„Полноќни камбани“ или „Фалстаф“ (англиски: Chimes at Midnight) — филм на режисерот Орсон Велс (Orson Welles) од 1966 година. Велс е автор и на сценариото, а главните улоги ги играат: Орсон Велс, Жана Моро (Jeanne Moreau), Маргарет Радерфорд (Margaret Rutherford), Џон Гилгуд (John Gielgud), Марина Влади (Marina Vlady), Волтер Кјари (Walter Chiari), Кит Бакстер (Keith Baxter), Норман Родвеј (Norman Rodway), Ралф Ричардсон (Ralph Richardson), Џереми Роу (Jeremy Rowe), Мајкл Олдриџ (Michael Aldridge) и Тони Бечли (Tony Bechley). Снимател на филмот е Едмонд Ричард (Edmond Richard), музиката е дело на Анџело Франческо Лавањино (Angelo Francesco Lavagnino). Службено, филмот се темели врз мотивите од три драми на Шекспир: „Хенри IV , прв дел“, Хенри IV, втор дел“ и „Хенри V“, како и врз некои делови од книгата „Хроника на Англија, Шкотска и Ирска“ (Chronicles of England, Scotlande and Irelande) на Рафаел Холиншед (Raphael Holinshed). Неслужбено, филмот е заснован врз дури пет Шекспирови драми и нуди специфично толкување на англиската историја со силна носталгија за добриет стари времиња. Притоа, Велс многу вешто ја меша трагедијата со т.н. слепстик (slapstick) комедија, а во неговата интерпретација, ликот на Фалстаф е истовремено смешен и трагичен. Во 1966 година, филмот освоил две награди на Канскиот филмски фестивал, а две години подоцна бил номиниран за наградата БАФТА за најдобар странски глумец.[1]

Синопсис

уреди

Дејствието на филмот се одвива во Англија на почетокот од 15 век. Младиот принц Хал (го игра Бакстер), наследникот на кралот Хенри IV, е добродушно и весело момче кое го минува времето дружејќи се со Џон Фалстаф (го игра Велс). Тие се постојани гости во меаната на Љубовницата Квикли (ја игра Радерфорд), каде се забавуваат во друштвото со алкохолот и привлечните девојки. Кралот, пак, смета дека неговиот син е несериозен и поради тоа не е достоен да ја наследи кралската круна. Во тоа време, англиските благородници подготвуваат бунт против кралот. Во битката кај Шрузбери учествува и принцот Хал, кој почнува да се менува, сфаќајќи ги своите обврски кон кралството. По смртта на татко му, Хал ја презема круната како Хенри V и веднаш го раскинува пријателството со Фалстаф, кој набргу умира.

Наводи

уреди