Пуздерци
Пуздерци — село во Општина Пробиштип, во Злетовско-пробиштипскиот регион, во околината на градот Пробиштип.
Пуздерци | |
Панорама на селото Пуздерци | |
Координати 41°56′37″N 22°08′00″E / 41.94361° СГШ; 22.13333° ИГД | |
Регион | Источен |
Општина | Пробиштип |
Област | Злетовско-пробиштипско |
Население | 9 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 2210 |
Повик. бр. | 032 |
Шифра на КО | 21028 |
Надм. вис. | 460 м |
Слава | Спасовден |
Пуздерци на општинската карта Атарот на Пуздерци во рамките на општината | |
Пуздерци на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиПуздерци се наоѓа во југозападниот дел на Пробиштипско-злетовскиот басен и територијата на Општина Пробиштип. Сместено е на левиот брег на реката Белошница, во подножјето на ридот Припор (581 м), кој се спушта и преминува во релативно пространа рамнина, над која од североисточна страна се издига ридот Костомар (707 м). Пуздерци спаѓа во групата на села од збиен тип. Селото е ридско и се наоѓа на надморска височина од 460 м. Од Пробиштип е оддалечено 9 км, а неговиот атар зафаќа површина од 6,8 км2.[2]
Историја
уредиСпоред народното кажување, првобитната селска населба била сместена во месноста Грамадиште на Долг Рид, каде што и денес се среќаваат грамади од камења. На местото се зборува дека во римско време имало црква.[3]
Од средниот век не се останати писмени извори што се однесуваат на селото, а истото не се споменува ниту во документите кои потекнуваат од Лесновскиот манастир. Првите информации за селото се среќаваат во турски пописни тефтери од 1573 година, во коишто е наведено дека меѓу населението на селото се јавувале баштини на четворица селани, од кои едната била на вдовица по име Јанка. Со воените порази на Отоманското Царство од Полска, Русија и особено од Австрија во текот на XVII век, започнал процесот на одземање на земјишните поседи во селото и претворање на христијанското население во чифлигари, а баштините во чифлици. Во 1689 година, кога австриските војски продреле до Велес и Штип, населението од селото било измачувано како и во другите села од истиот крај, при што жените и децата биле врзувани со синџири и одведувани како робови, а постарите лица биле убивани. Некој свештеник запишал:
„ | Оф, оф, оф! Тешко мене! Лут страв и неволја тогаш беше. Мајките од татковците ги делеа, а од таткото синот, младите ги робеа, а старите ги сечеа и давеа. Тогаш луѓето кон себе смртта ја повикуваа, а не животот, од проклети Турци Татари. Тешко мене, лута тага. | “ |
Во XIX век, Пуздерци се наоѓало во Штипската каза, во Отоманското Царство.
Интересно сознание од периодот на отоманската власт е тоа дека во селото немало траги на видлив отпор, а во документите и преданијата нема податоци за појавата на ајдути, што било случај во соседните села.
За време на Втората балканска војна, реката Белошица била линија на фронтот меѓу српските трупи распоредени околу Пуздерци и врвот на ридот Костомар на кој биле сместени бугарските трупи.
Во Народноослободителната војна во 1944 година имало борци и од селото Пуздерци. Тие се бореле во битките на Косово и на Сремскиот фронт, но нема податоци за загинати борци од селото.
Стопанство
уредиВо атарот на селото има земјоделска површина на 586 ха, од кои обработливото земјиште зафаќа површина од 353 ха, пасиштата зафаќаат површина од 225 ха, а шумите се простираат на површина од 7 ха.[4]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Пуздерци имало 100 жители, сите Македонци христијани.[5] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Пуздерци имало 96 жители.[6] Во тоа време, селото имало пет чифлика на Турци од Штип и Крива Паланка, а месното население главно го сочинувале чивчии.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 150 Македонци.[7]
Поради невоедначена методологија на пописите на населението во 1921 и 1931 година, каде што вкупното население било претставено како збир за повеќе населби, не е можно да се изврши веродостојна споредба со развојот на населението од пописите во времето на СФРЈ. Во тој период е забележителен раст на населението како последица на доселувањето на лица од Кривопаланечко. Сепак, бројот на населението започнал значително да опаѓа од пописот во 1971 година, во време кога селските средини биле запоставени и се соочувале со низа инфраструктурни проблеми.
Според пописот од 2002 година, во селото живееле 34 жители, од кои 32 Македонци и 2 Роми. Бројот на домаќинства изнесувал 17, а бројот на живеалишта 31.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 9 жители, сите Македонци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 100 | 96 | 227 | 253 | 255 | 147 | 96 | 56 | 59 | 34 | 9 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]
Родови
уредиПуздерци е македонско село.
Според истражувањата од 1970-тите, родови во селото се:
- Староседелци: Шапкарци (3 к.), Баба-Најдини (2 к.), Јаутовци (3 к.), Опран-Бошковци (2 к.) и Велкови (1 к.)
- Доселеници: Мазневци (4 к.) доселени се во XVIII век од селото Калниште; Шоповци (3 к.) доселени се во XIX век од селото Гиновци кај Крива Паланка; Сајтевци (5 к.) доселени се од селото Долни Стубол; Мартиновци (1 к.) доселени се од селото Гујновци. А таму биле доселени од селото Врбица кај Кочани; КанТурци (5 к.) доселени се од селото Крстов Дол кај Крива Паланка; Мишинци (3 к.) и Величкови (1 к.) доселени се од селото Подржи Коњ кај Крива Паланка; Јанковци (1 к.) доселени се од селото Луке кај Крива Паланка; Вучкови (1 к.), Анѓеловци (1 к.) и Јанкови (1 к.) доселени се од селото Подржи Коњ кај Крива Паланка; Клинчарци (2 к.) и Присојарци (2 к.) доселени се од Црцорија кај Крива Паланка; Бошкови (1 к.) доселени се од селото Луке кај Крива Паланка. Сите доселеници од кривопаланечко почнале да се населуваат во селото од пред крајот на турското владеење (со исклучок на Шоповци).[13]
Општествени установи
уредиВо минатото во селото имало основно училиште, коешто денес е затворено. Објектот во којшто било сместено училиште служи за стопанисување.[3]
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на Општина Пробиштип, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што биле споени поранешните општини, Пробиштип и Злетово. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Пробиштип.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Пробиштип. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Пробиштип.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Трооло, во која покрај селото Пуздерци, се наоѓале и селата Бучиште, Гајранци, Гујновци, Зарапинци, Куково, Лезово, Пестришино, Стризовци и Трооло. Во периодот 1950-1952 година, селото било седиште на некогашната Општина Пуздерци, во која влегувале селата Зарапинци, Куково, Пестришино, Пуздерци, Стризовци и Трооло.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 1545 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на приватен објект.[14]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 21 гласач.[15]
Културни и природни знаменитости
уреди- Цркви[16]
- Црква „Св. Илија“ — главна селска црква
- Реки[17]
- Белошица (или Белошница) — река во близина на селото, која се влева во Злетовска Река
Редовни настани
уреди- Спасовден — селска слава
Галерија
уреди-
Поглед на селото од месноста Грамадиште на Долг Рид
-
Куќи во селото
-
Селската чешма
-
Гробиштата во селото
-
Остаток од градба од римско време во месноста Грамадиште на Долг Рид
-
Пејзаж во Злетовско-пробиштипско со селото Пуздерци на десната страна
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 247–248.
- ↑ 3,0 3,1 Според кажување на жител на селото. Забележале Кирил Симеоновски, Тони Ристовски, Ѕвонко Петровски и Нино Богдановски на 29.10.2016.
- ↑ Населени места во Општина Пробиштип — Пуздерци, официјално мрежно место на Општина Пробиштип.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 232.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 134-135.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 24 ноември 2016.
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ Апостолов Александар, Кондев Тодор и Апостол Керамидчиев (1974). Злетовска област. Географско-историски осврт. Скопје.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 28.
- ↑ Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 14. ISBN 978-9989-2117-6-8.
Литература
уреди- „Турски документи за историјата на македонскиот народ“. Скопје, 1980.
- Институт за национална историја. „Историја на македонскиот народ (книга трета)“. Нова Македонија. Скопје, 1969.
- Иванов, Йордан. „Северна Македония. Исторически издирвания“. София, 1906.
- Симић, Стеван. „Историја кратовске области“. Београд, 1914.
- Соколовски, Методија (прев.). „Турски документи за историјата на македонскиот народ. Опширни пописни дефтери од XVI век за Ќустендилскиот санџак“. т. V, кн. II. Скопје, 1980.
- Шопова, Душанка. „Македонија во XVI и XVII век - Документи од цариградските архиви (1597-1646). Институт за национална историја. Скопје, 1955.