Приказната за Нал и Дамајанта

Приказната за Нал и Дамајанта е љубовна приказна за кралот Нал и за принцезата Дамајанта, која е дел од индискиот епМахабхарата“. Оваа приказна се наоѓа во „Арања Парва“ (или „Вана Парва“), третата парва од „Махабхарата“, и тоа во шестата книга на „Арања Парва“, наречена „Налопакјана Парва“.

Фајзи го претставува своето дело „Nal wa daman“ на Акбар

Содржина уреди

Приказната за кралот Нал и за принцезата Дамајанта се состои од 26 пеења.

Прво пеење: Кралот Нал, господарот на Нишад, бил убаво момче и голем јунак. Истовремено, кралот Бим, владетелот на Видарб, долго време немал деца. Еден ден, него го посетил мудрецот (браманот) Даман, по што на Бим му се родиле три деца: синовите Дам и Дант и ќерката Дамајанта. Кога слушнал за убавината на Дамајанта, кралот Нал се вљубил во неа. Еднаш, тој фатил еден лебед, кој му ветил дека ќе одлета кај Дамајанта и дека ќе ѝ каже за неговата љубов. Навстина, лебедот долетал кај Дамајанта, а таа му одговорила дека сака да се омажи за Нал.[1]

Второ пеење: Откако ја примила пораката од Нал, Дамајанта станала бледа, замислена и тажна. Поради тоа, нејзиниот татко ги повикал сите кралеви и принцеви да дојдат во неговиот дворец за Дамајанта да си избере маж од нив. И кралот Нал тргнал кон дворецот на Бим, а патем го сретнале четири богови кои, зачудени од неговата убавина, го замолиле да им биде гласник.[2]

Трето пеење: Привлечени од убавината на Дамајанта, боговите посакале да ја земат за себе и го испратиле Нал како гласник кај неа. Кога го виделе, Дамајанта и девојките од нејзината придружба биле воодушевени од убавината на Нал.[3]

Четврто пеење: Наспроти желбата на боговите, Дамајанта му кажала на Нал дека него ќе го одбере за маж, а нејзиниот одговор тој им го пренесол на боговите.[4]

Петто пеење: По еден месец, сите кралеви и боговите се собрале на изборот на Дамајанта. За да ја залажат, четирите богови се претвориле во Нал така што Дамајанта не можела да го препознае својот сакан. Тогаш, таа почнала да тажи и боговите се смилувале, па ги покажале своите божји белези. Потоа, Дамајанта го избрала Нал, а нему боговите му подариле разни наприродни способности. По свадбата, Нал се вратил во своето кралство заедно со Дамајанта и набргу им се родиле синот Индрасен и ќерката Индрасена.[5]

Шесто пеење: На враќање кон небото, боговите го сретнале лошиот дух Калиј, кој сакал да ја земе Дамајанта за жена. Кога боговите му кажале дека таа веќе го избрала Нал, Калиј се заколнал дека ќе му се одмазди на кралот Нал.[6]

Седмо пеење: Калиј отишол во земјата на Нал и по 12 години му се укажала прилика да навлезе во него. Потоа, Калиј го наговорил брат му на Нал, Пушкар, да го предизвика кралот Нал да играат комар. Наспроти молбата на своите поданици, во текот на неколку месеци, кралот Нал упорно играл комар, но постојано губел зашто бил заслепен од Калиј.[7]

Осмо пеење: Гледајќи дека пропаднале сите нејзини обиди да го запре Нал, кој го изгубил целото богатство, Дајаманта ги испратила децата кај својот татко.[8]

Деветто пеење: Откако го изгубил целото богатство, Нал бил прогонет од своето кралство и, заедно со сопругата, неколку дена скитал во околината, гладен и парталав. Еднаш, тој здогледал птици и посакал да ги улови, но тие му ја зеле и кошулата, така што тој останал и гол. Тогаш, тој сфатил дека во комарот се вмешале нечисти сили. И покрај неговата пропаст, Дамајанта му останала верна на сопругот, предлагајќи му да заминат кај нејзиниот татко.[9]

Десетто пеење: Нал и Дајаманта пристигнале до една колиба во шумата и, кога заспала Дајаманта, тој ја напуштил, зашто во него влегол лошиот дух Калиј. Сепак, воден од љубовта кон неа, Нал повторно се вратил назад, повторно побегнал и се вратил, но третиот пат конечно ја напуштил сопругата.[10]

Единаесетто пеење: Кога се разбудила, Дамајанта почнала да очајува. Барајќи го Нал во шумата, таа налетала на змија којашто почнала да ја дави. Тогаш, неа ја спасил некој ловец, кој потоа почнал да ѝ се умилкува, меѓутоа Дамајанта го проколнала и тој веднаш умрел.[11]

Дванаесетто пеење: Дамајанта продолжила да скита низ шумата, барајќи го Нал. Така, таа сретнала неколку пустиници, кои И претскажале дека повторно ќе живее среќно со својот сопруг, а потоа пустиниците исчезнале. Одејќи низ шумата, таа му се придружила на караванот што преминувал преку една река.[12]

Тринаесетто пеење: Ноќта, додека сите спиеле, побеснети шумски слонови го нападнале караванот, убивајќи многу луѓе. Преживеаните ја обвиниле Дамајанта за несреќата, мислејќи дека таа направила маѓија. Поради тоа, Дамајанта морала да избега во шумата, а потоа стигнала во градот каде што владеел Субахуј. Таму, таа ѝ се претставила на кралицата-мајка, но без да каже дека е кралица. Привлечена од нејзината убавина, кралицата-мајка ја примила Дамајанта како другарка на нејзината ќерка Сунанда.[13]

Четиринанаесетто пеење: Во меѓувреме, кога навлегол во шумата, Нал го сретнал змискиот крал, заробен во оган. Откако го спасил, змискиот крал најпрвин го претворил во грд човек (за да не го препознаат луѓето), потоа му прорекол дека ќе си го врати кралството и му дал облека со којашто ќе може повторно да се претвори во својот лик.[14]

Петнааесетто пеење: Оттука, Нал заминал кај кралот Ртупарно кому му се претставил како коњушар со име Вахук. Кралот го примил на служба, а таму Нал го сретнал својот поранешен коњушар Варшнеј.[15]

Шестнаесетто пеење: Кралот Бим испратил бројни луѓе со задача да ги пронајдат Нал и Дамајанта. Еден од нив, браманот Судев ја препознал Дамајанта.[16]

Седумнаесетто пеење: Откако Судев им ја кажал вистината на кралицата-мајка и на Сунанда, кралицата мајка (која ѝ била сестра на мајка ѝ на Дамајанта) ја вратила Дамајанта кај нејзиниот татко. Таму, таа продолжила да тагува по Нал и затоа, кралот Бим испратил многу брамани во потрага по Нал, но никаде не го нашле.[17]

Осумнаесетто пеење: По подолго време, Парнад, еден од браманите кои ги испратил кралот Бим, се вратил кај Дамајанта со веста дека кај кралот Ртупарно сретнал коњушар за кого се сомнева дека е Нал. Потоа, Дамајанта го испратила браманот Судев да го извести кралот Ртупарно дека таа сака да се премажи.[18]

Деветнаесетто пеење: Кралот Ртупарно побарал од коњушарот Вахук (кралот Нал) да подготви најбрзи коњи за да стигне кај Дамајанта за еден ден. Гледајќи ги вештините на Вахук, коњушарот Варшнеј се посомневал дека тој е, всушност, кралот Нал.[19]

Дваесетто пеење: На патот кон Видарб, Ртупарно се восхитувал на вештината на Вахук (Нал). Минувајќи крај едно дрво, кралот Ртупарно веднаш го погодил бројот на плодовите. Гледајќи го тоа, Вахук му ветил дека ќе го однесе во Видарб пред залезот на сонцето, ако му ја пренесе вештината за броење. Така, Ртупарно му ја пренесол на Нал вештината за играње комар и тогаш од него излегол лошиот дух Калиј. Нал сакал да го проколне духот, но се смилувал на неговите молби.[20]

Дваесет и прво пеење: Кралот Ртупарно пристигнал во Видарб, но таму немало никакви знаци дека се подготвува свадбата на Дамајанта. Истовремено, слушајќи ја грмотевицата на коњите, таа помислила дека дошол Нал, но збунета од неговиот лик, ја испратила слугинката Кесинија да се распраша за Нал.[21]

Дваесет и второ пеење: Кесинија разговарала со Вахук (Нал), кој ѝ ги повторил истите зборови што му ги кажал на Парнад и притоа многу се растревожил. Тогаш, Кесинија сето тоа ѝ го кажала на Дамајанта.[22]

Дваесет и трето пеење: За да се увери дека Вахук е Нал, Дамајанта се послужила со итрина: На Вахук му дале месо за да го испече, но не му дале оган и вода и тогаш, тој самиот ги наполнил садовите со вода и од ништо запалил оган. Кога Кесинија ѝ кажала на Дамајанта за чудесната моќ на Вахук, таа веќе се уверила дека тој е Нал. Најпосле, Дамајанта ги испратила децата кај Вахук, а тој, кога ги видел, се расплакал.[23]

Дваесет и четврто пеење: Дамајанта го повикала Нал кај себе, прашувајќи го зошто ја оставил сама во шумата. Тој ѝ објаснил дека тоа било дело на духот Калиј. Во исто време, Нал ја обвинил за нејзината намера да се премажи, но таа му кажала дека сето тоа било само мамка за него да го привлече да дојде кај неа. Тогаш, во собата се појавил Ветрот кој потврдил дека во текот на трите години Дамајанта му била верна на Нал. Најпосле, Нал ја облекол наметката што му ја оставил змискиот крал и така повторно го добил својот лик. Тој и Дамајанта ја поминале ноќта заедно, раскажувајќи си ги своите доживувања по разделбата.[24]

Дваесет и петто пеење: Утредента, Нал бил примен од кралот Бим, а целиот град го прославувал неговото враќање. Нал му ја пренел вештината за јавање на кралот Ртупарно, а потоа некое време останал во градот.[25]

Дваесет и шесто пеење: По еден месец, Нал се вратил во својата земја и го предизвикал Пушкар повторно да играат комар. Пушкар прифатил, убеден дека ќе победи, со намера во играта да ја добие Дамајанта. Откако победил во играта, Нал не само што му простил на својот брат, туку богато го наградил и му го оставил неговиот имот. Потоа, Нал влегол во градот, каде бил радосно пречекан од луѓето, а по некое време дошла и Дамајанта со децата. Така, Нал си го вратил кралството и владеел мудро уште долго време.[26]

Осврт кон епот уреди

Иако формално претставува дел од „Махабхарата“, епизодата за Нал и Дамајанта, всушност, може да се смета за посебен еп, кој не е поврзан со остатокот од „Махабхарата“ којшто е посветен на борбата меѓу Пандуите и Куруите. Единствената врска меѓу приказната за Нал и „Махабхарата“ е тоа што Врхадасво му ја раскажува приказната на прогонетиот господар Јудиштир, со цел да го утеши и да му даде надеж дека и неговиот живот ќе се заврши среќно, како што му се случило на Нал. И покрај претераната фантастичност и бројните повторувања, кои понекогаш делуваат монотоно, приказната за Нал и Дамајанта се смета за едно од највисоките достигнувања во епот „Махабхарата“, зашто во неа има силна, вистинска поезија. Тоа особено се однесува на богатите описи на убавината на Дамајанта, на вештините на Нал и на описите на природата, како и на разновидните слики на расположенијата на Нал и на Дамајанта. Во тој контекст, описите на душевното измачување на Нал во мигот кога ја остава Дамајанта сама во колибата, нејзиното скитање низ шумата каде што во очај им зборува на ридот, на дрвјата и на ѕверовите, и повторната средба на Нал со децата спаѓаат меѓу најдраматичните места во светската книжевност. Овој еп претставува химна на жената, на убавината и на трајноста на љубовта, а Дамајанта зазема едно од врвните места во галеријата на идеалните женски ликови во светската книжевност.[27]

Наводи уреди

  1. Pesma o kralju Nalu. Beograd: Rad, 1963, стр. 3-6.
  2. Pesma o kralju Nalu. Beograd: Rad, 1963, стр. 6-9 .
  3. Pesma o kralju Nalu. Beograd: Rad, 1963, стр. 9-12.
  4. Pesma o kralju Nalu. Beograd: Rad, 1963, стр. 12-15.
  5. Pesma o kralju Nalu. Beograd: Rad, 1963, стр. 15-20.
  6. Pesma o kralju Nalu. Beograd: Rad, 1963, стр. 20-21.
  7. Pesma o kralju Nalu. Beograd: Rad, 1963, стр. 22-23.
  8. Pesma o kralju Nalu. Beograd: Rad, 1963, стр. 24-26.
  9. Pesma o kralju Nalu. Beograd: Rad, 1963, стр. 26-30.
  10. Pesma o kralju Nalu. Beograd: Rad, 1963, стр. 30-33.
  11. Pesma o kralju Nalu. Beograd: Rad, 1963, стр. 33-37.
  12. Pesma o kralju Nalu. Beograd: Rad, 1963, стр. 37-50.
  13. Pesma o kralju Nalu. Beograd: Rad, 1963, стр. 50-57.
  14. Pesma o kralju Nalu. Beograd: Rad, 1963, стр. 57-60.
  15. Pesma o kralju Nalu. Beograd: Rad, 1963, стр. 60-62.
  16. Pesma o kralju Nalu. Beograd: Rad, 1963, стр. 62-66.
  17. Pesma o kralju Nalu. Beograd: Rad, 1963, стр. 66-71.
  18. Pesma o kralju Nalu. Beograd: Rad, 1963, стр. 71-74.
  19. Pesma o kralju Nalu. Beograd: Rad, 1963, стр. 74-78.
  20. Pesma o kralju Nalu. Beograd: Rad, 1963, стр. 78-82.
  21. Pesma o kralju Nalu. Beograd: Rad, 1963, стр. 82-86.
  22. Pesma o kralju Nalu. Beograd: Rad, 1963, стр. 86-90.
  23. Pesma o kralju Nalu. Beograd: Rad, 1963, стр. 90-93.
  24. Pesma o kralju Nalu. Beograd: Rad, 1963, стр. 93-98.
  25. Pesma o kralju Nalu. Beograd: Rad, 1963, стр. 98-100.
  26. Pesma o kralju Nalu. Beograd: Rad, 1963, стр. 100-104.
  27. Vojislav Đurić, „Pogovor“, во: Pesma o kralju Nalu. Beograd: Rad, 1963, стр. 130-132.