 години Рим излегол победник, конечно освојувајќи ја Сицилија и приморувајќи ја победената Картагина да плаќа огромни отштети. Штетите од војната ја дестабилизирале Картагина до таа мерка, што Рим ги присвоил и Сардинија и Корзика неколку години подоцна.

Во 241.г.п.н.е. Картагина била принудена да му ја отстапи Сицилија на Рим. Покрај тоа, Картагина била принудена да плаќа и огромни репарации.

Втората пунска војна

уреди
 
Војската на Ханибал навлегува во Италија преку Алпите на слонови: настанот преминал во европските легенди. Детаљ од фреска околу 1510., Капитолнски музеј, Рим

Во 219. Ханибал Барцид го нападнал Сагунтум во Хиспанија, град сојузник на Рим, што било повод за Втората пунска војна (218.-201.г.п.н.е).

На почетокот, војната се одвивала на три места: во Италија, кајшто Ханибал навлегол од север преку Алпите и неколкупати ги победил Римските легии, во Хиспанија кајшто брат му на Ханибал, Хасдрубал Барцид, ги бранел Картагинските колонијални градови со променлив успех, сè додека конечно не се повлекол кон Италија, и на Сицилија, кајшто Римјаните оствариле воена превласт.

Во Хиспанија, еден млад Римски командант, Публиј Корнелиј Скипион успеал да ги победи Картагинските сили предводени од Хасдрубал. После зацврстувањето на позициите во Хиспанија, Скипион се заканувал да ја нападне и самата Картагина, и Ханибал бил принуден да се повлече во Африка. Во Битката кај Зама во 202. Римјаните конечно го победиле Ханибал, и Картагина била принудена да склучи мир под понижувачки услови: откажување од странските колонии, плаќање на големи отштети и забрана за создавање на сопствена војска и морнарица.

Трета пунска војна

уреди

Третата пунска војна (149.-146.г.п.н.е.) значела долга опсада на Картагина, која завршила со целосно уништување на градот. Причина за избивањето на војната биле растечкото нерасположение кон Рим во Шпанија и Грција, како и подемот во поморската моќ и во богатството што го имала Картагина во 50-те години по Втората пунска војна.

Во 149., Римјаните го опсадиле градот. Картагинците, кои немале своја војска, се обидувале да се одбранат на најневозможни начини: дури ги правеле јажињата за катапултите од косите на жените. Но, воената надмоќ на Римјаните конечно дошла до израз и тие ја пробиле одбраната на градот во 146.г.п.н.е. Тие го уништиле градот, систематски го запалиле и разурнале, и целокупното население го одвеле во ропство.

Наводи

уреди
  1. Chris Scarre, "The Wars with Carthage," The Penguin Historical Atlas of Ancient Rome (London: Penguin Books, 1995), 24-25.

Надворешни врски

уреди