Прашај ја правта (англиски: Ask the Dust) - роман на американскиот писател Џон Фанте од 1939 година.

Содржина уреди

Романот се состои од 19 глави во кои е опишан тешкиот живот на дваесетгодишниот писател Артуро Бандини. Тој ги оставил родителите во Колорадо и се преселил во Лос Анџелес, со цел да стане писател. Сепак, освен еден објавен расказ, тој нема никаков успех и деновите ги минува во евтин хотел, живеејќи во крајна сиромаштија и постојано фантазирајќи за својата писателска слава. Еден ден, Артуро ја запознава келнерката Камила Лопес, која работи во блиската кафеана. Уште од првата средба, нивите односи се затегнати и исполнети со навреди и последователни извинувања. По некое време, Артуро добива значаен износ пари и повторно ја посетува Камила во кафеаната. Ноќта, тие одат на една дива плажа и се капат во океанот, а Камила го преплашува, преправајќи се дека се дави во брановите. Потоа, таа сака да води љубов со него, но навредениот Артуро ја одбива. Во следниот период повторно се нижат меѓусебните навреди меѓу нив, а Артуро постојано мисли на неа и ја посакува, но нема самодоверба.

Еднаш, сосема ненадејно во неговата хотелска соба доаѓа непозната жена, Вера Ривкен, а набргу Артуро ја посетува во нејзиниот стан, каде води љубов со неа. Во тој миг, околината е погодена од силен земјотрес и Артуро е многу уплашен, обвинувајќи се себеси. По враќањето во Лос Анџелес, тој наеднаш добива инспирација за пишување, а истовремено продолжува неговиот груб однос со Камила. Артуро повторно добива пари за објавените раскази и започнува да работи на својот прв роман. Една ноќ, во неговиот стан доаѓа Камила, која му носи раскази напишани од Семи, нејзиниот колега од кафеаната, со молба да му помогне во пишувањето. За време на повремените средби, Артуро е обземен со спротивни чувства: од една страна, постојано мисли на неа, а од друга страна, одбивна му е помислата на сексот со неа, дури и кога има можности да го направи тоа.

Артуро напредува во пишувањето на романот кој ја раскажува приказната за Вера Ривкен, а во мешувреме, во неколку наврати се гледа со Камила. Таа е вљубена во Семи, но тој не сака да ја види, поради што Камила почнува да се опива, а потоа и да се дрогира. Со текот на времето, нејзината состојба се влошува и еднаш таа полудува, така што ја затвораат во душевна болница. Артуро го објавува својот роман и заработува доволно пари за удобен живот. Од различни места, Камила му испраќа телеграми, а тој ѝ дава пари. Најпосле, таа се враќа во неговиот стан и Артуро се обидува да ја спаси. За таа цел, тој ѝ купува мало куче, а потоа изнајмува куќа крај морето со намера да живеат заедно, а тој да продолжи да пишува. Меѓутоа, Камила побегнува и Артуро оди во пустината Мохаве кај Семи, кој му кажува дека Камила заминала некаде во пустината. Артуро оди да ја побара, но без успех. Тогаш, во пустината фрла еден примерок од својот роман, со посвета на Камила, а потоа се враќа во Лос Анџелес.[1]

Критички осврт кон делото уреди

„Прашај ја правта“ е втор дел од тетралогијата „Сагата за Артуро Бандини“, а станал познат по заслуга на Чарлс Буковски, кој го напишал поговорот за овој роман и инстистирал издавачката куќа „Блек спероу прес“ да го преобјави ова дело. Врз основа на романот, во 2006 година, Роберт Тауни го снимил истоимениот филм, со Колин Фарел, Селма Хаек и Доналд Сатерленд во главните улоги.[2]

„Прашај ја правта“ е виртуозно напишан и младешки жесток роман кој се чита во еден здив, а главниот лик, Артуро Бандини, го освојува читателот со својата непосредност и суровост. Многу критичари, овој наивен и лиричен лик често го споредуваат со Холден Колфилд од романот „Ловецот во 'ржта“ на Дејвид Селинџер. „Прашај ја правта“ е веројатно најдобриот роман на Фанте - едноставен, болно искрен и силно емотивно набиен. Ритмичен, со смеса од речиси маѓепсничка едноставност и вознемирувачки психолошки пресврти, тој е динамичен, разурнувачки, сликовит и јасен поетски роман.[3]

Изданија на македонски јазик уреди

Во 2008 година, романот бил објавен во издание на „Темплум“, како 71 книга во рамките на едицијата „Магма“, со финансиска помош на Министерството за култура на Македонија. Преводот од руски јазик е дело на Владимир Јанковски. Книгата е печатена во мал формат (18 сантиметри), во мек повез и има 252 страници. Таа е каталогизирана во Националната и универзитетска библиотека Св. „Климент Охридски“ - Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-9989-189-43-2. Графичкото уредување и дизајн е дело на Бранко Прља. На предната корица е ставена слика на Eric White, а на задната корица е даден кус осврт врз авторот и книгата, како и попис на дел од објавените книги во едицијата „Магма“.[1]

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 Џон Фанте, Прашај ја правта. Скопје: Темплум, 2008.
  2. „Белешка за авторот и делото“, во: Џон Фанте, Прашај ја правта. Скопје: Темплум, 2008, стр. 249.
  3. „Белешка за авторот и делото“, во: Џон Фанте, Прашај ја правта. Скопје: Темплум, 2008, стр. 249-250.