Папата е врховен свештеник на римокатоличката црква. Папа е римокатолички бискуп по ранг на патријарх на Рим, поглавар на Римокатоличката црква и Гркокатоличката црква (унијати), како и Коптокатоличката црква.

Грбот на папата Бенедикт XVI

Титулата на папата се определува како: „Бискуп на Рим, намесник на Исус Христос, кнез на апостолите, наследник на Свети Петар, врховен свештеник на целата црква, примус Италија, надбискуп и митрополит на Римската покраина, на суверената држава Ватикан, и слуга на Божјите слуги“.

Зборот „папа” произлегува од грчииот збор παπας, кое значи „татко, отец”. Во раното христијанство верниците така ги нарекувале своите духовни водачи. Од крајот на 2 и почетокот на III век во источното христијанство „папа” се вика и поглаварот на Александријската црква. На Запад оваа титула ја носеле епископите на Картагина и Рим. Најраниот познат натпис, во кој се среќава зборот „папа”, е пронајден врз карпите на римските катакомби на Свети Каликст и датира од крајот на III век. Од Раното средновековие зборот „папа” фигурира во црковните документи како титула на римскиот епископ, а во 1073 година папата Григориј VІІ изјавува дека право да ja носи оваа титула има единствено првосвештеникот на Рим.

Денес седиштето на папата е во црквата Свети Јован Латерански, а резиденцијата е во базиликата Свети Петар, обете во Рим.

Возраст на папите уреди

 
Список на папите погребани во базиликата Св. Петар во Рим.

Неколку папи дошле на чело на Римокатоличката црква доста млади– Јован ХІІ (955-964) на 18 години, Григориј V (966-999) – на 24, а Бенедикт ІХ (1032-1044) 20 години. Има и случаи, кога за папи се избирани доста возрасни. Така на пример, Павле ІV (1555-1559) бил на 79, а Климент Х (1670-1676) – на 80 години.

Повеќето папи се погребани во криптите под базиликата Свети Петар. И моштите за кои се верува дека се на првиот папа - Свети Петар се погребани под самиот средиштен олтар во базиликата Свети Петар.

Националност на папите уреди

Не е возможно да се утврди националноста на римските епископи до III век, но повеќето биле римјани или од други места во Италија, но имало и грци, сиријци и други. Подоцна, поголемиот број папи доаѓаат од Италија, Франција и Германија. Според официјалната статистика, од 261 папи со сигурност се знае дека околу 200 се родени во Италија, 50 се странци, а националноста на останатите не е позната.

Име на папите уреди

До VI век римските епископи си ги задржувале своите сопствени имиња. Првиот кој си го променил световното име бил Јован ІІ (533-535). Тој се викал Меркуриј и веројатно сметал за непристојно да го носи своето паганско римско име (по богот Меркур). Но, дури од средината на XVI век сите папи започнале да го менуваат своето световно име. Во однос на сегашните правила на Ватикан, по изборот на папата, деканот на кардиналскиот колегиум го прашува на веќе избраниот папа „ Кое име сакаш да го примиш?“.

Избор на нов папа уреди

Смртта на папата ja утврдува камерленгот, при што ја удира нежно главата на покојниот папа трипати со златен чекан и изговарајќи и повикувајќи го по неговото име. Лекарот може но и не мора претходно да ја утврди неговата смрт. Камерленгот тогаш му го одзима печатниот прстен на папата, кој обично стои на десната рака, и го крши во присуство на другите кардинали (за да се спречи злоупотреба).

Телото на папата во одредено време (околу четвртиот и шестиот ден по неговата смрт) се изложува во главната катедрала. Папите од XX век обично се изложуваат во Базиликата Свети Петар. По погребот започнува деветдневна жалост.

Изборот на нов папа го вршат кардинали, кои се помлади од 80 години. Изборот на папата скоро секогаш се одржува во Систинската капела во Ватикан на заседанието кое се нарекува Конклава (од лат. cum clavi – под клуч). Членовите на Конклавата заседават во Систинската капела во Ватикан и не ја напуштаат додека не се избере нов папа. Се бираат тројца кардинали кои ќе ги собераат гласовите од другите кардинали, други тројца за да ги избројат гласовите, и други тројца за да ги пребројат гласовите. Секој од кардиналите се заколнува дека гласа за оној кој Бог смета дека треба да биде изгласан. Гласањето трае сè додека еден од кандидатите не собере две третини плус еден од гласовите.

По секое гласање, гласачките ливчиња се горат. Набљудувачите однадвор чекаат да се појави чад од капелата, како знак дека е избран нов папа. Ако нема резултат, кон гласачките ливчиња се додава специјален црн прав и чадот станува црн, што означува дека изборот продолжува. Белиот чад означува дека е избран нов папа.

Кога новиот папа е конечно избран, деканот на колегиумот бара од избраниот кардинал да ја прифати оваа функција, при што се чека неговиот одговор Accepto или во спротивен случај Non accepto. Доколку прифати, се прашува кое име ќе го користи како папа. Тогаш врховниот кардинал ѓакон излегува на балконот над плоштадот Свети Петар и објавува:

Annuntio vobis gaudium magnum; habemus Papam:
Eminentissimum ac Reverendissimum Dominum, Dominum [име на кардиналот] Sanctae Romanae Ecclesiae Cardinalem 
[презиме на кардиналот] qui sibi nomen imposuit [папското име].

Што значи:

Ви објавувам голема радост; имаме папа:
Највозвишениот и најпреданиот Господин, Господин [име] кардинал на Светата Римска Црква 
[презиме] кој го презема името [папско име].

Критика на папите уреди

Во своето дело „Пофалба на глупоста“, Еразмо Ротердамски ги исмејува папите, обвинувајќи дека ги интересира само богатството, власта и удобниот живот, а дека потполно ги занемариле свештеничките должности. Исто така, тој ги обвинува папите за поттикнување на војните и нив ги нарекува безбожни и најопасни непријатели на црквата, зашто го изопачуваат Христовото учење и него го убиваат со својот срамен живот.[1]

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. Erazmo Roterdamski, Pohvala ludosti. Beograd: Rad, 2016, стр. 83-86.